Идеја што направи револуција
Идејата за изнајмување на сопствен простор преку Airbnb е вообичаен начин на заработка за многумина ширум светот кои поседуваат недвижност што не ја користат во целост. И не само тоа, овој начин за остварување на дополнителна заработка овозможува на милиони луѓе да го доживеат местото во кое се сместени на посебен начин, раскажано од самите домаќини кај кои престојуваат. Секако, коронавирусот влијаеше врз стагнацијата на сето ова, носејќи големи загуби со себе, но воопшто не е претерано, ако се рече дека идејата на Џо Џебија и Брајан Чески која почнала да се реализира првично во Сан Франциско, направи револуција во светски рамки.
„Ние веруваме дека најдобрите решенија доаѓаат преку обидот самите да го решите својот проблем. Ако имате реален проблем, веројатно постои и некој друг кој се наоѓа во истата ситуација. Така и беше создаден Airbnb“ – вели Џо Џебија.
А идејата навистина и била родена така. Џебија и Чески биле цимери во Сан Франциско, но не заработувале доволно за да си ја платат киријата и тогаш Џо пишува мејл до Брајан со една едноставна идеја – ајде да го изнајмиме нашиот стан на млади дизајнери за времетраење на конкретен настан во Сан Франциско, нудејќи им мал простор (кревет, wi-fi, биро).
Идејата основачите почнуваат да ја имплементираат во 2007 година и во првите две години, истата имала долго име AirBedandBreakfast.com, но кога во 2009 година добиваат 7 милиони долари инвестиција името се скратува во она што го знаеме денес – Airbnb.
До 2012 година, Airbnb стигна до бројката на милион резервации и бизнисот галопираше напред, растејќи со претставништва во различни држави, но и со бројот на членови во тимот. Пред да започне пандемијата со коронавирусот, проценките беа дека компанијата вреди околу 38 милијарди долари.
Airbnb низ значајни податоци
Податоците заклучно со септември 2020 велат дека Airbnb може да се пофали со следниве бројки:
- Над 800 милиони престојувања (реализирани преку Airbnb)
- Над 4 милиони домаќини кои изнајмуваат простор
- Изнајмувачите на простор имаат заработено над 110 милијарди долари преку Airbnb
- Во рамки на различните простори за изнајмување меѓудругото се наоѓаат 40.000 фарми, 24.000 мали домови, 5.600 бродови, 3.500 замоци
Поддршка за жените Data Scientists
Airbnb има огромен придонес во привлекување и поттик на дамите како таленти во областа на Data Science. Ова било активна мерка, бидејќи пред неколку години од компанијата забележале дека само 10% од вработените во овој оддел биле жени и одлучиле да го сменат тоа, првично започнувајќи од самиот нивен процес на селекција на вработени. Имено, забележале дека има доста жени апликанти, но процентот на жени кои работат во делот на Data Science е мал. И затоа и ги тргнале имињата што се врзуваат со проекти во компанијата, а воедно и на презентациите пред да се добие работното место почнале да вклучуваат жени (претходно новите вработени презентирале пред доминантно машка публика).
Но, Airbnb има влијаено и на поголемиот пазар на труд за да го поттикне вработувањето на жени во Data Science. Тоа го има сторено преку создавање на серија на говори насловени “Small Talks, Big Data”.
Како Data Science се користи во Airbnb?
Со толку големо присуство на корисници, Airbnb има голем број на податоци кои активно ги анализира за да создаде нови услуги, да ги подобри постоечките, но и ги користи за реализирање на маркетинг цели. Обемот на податоци вклучува корисници кои го користат за сместување, изнајмувачи на простор, посети и пребарувања на сајтот итн. Data Science има голем придонес во воздигнувањето на компанијата, бидејќи има клучна улога во спојувањето на оние што бараат сместување и оние што изнајмуваат простор.
Една од најголемите придобивки од користењето на Data Science е што на посетителите на Airbnb им овозможува да добијат подобри резултати при пребарување. Ова се само неколку примери како Data Science се користи од страна на Airbnb:
A/B тестирање
Еден од начините на кои го прави тоа е A/B тестирање при што ги изложува корисниците на различни видови на алгоритми за препораки и рангирање за да ја види ефективноста на нивниот пристап (и за да го подобри, ако е потребно). Целта е на крајот да видат дали ги спојуваат вистинските луѓе.
Визуелно претставување
Фотографиите имаат огромна улога за носење на одлуката дали некој би престојувал на одредено место. Airbnb прави анализа на фотографиите со цел да одреди кои фотографии им се допаѓаат на корисниците, што всушност сакаат да видат на нив и кои фотографии имаат најмногу кликови. Целта е да им се помогне на оние кои изнајмуваат простор да го презентираат својот простор на најдобар можен начин за да го привлечат и задржат вниманието на корисниците.
NLP
Искуствата на посетителите, рејтингот и препораките што ги даваат се во голема мера заслужни за тоа дали некој друг корисник ќе сака да се смести во истото место. И тука доаѓа на сцена човечкиот фактор – некогаш иако сместувањето не е на високо ниво, добрата интеракција со домаќините ги мотивира оние што престојувале да дадат врвни оценки од емотивни причини (иако реално условите за сместување не се на високо ниво), на некој начин оставајќи лажна слика. Токму затоа Airbnb користи NLP (Natural language processing) за да ги анализира пораките преку sentiment analysis.
Погледнете го видеото со Мартин Даниел (Data Scientist во Airbnb) за подетално да се запознаете за тоа како компанијата користи Data Science.