„Професионалната надградба е постојан процес што не треба да запре“ – интервју со Моника Андоновска

pr-monika-andonovska-blog

Ако се направи сиже, тогаш слободно може да се рече дека едукативниот и професионалниот пат на Моника Андоновска е комплетно посветен на економијата и финансиите. Нејзината желба за надградба на знаењето ја мотивирала да се запише на обуката Data Analytics for Business Decision Making, каде успешно се справува со новитети за учење како што се совладувањето на Python, SQL и Power BI, за кои е сигурна дека ќе и’ помогнат во понатамошната кариера.

Со неа разговаравме за нејзиниот мотив да се запише на обуката, зошто токму овој период е можеби идеален да се искористи за надградување на знаењето и како гледа на иднината на пазарот на труд за економистите.

 

Велиш дека некое време имаш размислувано да го надградиш знаењето преку обука. Зошто се реши токму за Data Analytics for Business Decision Making?

Решив да се запишам на оваа обука затоа што сметам дека претставува одлично надополнување на моето знаење за анализа и обработка на податоци, стекнато во текот на моето досегашно работно искуство. Мислам дека изучувањето на Python, SQL и Power BI дополнително ќе ги развијат моите вештини, способности и логика како аналитичар и ќе ми помогнат работата да ја извршувам побрзо, поефикасно и подобро.

 

Колку знаењето што го добиваш сега го надополнува она што претходно го имаш стекнато преку формалното образование? Како всушност гледаш на синергијата помеѓу она што го нуди формалното и неформалното образование?

Формалното образование дава солидна стартна основа за влез во професионалниот свет според струката која сме ја избрале, но, откако ќе го завршиме истото не би требало да запреме со учење. Напротив, за да оствариме раст и развој како на личен, така и на професионален план, тоа знаење постојано треба да се надоградува, а тука влегува во игра неформалното образование. Преку вакви и слични обуки можеме да се стекнеме со знаења и вештини кои можеби се и надвор од нашата струка, но ќе ни помогнат да бидеме поконкурентни и да држиме чекор со промените на пазарот на труд. Посебно во денешно време, професионалната надградба е постојан процес што не треба да запре.

 

Веќе седум години работиш во банкарскиот сектор и тоа во дел за управување со кредитниот ризик. Кои се задолженијата што ги носи твојата работна позиција?

Накратко, мојата работа се состои од континуирано следење на состојбата и движењето на нефункционалното портфолио од аспект на управувањето со кредитниот ризик, што подразбира изработка на најразлични анализи и извештаи на редовна основа (неделна, месечна, квартална), како и голем број на ad hoc анализи во зависност од моменталните потреби и состојбата на пазарот.

 

Твојата работа подразбира постојано прегледување и анализа на податоци во Excel. Кои се недостатоците на Excel што може да се подобрат преку она што го изучуваш на обуката? Каде ја гледаш практичната примена на стекнатото знаење?

Како што кажавте, јас секојдневно користам Microsoft Excel и можам да кажам дека тоа е многу моќна, интересна и корисна алатка за организација, обработка и анализа на податоци. Мислам дека најголемите недостатоци се ограничениот простор за складирање на податоците, брзината на процесирање, посебно при работа со голема база и тоа што податоците мора постојано да се ажурираат. SQL и Power BI овозможуваат поврзување со различни извори на податоци и работа со real time data, поголема брзина при самата обработка на податоците без оглед на големината на базата на податоци, поставување на различни query-ja и dashbord-и согласно нашите потреби, како и најразлични начини за визуелизација на резултатите, а сето ова придонесува за поквалитетна и поефикасна анализа.

 

Какво предзнаење поседуваше пред да се запишеш на обуката и кој дел досега ти беше најинтересен за совладување?

Единствено предзнаење ми беше работата во Excel и секако дека тоа ми помогна при совладувањето на материјалот, но, сепак мислам дека секој што сака да ги научи овие јазици и алатки може да се снајде без проблем, затоа што истите се доста интуитивни и user friendly, а и предавачите се достапни во секое време за совет и помош. За мене најголем предизвик беше Python, од причина што досега сум немала искуство со програмирање, па ми требаше повеќе време за совладување на синтаксата на овој јазик, за разлика од SQL-от. Со Power BI алатката сме на почетокот од изучувањето, но, од она што досега го изучивме, ми делува како многу интересна алатка која нуди голем број на можности и начини за визуелно презентирање на податоците.

 

Рестрикциите што ги донесе пандемијата значеа голема промена за сите, воедно и во начинот на кој се врши едукација. Гледано низ позитивна призма, дали постојат предности во онлајн едукацијата што ти го олеснуваат совладувањето на материјалот?

Онлајн едукацијата дефинитивно има предности, иако морам да кажам дека на почетокот бев скептична во врска со ова. Најголемата предност е тоа што часовите се снимаат, така што и кога не си во можност да го следиш часот online, го имаш видеото на располагање, со што не губиш од материјалот. Исто така, тоа што видеото можеш да го гледаш неограничен број пати, помага при решавање на домашните задачи и го олеснува ревидирањето на изученото.

 

Пазарот на труд за економистите почнува да се менува, односно во сè поголема мера ќе се бара тие да поседуваат нови вештини и познавање на програми и алатки. Како гледаш на сето ова и што сметаш дека во иднина економистите ќе мора да го поседуваат како знаење?

Во огласите за работа на светскиот пазар, но и кај нас, веќе можеме да забележиме дека за економистот да биде конкурентен на пазарот веќе не е доволно да биде само економист, односно потребно е да има познавање не само од бизнисот, туку и од вакви алатки и програми. Може да се каже дека, на некој начин, настанува преплетување на професиите и за да можеме да одговориме на овој предизвик ќе мораме да ги прошируваме нашите знаења и да стекнуваме нови вештини, при што, мислам дека познавањето на Data Analysis и Data Science би било од големо значење.

 

Навраќајќи се на моментот на новите правила на работење во пандемијата, како одржуваш баланс помеѓу работењето од дома, дополнителната едукација и потребата за социјализација?

Работата од дома за мене беше предизвик, пред сè поради тоа што често задачите ги извршувавме тимски, па најмногу ми фали социјализацијата со моите колеги. Но, предност на работењето од дома е тоа што се заштедува време (пример, времето што го трошиме на пат до и од работа), па така ми останува повеќе време за дополнителни активности и едукација, што ми помага да бидам пофлексибилна во одржувањето на овој баланс.

 

Кому би ја препорачала обуката Data Analytics for Business Decision Making?

Оваа обука би ја препорачала не само на економистите, туку и на сите оние чија работа вклучува анализа на податоци и изготвување и анализа на извештаи, затоа што мислам дека ќе го олесни и ќе го подобри квалитетот на нивното секојдневно работење и ќе придонесе за донесување на подобри и побрзи бизнис одлуки.

Интервјуа со нашите студенти