„Излегувањето од комфор зоната е неопходно за напредок во кариерата“

jovana-stojanovska-blog

Јована Стојановска себеси се опишува како личност која чувствува потреба постојано да се надградува. Всушност, многубројните различни видови обуки/курсеви што ги има минато како што е програмирање, шпански јазик, интересот да стане сомелиер и сертификатот од успешно поминатата обука на Data Masters – Data Analytics for Business Decision Making, доволно зборуваат за многубројните интереси кои ги поседува.

По вокација електроинженер, таа сега е дел од тимот на КЕМЕТ Електроникс каде работи како Times and Methods Specialist, но има извонредни амбиции за иднината (како што вели, веројатно тоа ќе биде Data Science). Прочитајте го интервјуто со неа во кое разговаравме за нејзиното едукативно и професионално искуство, видикот за иднината и амбицијата да се оди напред.

 

Љубовта кон природните науки е дел од твојата ДНК уште од детството. Како во раните години го доживуваше нивното изчување и што е она што те привлече кон нив?

Би рекла дека голема заслуга за да се насочам кон природните науки имаат наставниците кои ми предаваа во основното училиште. Голем дел од нив ми даваа голема мотивација и поддршка во самото учење. Природните науки се доста прецизни, точни и потребна е голема логика за нив, а ова се карактеристики кои се во голема корелација со мојот карактер, па можеби и затоа имам толкава љубов кон нив и нивно изучување.

 

Високото образование го имаш комплетирано на ФЕИТ на насоката Обновливи извори на енергија, а во моментов ја подготвуваш и својата магистерска. Како би го опишала периодот на студии и темата која ја одбра за магистерска теза посветена на регулативите во енергетиката?

Периодот на студии ми помина доста брзо, но интересно. Да се вратам во времето кога избирав кој факултет ќе го изучувам, без двоумење би го одбрала повторно истиот. Она што сметам дека недостасува не само на мојот факултет, туку и на генерално сите во нашата држава е праксата во текот на студирањето. Како задолжителна пракса постои на сите факултети, но не доволно се обрнува внимание на практикантите кога ја посетуваат истата и од страна на учениците и од страна на работодавците. Сметам дека не се искористува потенцијалот на студентите како дополнителна работна сила.

Жал ми е што не работам баш со обновливите извори на енергија, кај нас таа област допрва ќе се развива.Можеби во догледно време ќе се отвори можност за сите кадри кои што завршиле на тој смер да се насочат да работат кон она првичното што го изучувале. Магистерската тема е во подготовка, сакав малку да навлезам во делот на пазарот на електричната енергија, односно на додипломски учев како да ја создадеме електричната енергија, а сега како ќе ја продадеме и како сè тоа функционира на пазарот.

 

Во моментов си делот од тимот на КЕМЕТ Електроникс во улогата на Times and Methods Specialist. Што всушност подразбира оваа работна позиција?

Times and Methods Specialist подразбира подобрување на процесот на производство. Правам анализи на процесите, ефикасност на работната сила како и анализи за произведените елементи. Несекојдневна позиција можам да кажам. Позиција која е спојка помеѓу производство и ИТ делот.

 

Велиш дека овој вид на обуки се одличен тест за некој да одлучи дали треба долгорочно да се посвети на податочните науки. Како тебе ти помогна обуката за идните професионални предизвици?

Секој курс, обука или промена на работна позиција подразбира и ризик (барем според мене). Буквално не си свесен дали тоа нешто ќе го совладаш, дали си спремен за тоа, дали треба да навлезеш подлабоко во дадена област итн. Оваа обука сметам дека е отскочна даска за да се навлезе во светот на податочните науки, бидејќи опфаќа повеќе области од Data Science.

За мене ова беше интро за нешто поголемо (и го сметам за придобивка за сите посетители на обуката). Ова интро за мене придонесе за да ми покаже дали се пронаоѓам во она што го изучувавме, за во иднина да го направам следниот поголем чекор во надградба на знаењето односно посетување на Академијата за Data Science. Секако, мотивот за следење на обуката е различен, бидејќи дел од посетителите ја посетуваат обуката поради тоа што алатките/програмите што ги изучувавме им се неопходни во нивната работа во пракса.

