„Дигитализацијата поттикнува забрзан развој на сегментот за обработка на податоци и анализи“

Мартина Исаиева Интервју

Мартина Исаиева е личност која не се плаши од обврски. И покрај тоа што целиот ден и’ е исполнет со приватни и професионални предизвици, таа со себе носи оптимизам и желба за напредок. Ова е најголемиот мотиватор за таа да се одлучи да учи на обуката Data Analytics for Business Decision Making, која ја посетува со цел да ја олесни својата работа како финансиски аналитичар во градежна компанија која се занимава со изградба на хидроцентрали и фотонапонски централи. 

Со неа разговаравме околу работните обврски и искуства, односно колку прецизниот приказ на податоците игра клучна улога за носење на добри бизнис одлуки.

 

Имате навистина големо искуство во делот на анализа на податоци во финансии. Како личност која од банкарски сектор има преминато во градежен сектор, можете ли да ни направите паралела помеѓу искуството со податоци во банкарски наспроти градежен сектор?

Станува збор за два сектори кои се многу динамични и подложни на постојани законски и регулативни промени, но и промени кои произлегуваат од брзиот раст и развој на економијата и пазарот. Токму затоа се јавува потребата за постојано следење и анализирање на податоците кои ни ги дава пазарот, за да може брзо и навремено да се дејствува.

Банката како една голема институција, секојдневно евидентира оромен број на нови податоци, кои со автоматизирани процеси се проследуваат до банкарскиот систем, односно нејзината база на податоци. Станува збор за податоци кои мора секојдневно да се следат и анализираат, бидејќи ја даваат сликата за банката и насоката во која се движи во однос на продажба на нејзините продукти. Динамиката на работата која ја има банката наложува секојдневно известување до менаџментот, со однапред воспоставени извештаи, но и постојано креирање нови извештаи сè во зависност од потребата на известување и информирање на менаџментот.
Градежниот сектор исто така е доста динамичен, но тука веќе не станува збор за анализа на податоци на дневно ниво, туку истото се сведува на месечно ниво или по потреба на менаџментот.

Анализите се прават пред започнување на планиран проект, при што се поставуваат финансиските цели кои се очекува да бидат постигнати, динамиката на работа, периодот на реализација… Сите овие ставки се следат во текот на реализација на проектот, особено во овој период од Ковид кризата, кога имаме постојани промени во цените на пазарот, динамиката на известување е почеста, сè со цел навремено да се реагира.


Кои алатки во вашиот домен ја олеснуваат работата со податоци и на кој начин? Во кој момент Екселот станува еден вид на кочница на процесот?

Досега целокупното мое работење е сведено на работење во соодветен софтвер за евиденција на податоците, а анализите ги работам во Ексел, кој најчесто е изгенериран извештај од софтвер, но кој мора да се доработи, за да може да се извлечат заклучоци и анализата да се испрезентира.

Што значи дека целиот Microsoft office го користам за да добијам еден убав и јасен приказ на податоците и информациите. Целата постапка одзема многу време, преполни Ексели кои кочат, поставени многу формули зависни едни од други, поради што и најмала несакана грешка може да предизвика хаос во податоците. Посебна мака претставува кога треба да се направи некоја промена, па наместо со еден клик, потребно е да се направат промени на неколку места што исто така може да придонесе до несакана грешка, која понатаму би можела да влијае на одредени заклучоци.

Сега, со алатките кои ги изучуваме на обуката, целата обработка на податоците е многу поедноставна, побрза и главен акцент се става на анализа на податоците и влечење заклучоци.

Вие сте економист по професија со долгогодишно искуство во банкарскиот сектор. Ако се навратите наназад, што е она што ве привлече кон економските науки?

Јас сум дипломиран економист од областа на сметководство и ревизија. Главна причина за запишување на овие студии е постојаната атрактивност и динамиката која ја има економијата како наука, широкиот опсег на знаење кое може да се добие и потребата од постојано надоградување и усовршување.

Многумина сметаат дека сметководството е една монотона професија, каде се оди по шема без отстапување, но јас не се согласувам со ова. Ако се погледне пошироко, во секоја компанија внесот на податоци, кога зборуваме за сработеното преточено во бројки, се прави токму преку сметководството. Точната и навремена сметководствена евиденција овозможува во секој момент да ја имаме јасната финансиска слика на компанијата, од која во голема мера зависи носењето на бизнис одлуките.

Кога добро ќе се совлада сметководството, кое е логиката на движењето на бизнисот и истото се надополни со соодветни аналитички способности кои овозможуваат јасно читање и презентирање на веќе внесените податоци, тогаш се добива добар бизнис аналитичар. Сакам да ја имам големата слика за она што го работам, па затоа и се пронаоѓам во мојата професија.

 

Имајќи го предвид вашето искуство, колкава е важноста од добрата структурираност на податоците при правење на финансиска анализа?

