Запознајте го Павел Ѓорговски – стипендист на нашата Data Science академија

pr-pavel-gorgovski-blog

Нашата земја изобилува со извонредни умови и млади таленти кои воедно се првите генерации што изучуваат Data Science на овие простори. Еден од нив е Павел Ѓорговски, студент на ФИНКИ и еден од двајцата стипендисти на Data Masters академијата кои нè импресионираа со своето знаење и начин на размислување. Со него разговаравме за успехот што го има зад себе, мотивацијата да аплицира за стипендија и неговото гледиште за просперитетот што го нуди Data Science.

Што те мотивираше да аплицираш за стипендија на академијата за Data Science и кои се твоите очекувања од истата?

Од кога открив за Data Science, секој академски фокус ми е комплетно ориентиран кон таа сфера. Опциите за добра пракса/академија за оваа сфера, особено во Македонија, се неверојатно ограничени. Затоа кога дознав за академијата на Data Masters, веднаш знаев дека морам да влезам! За жал, ако не ја добиев целосната стипендија немаше да можам да си го дозволам трошокот оваа година, па бев решен да се покажам во најдобро можно светло. Од самата академија, очекувам да ги добијам основните знаења потребни за јуниорска работа во сферата и воедно се надевам дека ќе ги возвратам очекувањата и дадената доверба што ми ја даде Data Masters.

Зад себе имаш едно огромно достигнување – прво место на државниот натпревар Nasa Space Apps Challenge. Раскажи ни повеќе за ова искуство.

Јас, заедно со 4 соученици од училиштето „Раде Јовчевски Корчагин“, во 2017 година се пријавивме на меѓународен натпревар организиран од NASA, со цел наоѓање на нови иновативни решенија за реални проблеми. Јас и моите колеги најдовме решение за предвидување на потенцијал за колекција на соларна енергија на одредена локација, користејќи податоци од сензор. Тој сензор беше наречен Solar Data Collector. Секој од нас си имаше своја улога во целиот проект, а мојата, поделена со еден колега, беше обработката на податоци за добивање на потребните информации. Точно ова беше зачетокот на мојата љубов кон полево. По добивањето на прво место во Македонија, ние заедно со вработен од Newman’s Business Accelerator (компанијата одговорна за настанот во Македонија) отидовме во Флорида за да искусиме полетување на ракета од NASA и воедно да се обидеме да ја прошириме идејата од проект во бизнис. Јас поради одговорности од факултет го напуштив мојот тим, сега компанија, но проектот сè уште се подобрува и разработува од нивна страна.

Data Science е една од најбрзорастечките области во светот која нуди големи можности за развој на кариера. Што те привлече за да ја изучуваш и со какво предзнаење аплицираше на нашата академија?

Оваа приказна почнува од многу одамна, од мојата љубов за создавање информација од податоци, љубов кон веројатност и комбинаторика, љубов кон математика и љубов кон програмирање. Од пресметување веројатност да победи еден маалски фудбалски тим според играчите кои ги имаат, и на кој гол играат, па сè до пресметување на абнормални распределби кај резултатите на некој тест или испит, секогаш ми било фасцинантно како тоа податоци кои на прв поглед можеби се чинат бескорисни можат да носат толку тежина во себе. Имајќи го ова предвид, очекувано беше штом дознав дека постои област посветена токму на ова и тоа во многу поголем размер, веднаш да се насочам кон нејзино изучување. Предзнањето што го поседувам за Data Science е во форма на програмирање, математика и обработка на податоци. Од пред година ипол следам видеа, курсеви и читам трудови на темата со надеж дека ќе ме подготват подобро за праксата или академијата во која се надевав дека ќе влезам. Се надевам дека сето тоа ќе дојде на виделина во текот на следните 8 месеци.

Иднината со сигурност ќе биде обликувана од генерациите што сега изучуваат Data Science. Како гледаш на перспективата што ја нуди?

Data Science, иако е релативно млада наука, неверојатно брзо се формира и напредува. Мислам дека еден ден тоа што сега го учиме ќе биде гледано исто како што Basic денес е гледан од програмерите, а тој ден може и да не е многу далечен! Перспективата што ја нуди е неверојатна и бесценето важна. Со нетрпение чекам да знам и учам што е можно повеќе и повеќе за оваа наука, за да можам да добијам појасен видик и во скора иднина да дадам поконцизен одговор на ова прашање.

Дали имаш јасна визија за тоа како би се движела твојата кариера? Каде би сакал да го примениш своето знаење од областа на Data Science?

Како и секој млад човек, сакам да одам во една прекрасна крајност и да речам дека „Ќе го применам знаењето за да го подобрам светот!“, но знам дека ништо не е толку црно и бело. Би сакал кога ќе станам доволно компетентен, да ја откријам вистинската моќ на тоа знаење и да ја најдам примената која јас сакам да му ја доделам. Во најмала рака, сакам на некое ниво навистина да си ја задржам наивноста и сакам информациите што ќе ги вадам да се од корист на луѓето.

Што би им порачал на оние што допрва сакаат да изучуваат Data Science?

Почнете денес. Веднаш. Гледајте видеа за Python или R, читајте за статистика, одете на Kaggle и на Udemy, слушајте искусни луѓе во сферата и барајте совети од нив. Тешка наука е и ќе бара да вложите многу труд. Имајќи го тоа на ум, прво проверете дали ова е нешто во што се пронаоѓате и навистина сакате да го работите, дознајте ги градбените единици на струката, па ако ви се допадне, сé друго ќе си дојде природно. И на сите што сакаат да изучуваат: Ви посакувам само среќа!

Интервјуа со нашите студенти