„Времето во кое живееме бара постојано да го надградуваме знаењето“

katerina-sarkisian

Доколку ви е потребен мотив да се надградите, тогаш Катерина Младеновска Саркисиан е вистинската личност со која треба да разговарате или барем да ја дознаете нејзината приказна за да го направите следниот чекор за вашата кариера. Ако кажеме дека Катерина е човек кој сака да се надградува, тоа е и премал опис за нејзиното искуство и знаење – таа има завршено факултет по педагогија и бизнис менаџмент и постојано учи нешто дополнително, и можеме да кажеме дека е совршен пример за следење на новите текови во стекнување нови вештини и алатки. Покрај сите лични, семејни и професионални обврски, Катерина успева да најде време константно да се надоградува, да се подобрува и да го добива најдоброто од себе, а во исто време се труди да ги подобри и процесите во ОКТА – компанија во која работи веќе 10 години. 

Со неа разговаравме за љубовта кон аналитиката, желбата да направи позитивни промени преку посетата на обуката Data Analytics in Finance и наоѓањето на време да се постигне баланс меѓу приватното и професионалното.

 

 

Имате навистина интересна образовна позадина – од педагогија се имате пренасочено кон бизнис менаџмент. Што е она што ве привлече кон секоја од овие професии?

Сметам дека комплексноста на природата на секој човек произлегува од неговата способност, процесот на мислење и размислување. Педагодијата е мошне интересна наука, која има свој специфичен предмет на истражување и која притоа користи развиена методологија. Сметам дека образованието и работното искуство се дел од професионалното надградување на секоја личност. Трагајќи кон одредени параметри како прибирање на податоци и нивна интерпретација, комбинирајќи ги со Microsoft Office алатките стекнав поинакво гледиште и насоки кон животот. Тогаш од една наука преминав кон друга, со цел да го продлабочам моето знаење.


Сепак велите дека аналитиката е нешто што ве привлекувало отсекогаш. Од каде љубовта кон бројките и анализите?

Љубовта кон бројките и анализата се благодарение на мојата професорка Весна по математика во средно училиште. 😊 Еве прилика и да ја поздравам, затоа што таа ја разви љубовта во мене кон математиката. Покрај математиката и Екселот што го учев паралелно, таа ме насочи и кон анализа на проблемските ситуации – оттаму и ми се јави оваа љубов кон бројки и анализи 😊

Сето ова едноставно ме навлече и инспирираше да испробувам разни видови на анализи, како и автоматизирање на податоци. За анализа на податоците првенствено започнав со изучувањето на основен, а подоцна и со напреден Microsoft Office пакет, ToolKID Education Software, VBA for Microsoft Excel како и Excel4apps.

 

Веќе десет години сте дел од тимот на ОКТА, поточно работите во одделот за сметководство. Колку се смени начинот на работа со податоци во оваа деценија додека сте во компанијата?

Во последните десет години имаме промена на сметководствениот софтвер, значителна промена на процедурите и начинот на работење, формирање на нови тимови, а со сето тоа и изготвување на голем број на извештаи. Притоа користиме големи бази на податоци преземени од софтверскиот систем SAP, а воедно и применуваме разни алатки користејќи ги истите.

 

Имате познавање од напреден ЕКСЕЛ, но со колкаво останато предзнаење се запишавте на обуката Data Analytics in Finance, односно дали бевте запознаени со Python, SQL и Power BI?

Уште пред да започнам со изучување на обуката, континуирано ве следев и читав за модулите како SQL, Python и Power BI. Ми беше огромно задоволство и предизвик да станам дел од обуката и да се соочам со материјалот, да го совладам и имплементирам во пракса.

 

Каде ја гледате примената од наученото од обуката во рамки на вашата работа?

Секој податок првенствено треба да се анализира од каде доаѓа, како се насочува и каде треба да се групира. Со секое правилно утврдување и групирање на насоките за податоците се добиваат соодветни и точни резултати. Со овие модули што ги изучуваме како дел од обуката Data Analytics in Finance, сето тоа можеме на поедноставен и побрз начин да го имплементираме.