Најважна ☺ Податоците сами за себе не значат ништо. Секој еден податок мора добро да се разбере, да му се одреди значењето, влијанието кое го има во секој еден сегмент од работењето, односно на секој податок треба да му се доделат атрибути по кои понатаму истиот ќе се третира и анализира.

Најкомплексен дел од работата со податоци е да се направи структурата, податоците точно да се групираат и секој податок да се најде на соодветна позиција која има значајно влијание при носење на заклучоците. Едно погрешно позиционирање на податок, може да придонесе за целосно изместување на добиените резултати, а со тоа и до носење на погрешни заклучоци.

Доколку базите на податоци на компаниите се добро структурирани, односно, ако уште при самиот влез на податокот во систем му се зададат соодветните позиции, атрибути, анализите се прават брзо и даваат заклучоци на кои секој менаџер може да се потпре.

 

Дали македонскиот сектор се аклиматизираше на потребата за напредни анализи со податоци и колку обуките како Data Analytics for Business Decision Making придонесуваат за да се забрза процесот на користење поефикасни алатки од Ексел?

Самиот процес на дигитализација поттикнува и забрзан развој на сегментот на обработка на податоци и анализи. Дигитализацијата која беше започната во македонскиот приватен сектор, не по своја волја, е значително забрзана во периодов на Ковид кризата. Сите компании кои беа во чекор со дигиталните промени, многу брзо ја приспособија својата работа за време на кризата и брзо одговорија на новите предизвици и се истакнаа пред конкуренцијата.

За да се одговори на сите предизвици кои ни ги носи иднината, пред сè тука е формалното образование, кое е незамeнливо, но обуките кои ги нуди неформалното образование во голема мера го помагаат формалното образование. 

Сметам дека компаниите во нашата земја се свесни за потребата од стручни и специјализирани вработени, па затоа сè повеќе истакнатите вработени ги поттикнуваат и поддржуваат за посета на вакви обуки. Дефинитивно користа е обострана.

 

Какво предзнаење имавте пред запишувањето на обуката и кој беше главниот мотив за да ја посетувате истата?

Како што напоменав, целокупното мое работење до сега било во Microsoft office, никогаш не сум имала можноста да работам во Python, SQL, Power BI.За обуката дознав од социјалните медиуми, веднаш посакав да се пријавам, сакам нови предизвици и секое ново знаење, особено во денешно време, ако е од IT сегментот, е добредојдено.

Единствено што помислив е како за 4 месеци, без никакво предзнаење од областа, ќе успеам да совладам толку многу нов материјал?! Но, за среќа обуката е многу добро смислена, се почнува од основните работи и благодарение на предавачите е сведена на ниво кое можат сите да го разберат.

Како економист сметам дека во ова динамично време на работа, неопходно е познавање на овие алатки, без разлика во кој сегмент работиме, дали како сметководител, дали како аналитичар, неопходно е познавањето на податоците со кои располагаме, начинот на анализа и презентација на истите.

Автоматизацијата на процесите придонесува да нема веќе голема потреба од човечки фактор при внес на податоци, па така целокупната работа на економистите оди на едно повисоко ниво, а тоа е анализа, носење заклучоци, давање совети при носење на деловни одлуки.

 

На кој начин она што го изучувате на обуката ќе ви помогне во вашата сегашна работа?

Обуката ќе ми го олесни работењето во целост. Извештаите кои ги правев досега, ќе можам да ги преструктуирам, да ги надградам, да ги поедноставам, па така на еден поефикасен начин да добијам извештаи за целокупното работење кои ќе бидат попрецизни, поедноставни за обработка и за разбирање.

Моментално изучуваме Power BI, алатка која на прв поглед многу ветува при визуелизација на податоците и од која имам високи очекувања. Фазата на презентирање на добиeните податоци од секоја анализа е многу важен дел, кој треба да е јасно претставен и на корисниците на анализите да им ја долови целата слика, но на едноставен начин со јасно истакнати заклучоци.

 

Кому би препорачале ваков вид на обука која опфаќа модули како што се Python, SQL, Power BI?

Пред сè би ја препорачала на сите оние кои работат на обработка на масовни податоци, односно на сите кои работат во некои од следниве сектори: ревизија, сметководство, осигурување, финасиски консалтинг, банкарство, маркетинг, управување со ризици.

Потоа, на сите оние кои едноставно сакаат да го надополнат своето знаење и вештини или сакаат промена во својата кариера, бидејќи оваа обука може да одговори на предизвиците од иднината.

Дигиталните вештини сè повеќе се клучен дел од образованието и работните места, тие придонесуваат за индивидуален, но и општествен развој, затоа е потребно навремено да фатиме чекор со дигиталната писменост.

Свесноста за дигиталната писменост е на сè повисоко ниво. Во ова значајна улога имаат и странските IT компании кои сè повеќе отвараат преставништва во нашата земја, па со тоа и спектарот на професии е сè поголем, што претставува голем мотив за младите, но и добар know-how за домашните компании.

Овој тип на обуки се корисни и за младите кои сè уште не ја определиле својата професија.

Share on facebook
Share on twitter
Share on linkedin