„Неколку линии код ми кратат повеќе часови работа во Ексел“

marija-l-trpcheva

Силен ентузијазам и многу позитивна енергија се првите неколку детали што ќе ги забележите кога ќе ја запознаете Марија Л. Трпчева, учесничка на обуката Data Analytics in Finance. Љубопитноста за учење и покрај бројните семејни обврски, ја турка кон нови предизвици и знаења. Марија веќе осум годни работи во банка во секторот за финансиско известување, а покрај дополнувањето на личните знаења, таа цели да го забрза процесот на работа и попрецизно да ги презентира резултатите на нејзиното работно место.

 

Бидејќи вашата академска позадина е од Економски факултет, дали уште од студентските денови имавте интерес за анализа на податоци или тоа е интерес што се разви подоцна во кариерата?

Искрено, теоретската природа на предметите на мојот смер не дозволуваше некоја голема работа и игра со податоци. Меѓутоа веднаш по моето дипломирање се вработив во надворешна ревизорска куќа, каде што првпат се сретнав со поголеми табели со податоци. Анализите и проверките кои требаше да ги вршиме понекогаш бараа да им се посвети многу време, но не ми пречеше бидејќи ми претставуваше предизвик (а секако ми беше и многу забавно) да пребарувам на Google и тестирам решенија што ќе ми го олеснат целиот процес на работа. Вработувањето во банка во секторот за финансиско известување, по работата како надворешен ревизор, ми даде можност анализите да ги гледам „од другата страна на огледалото“, па можев да се насочам кон поконкретни анализи кои би биле од интерес на надворешни лица, за кои сега имав посоодветни ресурси.

 

Работите веќе осум години со податоци во секторот за финансии (financial reporting) во банка. Колку низ годините се промени начинот на работа со податоци откако работите во овој сектор во компанијата?

Полека, но сигурно се правеа напори да се изнајдат софтверски решенија кои би го забрзале процесот на добивање на потребните податоци, нивната точност и би го намалиле факторот на човечка грешка. Имам можност да бидам дел од креирањето на неколку такви програми, кои бараат многу мисловна работа, тестирање, константна проверка и верификација на добиените податоци (која би била драстично олеснета со вештините што ги учиме на курсот) и многу добра тимска работа, така што обработката на податоци од почетокот на моето вработување до сега е драстично изменета.

 

Според вас, колкава е неопходноста банките да се адаптираат на новите технологии, со цел забрзување и олеснување на секојдневната работа?

Како сите останати индустрии и банките не изостануваат од потребата да држат чекор со новите технологии и трендови. Автоматизираните процеси на обработка на податоци, дигитализацијата и модернизацијата на банкарските експозитури да работат 24/7, мобилните банкарски апликации се само дел од чекорите кои банките ги преземаат за да останат конкурентни. Доколку не се прават обиди да се држи чекор со новите трендови, клиентите, особено помладите, си заминуваат.

 

Од трите модули, досега целосно го имате комплетирано модулот за SQL. Во кој дел од вашата работа сметате дека тие знаења најдобро би ги примениле?

Секојдневно во мојата работа има потреба за доставување на одредени пресметки, извештаи, објаснувања за одредени настани. Сега за сега, овие пресметки ги вршиме во Microsoft Excel, каде што на дневно/неделно/месечно ниво, зависно од барањето, треба да ги обработиме податоците, да ги извршиме калкулациите, да ги пренесеме во бараната форма за известување итн. И покрај тоа што се сметам себеси за прилично напреден корисник на Microsoft Excel, сепак за време на модулот SQL се сретнав со неколку инстанци каде што внесувањето на буквално неколку линии код би ми скратиле неколку часови работа во текот на денот.

 

Бидејќи сте прилично самоиницијативна личност, дали сметате дека таква карактеристика е неопходна за да може успешно да ја совладате обуката? 

Апсолутно, не само за оваа обука, туку и за совладувањето на било која друга вештина. Оваа обука, и покрај тоа што е одлично организирана, може да ни биде само отскочна даска во Data Analytics. Колку ќе бидеме понатаму успешни зависи само од нас и желбата и напорот постојано да се надградуваме.

 

Како првпат се сретнавте со обуката Data Analytics in Finance и кои типови на кадри би ја препорачале?

Одамна бев решена дека сакам да се запишам на курс за Data Analytics, меѓутоа овој период имав малку повеќе слободно време, па така по неколку месеци интензивно разгледување на опции и барање препораки од многу, многу луѓе, решив дека оваа обука е најдобриот фит за мене. Обуката може да ја посетуваат луѓе со било каква професионална позадина, особено ако работат со огромни датотеки на податоци во нивната моментална професија, а нормално и ако сакаат да сменат професија во иднина.

 

Што најмногу ви се допадна во досегашниот принцип на работа и учење на Академијата на Data Masters?

Предавачите се млади, успешни луѓе кои се многу адаптибилни и посветени на нашето знаење и одговараат на сите наши прашања, без разлика дали се поставени на часот или пак во индивидуален разговор (chat), часовите се доволно долги за да се пренесе материјалот, но не предолги за да се изгуби концентрацијата, се даваат домашни задачи кои се интересни и не прелесни.

 

Што би ги посоветувале вработените во банка што се двоумат дали да започнат да изучуваат нови алатки како оние кои се дел од обуката Data Analytics in Finance?

Нема простор за двоумење, секоја шанса за учење нова вештина што воедно скратува на време (и губење нерви) на работа би било штета да се пропушти, особено ако е достапна на професионален, забавен и интерактивен начин како обуката Data Analytics in Finance.