„Најдобрата инвестиција што можеме да ја направиме е во сопственото знаење“

nikolina-tashevski

Двете академски титули, работата како сметководител и бројните обврски како родител не ја спречуваат Николина Ташевски да остане амбициозна и целосно посветена на понатамошниот напредок во кариерата. Желбата за дополнително лично и професионално усовршување се поттик за неа од општествените да се насочи кон техничките науки, причина подади која е дел од обуката за Data Analytics in Finance на Академијата на Data Masters.

Вие сте личност со две академски дипломи зад себе која и понатаму продолжува да инвестира во нови знаења. Што е тоа што Ве мотивира и понатаму да вложувате во себе?

Генерално се водам според неколку важни максими низ животот. Овде би издвоила дека е круцијалнa еднa од нив: „Никогаш не престанувајте да вложувате во себеси, без оглед на сѐ.“

Пред некое време прочитав доста мудар одговор на едно прашање што е актуелно во последниот период: „Во што е најдобро да се инвестира во денешни услови на живеење, проследенo со чести економски кризи и флуктуации? Дали во злато или во недвижнини?“ Одговорот беше: „Во знаење! Во know – how вештини.“

И навистина е така. Тоа е всушност нешто што отсекогаш го движело светот напред. Тоа е она кое мене ме мотивира да продолжам да вложувам во себе. Инвестицијата во своето знаење е најдобрата инвестиција која треба да продолжиме да ја правиме.

 

Бидејќи имате и искуство како демонстратор на универзитет, што е она што недостасува во формалното, а го нуди неформалното образование?

Нашиот образовен систем, за жал има еден доста голем недостаток, а тоа е неможноста студентите и учениците да се запознаат и да имплементираат практична работа на она што го изучуваат во текот на своето формално oбразование. Неформалното образование успева да го отстрани тој недостаток.

Оваа обука овозможува споделување на практични знаења и ги подготвува слушателите за минимизирање на напорот при завршување на тековните работни задачи во својата работна средина. Исто така, нè учи на потребните алатки кои ќе ни овозможат понатамошен прогрес.

 

Велите дека немавте технички предзнаења за материјата кога се запишавте на обуката. Кој дел од економската образовна позадина најмногу Ви помогна при совладување на материјалите, а кој дел Ви е најголем предизвик?

Да, токму така. Мојата образовна позадина е составена генерално од изучување на општествени науки (јас сум магистер по безбедносни науки и дипломиран економист). Претходно пред да започнам со обуката во Data Masters, немав изучувано некоја од техничките науки, и аналогно на тоа немав техничко предзнање за материјата која би се изучувала на обуката. Поточно, не знаев што се тоа програмски јазици и како тие би можеле да ни бидат од голема корист.

Обуката Data Analytics in Finance на еден доста прагматичен начин успева да направи симбиоза меѓу техничките и општествените науки и да ни покаже дека колку ви е поголем дијапазонот на знаење, толку повеќе можете да изнајдете поефикасен начин на решавање на деловните и секојдневни проблеми на кои наидувате. Најважно од сѐ можеби е и тоа што иако немате предзнаење, благодарение на посветеноста на предавачите успевате да го совладате материјалот и да осознаете како би ги примениле новите знаења во својата работа.

 

Дали отсекогаш сте биле заинтересирани за работа со податоци или тоа можеби е интерес кој подоцна се има разбудено кај Вас?

Вистината е дека кога работиш како сметководител, несомнено работиш и со голем фонд на податоци. Всушност, финансиската обработка на податоците е она од што е составена сметководствената професија. Имате финансиски настани што треба да ги обработите, а таа обработка понатамy треба да ви послужи за донесување на идни бизнис одлуки и чекори.

Со текот на работењето започнува да се буди и интересот за обработката на податоците кај вас и тоа во оној момент кога осознавате и учите што сѐ можете да направите со податоците доколку на вистински начин успеете да ги анализирате, визуелизирате, сортирате и организирате.


Кому би ја препорачале обуката Data Analytics in Finance, земајќи го во предвид фактот што досега целосно го имате завршено модулот за SQL и сте во процес на завршување на модулот за Python?

Обуката Data Analytics in Finance е вистински избор за сите оние кои работат со податоци и бази на податоци од кои е потребно да извлечат заклучоци за состојбите и за идните планови: сметководители, банкари, дистрибутери, брокери, бизнис менаџери, директори, аналитичари, претприемачи, ревизори, супервизори, инвеститори…веројатно би можело уште да се набројува.

Оваа обука ја препорачувам на сите оние кои работат со податоци и кои носат одлуки врз основа на тие податоци. Секако и за сите оние кои сакаат кариерна трансформација, но и за сите оние кои сакат да бидат во чекор со дигитализацијата и времето во кое живееме.

 

Велите дека Python повеќе ви се допаѓа во споредба со SQL. Што е она што овој програмски јазик го прави интересен за Вас?

Во тек е модулот за Python и слободно би можела да кажам дека овој програмски јазик будно го држи моето внимание. Неговата интерактивност, можноста што дозволува да си „играме“ со податоците на начин којшто ни одговара и можноста да се добие брз податок од една голема количина на податоци со кои располагаме за мене го прави овој програмски јазик многу атрактивен.

 

На кој начин досегашните знаења од обуката би можеле да ги примените во вашата сегашна работа како сметководител?

Во компаниите речиси секојдневно се носат одлуки врз база на финансиската состојба и врз основа на она што го покажуваат финансиските извештаи. Тоа се навистина голем обем на податоци кои треба да се обработат и потоа да се изготват соодветни извештаи врз основа на кои ќе се носат идни одлуки.

Преку изучување на поедноставни начини на обработка на тие податоци и со совладување на алатки како SQL, Python и Power BI, на побрз и поефикасен начин може да се дојде до потребната анализа на податоците, за која доколку се работи на класичен начин, би се загубило драгоцено време.

Живееме во динамичен свет кој секојдневно се менува со голема брзина. Информациите ни се потребни сега и веднаш. Токму затоа треба да ги користиме можностите кои ни ги нуди дигиталниот свет и да си го минимизираме трудот, а да го максимизираме резултатот.

 

Како кариерниот ментор Ви помогна да донесете одлука да ја посетувате обуката Data Analytics in Finance на Data Masters?

Пред да се запишам на обуката Data Analytics in Finance на Data Masters разговарав со кариерниот ментор од Data Masters, Елена, која успеа соодветно да ме насочи во правец на моите интереси. Знаете, секој од нас постојано се бара себеси во текот на животот, постојано осознава нови работи за себе. Кариерниот ментор ми помогна да сфатам кој е правецот во кој јас понатаму сакам да се насочам.

 

Kоја е Вашата следна професионална цел и на каде би сакале да ја насочите кариерата по завршувањето на обуката?

Велат дека никогаш не е доцна да бидете она што требало да станете некогаш. Во моментот сè уште се профилирам себеси, веројатно сè уште се гледам во доменот на економијата, а можеби ќе се случи и кариерна трансформација кон IT индустријата. Верувам дека по завршување на обуката би знаела концизно да ви одговорам на ова прашање.