„BI консултантите ќе бидат клучот за успешно работење на компаниите“

Vlatko Cubrinovski

Влатко Чубриновски е личност на кого континуираната надградба на знаењето му е главна водилка во професионалниот живот или како што во разговор со нас ни посочи „потребен ми е постојан предизвик“. Како економист кој веќе седум години е дел од банкарскиот сектор, тој секојдневно има прилика да го види бенефитот од прибирањето и анализата на податоците, знаење кое сега го надградува преку посета на обуката Data Analytics for Business Decision Making која опфаќа изучување на Python, SQL и Power BI.

 

Вие сте татко на близначиња, сопруг, со постојан работен ангажман во банка и воедно посетувате обука за надградба на знаењето. Како успевате да го постигнете сето ова?

Да, прекрасно е кога денот е исполнет со активности на различни полиња. За да го постигнам сето тоа пред сè е заслужна желбата за континуирана надградба на знаењето. Со добра организација на обврските успевам да го реализирам она што ме исполнува, што во суштина го дефинирам како потреба за нови предизвици. Секако и поддршката од сопругата многу придонесува за да можам да ги изменаџирам обврските.

 

Што е она што ве привлече да изучувате економски науки?

Пресудно за да изучувам економски науки беше склоноста кон бројките – отсекогаш сум сакал да работам со нив и да го извлечам она што тие го кажуваат. Наједноставно кажано работата со бројки ме исполнува. 

 

Како референт за администрирање и сервисирање на услуги во Уни Банка постојано обработувате и анализирате податоци. Што всушност подразбираат вашите обврски и какво место заземаат податоците во вашата работа?

Нашите секојдневни активности се состојат од креирање на извештаи, анализа на податоци од интерната база, изработка на графикони, сервисирање и промени на постоечките продукти, како и давање предлози за нови конкурентни продукти на пазарот. Од тој аспект податоците се од круцијално значење за извршување на секојдневните работни активности.

 

На каков начин податоците помагаат во ситуација кога банката планира пласман на нов производ на пазарот? Каде вие го гледате практично бенефитот од податоците во вашата работа?

Како што наведов, податоците претставуваат клучен дел во нашето работење. Добрата обработка на податоците и логичкиот пристап ни овозможуваат формирање на целни таргет групи, но и претставуваат водилка за пласман на нов продукт кој ќе ги задоволи потребите на нашите клиенти. Бенефитот го гледаме во задоволните постоечки клиенти, како и во континуираното зголемување на базата со нови клиенти. Ова главно се согледува преку пораст во продажбата во однос на минатото, проследено со позитивни финансиски извештаи. 

 

Надградбата на вештини е нешто што веќе е задолжително за економистите, особено во делот на обработка и анализа на податоци. Како вие гледате на промената на пазарот на труд и надградбата што ја овозможува неформалното образование?

Неформалното образование претставува клучна алка во процесот на промена на пазарот на трудот. Видливо е последниве две години колку брзо се случуваат промени на глобалниот пазар, а и кај нас, како и потребата од користење на електронски услуги како e-bank и online shopping.

 

За да бидеме во тек со случувањата и промените неопходна е континуирана надградба на вештините и алатките за работа. Неформалното образование кое во суштина побргу ги фаќа и применува промените е одлична можност за надградба на знаењето и тоа не само преку теорија, туку и преку работа на реални проекти и споделување на идеи.  

 

Гледано од оваа перспектива, како според вас ќе се развива банкарскиот сектор во Македонија во делот на собирање и анализа на податоците? Дали веќе ги забележувате промените или допрва ќе се имплементираат со поголемо темпо?

Како поминува времето, модернизацијата и дигитализацијата се приоритет не само на банкарскиот сектор туку и на секоја компанија сè со цел подобрување на услугите. Мислам дека во времето кое допрва доаѓа промените од аспект на дигитализација и модернизација ќе се имплементираат со сè поголемо темпо. Со самото тоа потребата за собирање и обработка на бази на податоци ќе станува сè поголема, а тоа пак ќе влијае на зголемување на потребата од BI консултанти.

 

Зошто ја одбравте токму оваа обука од Data Masters и кому би ја препорачале?

Оваа обука ја одбрав како одлична прилика за континуирана надградба на знаењето и можност за работа со огромни бази на податоци. Сметам дека во иднина анализата на податоци и BI консултантите ќе бидат клучот за успешно работење на компаниите. Обуката ја препорачувам на сите финансиски работници и компании кои преку анализата на податоци сакаат да носат подобри бизнис одлуки и да го трасираат својот пат до успехот.

 

Обуката ја изучувате без предзнаење за Python, SQL, Power BI. Колкав предизвик беше да се започне од нула и какви се вашите впечатоци?

Предизвикот е огромен, бидејќи немав предзнање и се соочив со нешто сосема ново за мене, меѓутоа добрата организација на целиот тим и посветеноста на менторите на Data Masters ми помогнаа лесно да се вклопам. Позитивно сум изненаден од атмосферата за време на часовите, што влијаеше уште повеќе да се зголеми мотивираноста и желбата за остварување на целта поради која се запишав на обуката.

 

Кои се предностите на овој вид на обуки и колку практичниот дел на решавање на задачи од програмата ви помага во совладување на материјалот?

Концептот на кој е поставена обуката односно креативноста и начинот на презентирање и споделување на искуството, како и достапноста на менторите за дополнителни прашања и тоа како ја олеснува можноста за совладување на материјалот. Тенденцијата за решавање на што повеќе практични задачи дефинитивно дава можност за изразување на креативноста при решавањето. Мене лично тој дел многу ми помага за изучување на материјалот.