Обуките на Data Masters секогаш привлекуваат студенти со многу различни професионални позадини и токму еден од тие професионалци е Ненад Томевски, Legal Invest Associate во Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Република Македонија – Invest Macedonia. И покрај тоа што Ненад е правник со магистратура на бизнис-право и уште од средношколските денови се занимава со оваа наука, работата со податоци му се претворила во секојдневие во текот на кариерата.
Обуката Data Analytics for Business Decision Making тој jа гледа како можност за унапредување на вештините за анализа на податоци на моменталната работна позиција, но и основа за понатамошно надградување во кариерата. Домашните задачи, како што вели тој, му се вистински предизвик и дури му го „одмараат мозокот“, а во меѓувреме успева дури да си задава примери од неговата работа.
Поради тоа што сте правник и магистер на бизнис право, какво искуство имате со работа со податоци во текот на кариерата?
,,Правник во светот на податоци’’ би рекол уште од почетокот на мојата кариера. Секторот инвестиции и државна помош во секоја економија е поврзан со мапирање, прибирање и обработка на податоци за потенцијалните странски и домашни инвеститори. На тој начин табелите се мое секојдневние, без разлика дали станува збор за инвеститорите кои допрва доаѓаат или за оние кои веќе инвестирале во Македонија.
Бидејќи станува збор за специфична улога, дали може малку да ни ја образложите позицијата Legal Invest Associate во агенцијата Invest Macedonia?
Правниците во Invest Macedonia имаат повеќекратна улога во самата институција. Од една страна, целта е анализа на пазарот и привлекување на инвеститорите да го вложат својот капитал во македонската економија, од друга страна процесот на регистрирање на деловниот субјект, наоѓањето на работници, локација како и склучување на договорите со државата. Станува збор за обврски кои токму правникот мора да ги заврши за да еден инвеститор од почеток до крај биде задоволен од третманот во нашата држава.
Која е причината и мотивацијата некој што работи на позиција како Вашата да учествува на обука како што e Data Analytics for Business Decision Making?
Големата база на податоци со која секојдневно се соочувам ме мотивираше учествувам на обуката, но можеби најголемиот мотив беше и е професионалното надградување. Сакам да се надградувам не само во областа на правото, туку и надвор од него, особено во услови на голема промена на работните профили во светот, каде ИТ индустрија зазема се поголем замав, а секако и со тоа зголемени шанси за кариера надвор од нашата земја.
Вашето досегашно искуство со податоци главно се базира на работа во Ексел. Колку новите алатки стануваат неопходни во овој домен на работа?
Работата во Ексел во Invest Macedonia е секојдневие и незамисливо е еден работен ден да не помине без користење на оваа алатка. Токму поради тоа како институција работиме на изнаоѓање на нови методи и софтвери преку кои би си ја олесниле работата, а со тоа ефективно и ефикасно да одговориме на потребите на граѓаните и правните субјекти.
Посочувате дека сте поминале обука за програмирање пред многу години, но никогаш претходно не сте изучувале анализа на податоци. Како досега ви оди совладувањето на материјалот и модулите?
C++ беше првиот програмски јазик со кој се сретнав, но никогаш после тоа не го применив во работата, што не е случај со обуката која ја посетувам во Data Masters. Преку истата веќе ги согледувам придобивките кои би ги имал во рамките на надлежностите на институцијата.
Обуката е одлично конципирана, дури и за некој кој доаѓа од општествена наука. Секој од слушателите на обуката лесно може да се приспособи на решавање на задачите, токму поради добрите методи на работа и одличните предавачи во Data Masters.
Според твоето искуство, генерално колкава е свесноста на институциите за потребата од напредни алатки за анализа на податоци?
Свесноста кај државните институции се уште не е на задоволително ниво, онака како што би требало да биде според стандардите на Европската унија. Но, сепак големи напори се вложуваат особено последните години во дигитализација на државната администрација, особено на владино ниво во привлекувањето на странските директни инвестиции (FDI).
Во која кариерна насока се гледаш себеси во иднина, земајќи ги во предвид знаењата кои ги стекнуваш за време на обуката? Дали би земал обука напредна обука за анализа на податоци?
Моментално на професионален план го работам она што го сакам и во иднина само би се надградувал со вештини во областа на Investment Consultant.
На кои профили на професионалци би им ја препорачале обуката, односно изучување на SQL, Python и Power BI опфатени во неа?
Голема е примената на овие алатки во денешниот бизнис свет. Од правници до економисти кои работат со обработка на податоци имаат потреба од анализа, ефикасно постапување и брзо делување, нешто што токму SQL, Python и Power BI го нудат.