„Сакам да се надоградувам и предизвикувам надвор од комфорната зона“

marija-angelovska

Обуката за Data Analytics in Finance за Марија Ангеловска е „најдоброто од двата света“: од едната страна математичката логика и финансиските податоци кои ѝ се блиски поради образованието и работното искуство во банка, а од другата страна програмирањето со кое првпат се среќава. Иако во моментов работи како Marketing and Operations Executive, знаењата за алатките и програмските јазици кои се изучуваат на обуката на Data Masters Аcademy лесно ги поврзува и може да ги примени на сегашната работна позиција.

 

 

Имате направена необична кариерна промена: од работа во банка до работа во маркетинг. Како ја споредувате работата со податоците во овие два сектори?

На прв поглед двата сектори се доста спротивни, меѓутоа несомнено како и на повеќе работни места, секојдневно се работи со податоци за да се донесат правилни одлуки и да се подобри работењето. Без разлика дали се работи за анализа на маркетинг кампањи и соодветни маркетинг перформанс индикатори или пак анализа на портфолиото на клиентите во банката – сите деловни одлуки мора да бидат донесени правилно, брзо и прецизно преку користење на податоците кои ги имаме на располагање.

 

Во работата како Мarketing Еxecutive, како носењето на одлуки базирани на податоци помага при оптимизација на постоечките и подобрување на идните кампањи?

Сите препораки кои ги изнесувааме пред клиентите и во правец на подобрување на перформансот на нивните кампањи се базирани на податоци. Способноста е брзо да се дојде до посакуваната информација и да се извлече заклучок од тој голем сет на податоци, без притоа да се изгуби доста време одејќи “пешки“. Репетитивните анализи поттикнуваат да бараме решение за побрзо доаѓање до потребните информации за носење на правилни одлуки. Суштината е преку анализа на податоците кои ги имаме на располагање да се донесе вистинска одлука базирана на податоци, наместо на интуиција.

 

Бидејќи ова е трета различна обука која ја посетувате, очигледно е дека константно сакате да ги надоградувате знаењата. Кој беше главниот мотив за обука која опфаќа анализа на податоци?

Ако порано главен проблем бил недостигот на податоци, денес се среќаваме со момент каде имаме огромни количини на податоци и пред нас се наоѓа предизвикот како најдобро да се снајдеме и организираме во целиот тој “океан“ на податоци. Поради тоа, во моментов популарноста на професиите поврзани со работа со податоци е огромна, а во компаниите фокусот сè повеќе е насочен на правилно организирање, структуирање и анализирање на сопствените податоци. Сѐ ова веќе подолго време ме интересираше како всушност изгледа во пракса. По природа сум личност сум што не прифаќа статус кво и постојано сакам да се надоградувам и предизвикувам надвор од комфорната зона. Но, најмногу од сѐ оваа обука ми го привлече вниманието бидејќи е комбинација од работа со податоци, финансии и банкарство.

 

Досега ги имате комплетирано модулите за SQL и Python и следува модулот за Power BI. Кои беа најголемите предизвици за совладување на овие два модули за време на обуката?

Како главен предизвик може да се каже дека е новиот начин на размислување и изразување преку соодветниот програмски јазик. Меѓутоа, не би рекла дека е нешто што е проблем, напротив доста е интуитивно. Но, сепак претставува нешто што бара доста вежбање за навистина да се совлада и користи. Предавачите од Data Masters овозможуваат теоријата и материјалот од обуката лесно да бидат совладани преку многу практични задачи и примери.

 

Како знаењaта од Power BI може да ви помогнат во секојдневната комуникацијата со клиенти и презентирање на генерерираните податоци?

Power BI е навистина практична и применлива алатка за визуелно претставување на податоците. Една од многуте алатки кои ги користиме за анализа на перформанс на кампањите, каде се сумирани огромен број на податоци и претставени на еден многу едноставен и прегледен начин за крајниот корисник да може да се снајде и дојде до потребните информации со само неколку клика. Постојат можности за организација на податоците и нивна манипулација, соодветно на тоа што ни е потребно да го извлечеме како информација во моментот.

 

Рековте дека сте имале иницијална одбивност кон програмирањето, но тоа се променило со почетокот на обуката. Кој момент беше клучен да го промените мислењето и што би ги советувале оние кои не се сигурни дека работата во SQL и Python е за нив?

Имам доста блиски луѓе кои се занимаваат со програмирање и морам да признаам дека долгите линии код секогаш ми биле непривлечни, меѓутоа со почетокот на обуката и првиот модул за SQL тоа се промени. Она што најмногу ме привлече и заинтересира беа задачите, кои главно беа од банкарската сфера и тематика. Дополнителна олеснителна околност е тоа што се почнува навистина од почеток и предзнаење за програмирање не е задолжително. Започнавме со мали чекори и доста задачи за совладување на материјата. После неколку часа веќе не размислуваме само на синтаксата на програмирањето, туку се насочуваме кон економската логика на решавање на проблемот.

 

Поради работното време, посочувате дека најчесто слушате снимки од предавањата. Како успевате оптимално да го организирате времето и да најдете мотивација да ги исполните сите обврски кои произлегуваат од работата и обуката?

Во денешно време се повеќе се среќаваме со различно темпо на работа на компаниите, како поради можност за работа од различни локации, така и во однос на работното време. Токму обуката за Data Analytics од Data Masters нуди флексибилност за сите што сакаат да бидат дел и да ја слушаат обуката, но не се во можност поради работни и други обврски да присуствуваат за време на наставата. Поради брзиот начин на живот кој го практикуваме, да, може да биде тешко временски да се постигне сѐ. Меѓутоа, доколку постои желба да го надоградите своето знаење и да го отворите погледот кон една навистина актуелна и применлива област – мотивацијата лесно доаѓа, а со тоа ќе го издвојувате и потребното време.

 

Кои се вашите хобија и лични интереси? Како го поминувате времето надвор од работните и обврските од обуката?

Слободното време сакам да го поминам најмногу во спортување, како што е трчање покрај кеј или качување на Водно за време на викендот. Секогаш уживам во кафе со пријателите, филмска вечер или разгледување на нова дестинација за следното патување.

Интервјуа со нашите студенти