Ова го велам во насока на полесно изготвување на анализи и одредени податоци кои ги повлекуваме од систем преку примена на Ексел, а притоа користиме многу формули за да дојдеме до бараната цел.

 

Велите дека сакате да внесете позитивни промени во работата, токму во делот на оптимизација на процесите. Колку поддршката од тимот, односно компанијата има удел во спроведувањето на овие промени?

ОКТА АД пред сè е корпоративна општествено-одговорна компанија која се грижи за своите вработени. Таа ги движи, мотивира и поддржува вработените кои сакаат да се надоградуваат, затоа што за секоја компанија е важно да има одличен и успешен кадар.

Поддршката од моите претпоставени и колегите ми е од огромно значење, ние сме како едно семејство – затоа што поголемиот дел од денот и го поминуваме заедно. Секое дополнително знаење во секој случај внесува позитивна промена во текот на работењето 😊

 

Колку поддршката од најблиските е важна за да одговорите на предизвикот, бидејќи вашето време е посветено на професионален ангажман, дополнителна надградба и семејството?

Апсолутно најважна 😊 Секогаш семејството е до мене и ме поддржува за секоја моја одлука. Мора во животот да се направи баланс, за да можете да го доусовршите потребниот ангажман како на професионално, така и на приватно поле.

 

Како дознавте за обуката Data Analytics in Finance и кому би ја препорачале?

За обуката Data Analytics in Finance дознав преку социјалните мрежи, пребарувајќи за трите модули SQL, Python, Power BI.  Наидов на многу позитивни коментари и одлични искуства од Академијата Data Masters и на тој начин решив да бидам ваш слушател на предавањата.

Бидејќи предавањата се засноваат на подучување во делот на финансиското работење, обуката им ја препорачувам на сите кои се занимаваат со истата проблематика или слична на неа како: сметководство, кредитна контрола, логистика, ревизија, осигурителни компании, банкарство како и на ученици од средно образование кои сè уште не се определиле за својот кариерен развој.

 

Покрај часовите, велите дека константно читате книги и гледате едукативни видео содржини на Интернет. Која литература би ја препорачалe за доусовршување, материјали за учење, можеби добар Youtube канал кој најмногу ви помага?

Најчести веб страници кои ги посетувам се: w3schools.com и mikedane.com  кои ги содржат сите програмски јазици.

Има многу онлајн страници од кои може да се преземе некоја книга за SQL, Python или за Power BI, како и да си ја порачаат истата online. На YouTube има премногу видеа со туторијали кои би можеле да им помогнат паралелно со вашите предавања, како freeCodeCamp.org, BroCode и многу други.

 

Гледајќи наназад, имате искуство и со формално и со неформално образование. Која е најзначителната разлика меѓу двете и кој е најголемиот бенефит лично за вас од посетувањето обука како Data Analytics in Finance?

Нелсон Мендела рекол дека “Образованието е најмоќното оружје што го менува светот”.

Времето во кое живееме ни наметнува брз и динамичен живот кој нè тера постојано да се надоградуваме и да стекнуваме нови вештини. Сметам дека не е доволно знаењето кое го добиваме од формалното образование, затоа што сè поактивно и прогресивно е  неформалното образование. Преку неформалното образование посетував голем број на обуки, курсеви, семинари потребни за доквалификација во мојата област.

Најголем бенефит е вложувањето во самиот себеси, затоа што учењето трае цел живот.

 

Како личност која никогаш не запира во надградбата на знаењето, што би им порачале на сите оние кои се двоумат да го направат следниот чекор, да стекнат нова вештина или алатка?

Без разлика на возраста, образованието како и работните обврски, секој треба да вложува во себеси – затоа што вложувa во својата иднина! 

Образованието обезбедува стабилност, финансиска сигурност, самодоверба, независност. Амбицијата и карактерот на личноста, како и прифаќањето на промените се двигател за понатамошен образовен и кариерен развој. 


 

Интервјуа со нашите студенти