„Обуката ја препорачувам на професии кои секојдневно употребуваат и анализираат податоци“

natasha panovska

Во богатото работно портфолио на Наташа Пановска се наоѓаат големи компании и искуства во кои се вбројуваат Макпетрол, UPS, Vodafone, T-Mobile, Vattenfall, кои ја оформиле во професионалецот што е денес. Во 90-тите, Наташа започнала со работа во Македонија, за потоа да замине на студии во Холандија и после 15 години да се врати дома носејќи со себе огромно искуство кое сега го применува во работата како консултант за бизнис информациони системи.

 

Со неа поразговаравме за нејзиниот образовен и професионален пат, како и мотивот да ја изучува обуката Data Analytics for Business Decision Making.

 

Вашето високо образование го имате стекнато на ЕТФ во Скопје отсек компјутерска технологија, а со тоа и вашиот прв допир со BI е кон крајот на 90-тите. Какви алатки се користеа во тоа време, споредено со она што се користи денес?

Почетоците на Business Intelligence кај нас се врзани со алатките за интеграција на различни извори на податоци на апликативно ниво, при што интеграцијата и дизајнот на извештаите се прилагодуваше во рамки на бизнис апликациите. Алатките како Crystal Reports во тоа време беа револуционерни со поддршката што ја овозможуваа за интеграција на извори на податоци од различни платформи како што се: mainframe базирани системи, MS-DOS и .Net Windows. Во тој период ретко се наоѓаа решенија со интегрирани складишта на податоци, токму затоа и овие алатки овзможуваа креирање на интегриран извештај преку директно користење на оперативните бази на податоци.

 

Во тоа време во Макпетрол (каде што и работев) имаше широка палета на извори на податоци, така што предизвикот за нивна интеграција беше голем. Алатките како што е Crystal Reports беа револуционерни во тој период, бидејќи овозможија пософистицирано визуелизирање на податоците.

 

Што ве мотивираше да запишете постдипломски студии во Ајндховен и какво ви е искуството од студирањето во Холандија?

Најголема мотивација за да ги запишам студиите беше потребата да се доедуцирам во делот на апликација на компјутерски науки во бизнис сегменти. Во тоа време на TU/e (Technische Universiteit Eindhoven) се отвори отсек за бизнис информациони системи и бев меѓу првите студенти кои следеа постдипломски студии на англиски јазик.

 

Вие сте и дел од оние што ги имаат фатено почетоците на Data Analytics во Холандија. Како изгледаше тој процес?

Кога почнав да работам во холандски компании како што е Vodafone, тие веќе имаа етаблирано BI решенија и правеа миграции на Big Data платформи, но интересно беше што податоците интегрирани и акумулирани во складиштето за податоци се користеа за апликации кои помагаа во секојдневното носење на бизнис одлуки. Тоа се алатки и апликации што големите компании ги користат за вршење на пософистицирани податочни анализи сè со цел истите да ги интегрираат во бизнис процеси како што се продажба и маркетинг или уште попрецизно за таргетирање на потрошувачи.

Воедно и аутпутот од овие апликации се користи за подолгорочни стратегиски решенија на ниво на менаџмент. Јас лично во тоа поле се снајдов навистина добро, бидејќи имав поопширно познавање на бази на податоци, апликациска логика и аналитичко знаење.

 

Во своето работно портфолио имате голем број реномирани компании во кои имате работено во неколку различни домени. Кое од нив беше најголем предизвик и од кое научивте најмногу?

Секоја компанија за мене беше големо искуство, особено затоа што компаниите за кои имам работено беа пионери во делот на користење на Data Analytics во секојдневните операции при големи количества на влезни информации, процес чија крајна цел е оптимизрање на бизнис аутпутот.

 

Фокусно имате работено во делот на ланци на снабдување, маркетинг и вештачка интелигенција. Дали има некое поле на работа во кое можеби повеќе се пронаоѓате?

Најкратко имам работено во полето на вештачката интелигенција и тоа за време на мојата работа како Product Manager во PegaSystems. Меѓутоа е место каде што почувствував најголема реализација на мојата образовна позадина.

 

После 15 години минати во Холандија, се вративте во Македонија каде сега работите како консултант за бизнис информациони системи. Како одеше процесот на аклиматизација дома и какви промени забележавте штом се вративте, особено во темпото со кое BI се имплементира сега споредено со вашите почетоци?

Искрено, навистина беше голем предизвик, особено затоа што во Холандија работев на многу софистицирани платформи за интеграција на Data Analytics и моето знаење беше фокусирано на архитектура и развој на овие алатки.

Во Македонија во моментов се работи на основно користење на податоците. Во превод ова значи дека нема развој на софтверски решенија што би ги користеле аналитичките аутпути, што во суштина претставува едно пософистицирано ниво на вештачка интелигенција.

 

Зошто одбравте да ја изучувате обуката Data Analytics for Business Decision Making и како ви се допаѓа начинот на кој е креирана програмата како и нејзината имплементација?

Програмата е одлично креирана за изучување на овие алатки преку интерактивни вежби, како и простор за дополнително вежбање. Платформата што ни беше дадена за изучување на Python е интуитивна и лесна за користење. Драго ми е што започнавме да изучуваме и техники за анализирање на податоци.

 

На кои профили би им ја препорачале обуката, односно изучувањето на Python, SQL и Power BI опфатени во неа?

По мое мислење овој вид на обука навистина би им користела на професии каде што недостигаат технички алатки за анализирање и презентација на податоци. Поточно професии кои употребуваат и анализираат податоци секојдневно како што е во економијата, финансиите, маркетинг, општествените науки и слично.