 

Одлуката за промена на професија многу често се перцепира како тежок процес, но твојот став е доста оптимистичен и Data Science ја гледаш како следниот природен чекор. Што е она што те привлекува токму кај оваа област?

Кога работам нешто, не сакам да има одреден шаблон и да се повторува истото секојдневно. Во текот на обуката сфатив дека оваа област токму тоа и го нуди, од самите програми во кои се работи, до податоците кои се користат. Ми се допаѓа што е унија од повеќе области кои треба да се применат, како математика, програмирање, бизнис. Бидејќи самата професија е дел од ИТ светот, а знаеме сите дека во тој свет нема стагнација, се оди во нагорна линија, прогресира и секојдневно мора да се учи и да се надградуваш, мислам дека тоа е клучната работа која што ме привлекува кон оваа професија.

 

Пандемијата ни ги смени навиките како што е начинот на работа, но и начинот на едукација кои едноставно мораа да се спроведат онлајн. Како гледаш на промената што настана како резултат на околностите и како ти лично ја доживеа?

Сите компании од целиот свет сфатија дека не мора да си на столче седнат во канцеларија заградена со 4 ѕида за да ја завршиш работата што ти е дадена. Истото важи и за онлајн едукацијата. Тој што навистина сака да научи и да напредува, дали бил присутен или бил преку компјутер, ќе го постигне тоа без разлика на условите..

Уште од самиот почеток на пандемијата работам од дома и навистина можам да си признаам дека овој начин на работа и на едукација ми одговара. Дури сметам дека и доколку дојде да треба да се вратиме во нормални секојдневни услови како што било порано, би било супер да се направи некоја форма на хибридно одење на работа или онлајн едукација. Бидејќи навистина сите имаме динамичен живот и сето тоа непотребно време што се троши не им оди во прилог на поголемиот дел. Секако си има и недостатоци со ваквиот начин на живот, станавме позависни од социјални медиуми, се насочивме многу кон дигиталниот свет, се изгубија меѓучовечките односи, но сметам дека и тоа ќе помине за некое време и ќе се нормализираат работите.

 

Што е со приватното време, што е она што лично те исполнува надвор од професијата?

Се трудам да имам што повеќе слободно време и да го користам на работи кои навистина ми се интересни да ги правам. Сакам да патувам, со короната тоа ни се скрати малку на сите, но да се надеваме дека на сето тоа му дојде крајот.  Најголемиот дел го поминувам со внуците, тие ми се лекот од напорни денови. Учам шпански, пливам, голем филмоман сум, не поминува ден без да изгледам еден филм и секако секогаш одвојувам време за пријателите.

 

Како би го опишала севкупното искуство со обуката и предавачите од Академијата Data Masters?

Да бидам искрена немам доволно пофални зборови за да го искажам мислењето кон компанијата, самите предавачи и обуката. Преголема професионалност од страна на целиот тим, достапни во секое време за што и да треба. Обуката беше и над очекуваното во однос на сеопфатноста на материјалот и предавањата. Би сакала да ги поздравам предавачите Катерина, Даниела и Александра за тоа колку добро го предадоа своето знаење на сите нас, а нè имаше од сите области и сите возрасти во групата. Иако обуката не беше со присуство, јас не осетив никаква потешкотија во совладување на материјалот. Ми се допадна што имаше голема интеракција на часовите и што можевме да работиме на делумно реални проекти. Можеби фалеше дружбата и запознавањето, но и сега тоа може да се реализира.

 

Твој совет за оние кои се двоумат да го направат следниот чекор во кариерата…

Секоја промена е тешка во животот и бара многу храброст да се направи, бидејќи после одредено време влегуваме во некоја комфорна зона која што не сакаме да си ја нарушиме. Но, сметам дека баш поради тоа и треба да се направи промената за да не остануваме на едно исто во животот, особено во кариерата која одзема голем дел од нашето време и треба да е нешто што навистина нè исполнува и нè прави среќни. Би рекла дека излегувањето од комфор зоната е неопходно за напредок во кариерата, но и во сите други делови од нашиот живот.

Интервјуа со нашите студенти