„Data Science е сегашност, а не иднина“

intervju-risto

Кариерата ја започнал во 2006 година, кога веднаш по дипломирањето на Економскиот факултет (отсек сметководство и ревизија) во Скопје, се вработил како надворешен ревизор во меѓународна ревизорска куќа. Потоа во следните 3 години, односно до 2009 година неговата кариера ја градел во надворешната ревизија, извршувајќи задачи од областа на финансиска ревизија на повеќе од 30 компании од земјата и регионот. Во 2009 година се вработил во една од најголемите банки во земјата на позиција внатрешен ревизор. На оваа позиција работел 10 години, како дел од тимот кој извршувал ревизии во сите филијали и ревизии на сите централни функции на банката. По поминати 13 години како ревизор, се одлучил да премине во консултантските води. Така, од декември 2019 година се приклучи во даночниот консултантски тим на најголемата меѓународна ревизорска и консултантска куќа во земјата и работи како сениор аналитичар за трансферни цени.

Со какви предизвици се соочувате во секојдневното работење?

Работата во банка наложуваше да се ревидираат пресметките кои се користат во моделот за предвидување на PD (Probability of Default). За мене како искусен внатрешен ревизор најголемиот предизвик се однесуваше на тоа да ги разберам предвидувањата кои овој модел ги овозможува. Денес, на позиција Сениор аналитичар за трансферни цени, работејќи на студии за трансферни цени најголемите предизвици во секојдневното работење се однесуваат на обезбедување услуги од врвен квалитет, изработка на анализи поткрепени со многу релеванти податоци и презентирање на ваквите анализи во студија за трансферни цени.

Споделете го Вашето достигнување со кое најмногу се гордеете?

Во моето досегашно повеќегодишно искуство се соочував со различни проблеми и предизвици. Притоа, моите принципи се базирани на тоа да одговорам со најголема професионалност и посветеност во овие ситуации. На овој начин се стекнувам со уште повеќе знаење и истрајност во решавањето на проблемите што ме квалификува се повеќе како успешен консултант во областа на финансиите и даноците. Сепак, најмногу се гордеам кога заедно со тимот со кој работам успеваме за кратко време да решиме проблеми, за кои се сметало дека е многу тешко или невозможно да се реши.

Зошто ја одбравте Data Science Академијата на Data Masters?

Подолго време размислував да ги продлабочам моите знаења во областа на IT индустријата. Отсекогаш сум имал голем интерес за статистика и математика. За академијата дознав од еден многу драг пријател кој веќе работеше во ИТ секторот како бизнис аналитичар. Оваа „нова“ индустрија нудеше можност за примена на статистички модели при обработка на податоци кои се користат за да се изработат модели за предвидување. Освен тоа по направеното детално истражување сфатив дека во тоа време Data Masters беше единствена компанија која нудеше академија за Data Science и дека тимот на Data Masters, кои се истовремено и  предавачи на академијата имаат практично меѓународно искуство во осигурителниот/финансискиот сектор во областа на Data Science.

Поминаа 8 месеци од Академијата. Дали се сеќавате на вашата прва средба?

Првата средба ме потсетува на Мартина и интервјуто со кое требаше да се оцени дали можам да ја посетувам академијата. На првото прашање на Мартина за очекувањата од оваа академија отворено разговаравме за предизвиците со кои се среќавам во секојдневното работење. Како што веќе напоменав, не можев да ги разберам во целост пресметките кои се користат во моделот за предвидување на PD (Probability of Default). Овие пресметки беа неопходни во спроведувањето на квалитетна ревизија на моделот. Ме охрабри нејзиниот одговор кој беше позитивен, велејќи дека по завршување на академијата не само што ќе можам да го разберам, туку ќе научам и да го креирам истиот модел.

Какво е Вашето искуство на оnline часовите?

Прекрасно искуство каде квалитетот на предавањето е на исто ниво како кога бевме во канцеларија. Нема никаква разлика помеѓу online час и час одржан во канцеларија. Исто така освен тоа што квалитетот не е нарушен, ми останува и повеќе време за себе и за семејството.

Каков „свет“ ви отвори оваа Академија? Како наученото тука го применувате во вашиот бизнис?

Дефинитивно ми го смени начинот на анализа на податоците. Excel го користам само доколку имам мал сет на податоци, но најголемиот дел од податоците се големи и Excel едноставно не врши работа. Python го користам за да ми го скрати времето на анализа на податоците и визуелизација на направената анализа за интерни потреби. Power BI алатката ја користам за креирање на визуелизации на финални податоци кои треба да ги ставам во извештај бидејќи дава многу поубава и поразбирлива слика на голем сет на податоци на само една страна. Се надевам дека во блиска иднина по официјалното завршување на академијата во комбинација со досегашното 13,5 годишно бизнис искуство ќе можам да го применам и стекнатото знаење во Machine Learning областа преку креирање или валидирање на модели за предвидување кои ќе им бидат потребни на компаниите во нашата земја или регионот.

Раскажете ни нешто повеќе околу Вашиот проект кој го работите како завршна фаза на Академијата?

Десет годишното искуство во банкарскиот сектор сакав да го искористам и да го спојам со стекнатото знаење од академијата. Така се одлучивме за завршен проект да работиме на модел за банки. Проектот кој го работиме во тим со вкупно 5 студенти на академијата се состои во креирање на модел за предвидување на PD (Probability of Default) за дадени кредити за секоја идна година во текот на целиот животен век на ниво на поединечна кредитна партија. Во суштина, овој модел треба да предвиди колкава е веројатноста, одреден клиент кој земал кредит од банка, да доцни во плаќањето повеќе од 90 дена, за секоја идна година се до завршување на конечна исплата на кредитот. Моделот во предвид ќе ја земе не само историјата на плаќање во минатото на секој клиент, туку и економските показатели на економијата во која се наоѓал клиентот. Односно, моделот треба да предвиди колкава е веројатноста дека клиентот ќе доцни повеќе од 90 дена во наредните години се до конечна исплата на кредитот, согласно тоа дали економијата била во рецесија или во експанзија и согласно тоа каква историја има на плаќање во минатото.

Што би му кажале на некој кој размислува да биде дел од Акдемијата за Data Science?

Академијата за Data Science најсрдечно ја препорачувам на секој човек кој има неколкугодишно бизнис искуство во одредена област. На овој начин може да го надогради своето знаење и да биде во тек со современите алатки кои му стојат на располагање и овозможуваат побрза, поквалитетна и визуелно подобра анализа на податоците со кои секојдневно се среќаваме. Исто така би сакал да кажам дека Data Science не е иднината, туку е сегашност во многу компании во развиените земји. Носење на одлуки базирани на податоци е нешто што се применува во моментот и резултатите кои ги постигнуваат овие компании се фантастични. Податоци има секоја компанија, но останува на менаџерите да одлучат дали сакаат да ги искористат и да имаат конкурентска предност или едноставно ќе продолжат да ги занемаруваат.

Интервјуа со нашите студенти