„Усовршувањето на Data Analytics сега е речиси неопходно за секој сметководител“

intervju-ivana-todorovska

„Сакам животот да ми биде во баланс, бидејќи сметам дека тоа е клуч за среќен и исполнет живот. Токму поради тоа се пронајдов во сметководството, затоа што во сметководството сè мора да биде во совршен баланс“. Тоа за себе го истакнува Ивана Тодоровска, учесничка на обуката Data Analytics in Finance, која речиси една деценија работи како овластен сметководител. И покрај ограниченото време и бројните семејни обврски, Ивана е посветена на тоа да го совлада материјалот од обуката.

 

 

Бидејќи цела кариера работите како овластен сметководител, што е она што Ве привлече кон оваа професија и работа со бројки и податоци?

Математиката и логиката ме интересираа уште од рано детство, а бидејќи вежбањето задачи за мене претставуваше игра и забава, тоа резултираше и со успех на училишните натпревари. Подоцна се определив за студии на Економски факултет на насоката за Сметководство и ревизија поради тоа што сакав математиката да ја поврзам со нешто практично и применливо во секојдневниот живот.

Како алатките (Python, SQL, Power BI) што се изучуваат на обуката наоѓаат практична примена во доменот на сметководството?

Во секојдневната комуникација со менаџментот која не е дел од стандардното сметководствено контирање, постои постојана потреба бројките кои се дел од одредено конто и нивниот меѓусебен однос да бидат прикажани во извештаи, да бидат направени анализи на податоци во табели кои се прикажани описно и визуелно. Поради тоа сметам дека ваквото унапредено, а истовремено симплифицирано прикажување кое го овозможуваат овие алатки е навистина олеснително во целиот процес на обработка на податоци, а со тоа и клучно за донесување на значајни одлуки.

 

Со какви предзнаења се запишавте на обуката Data Analytics in Finance?

Немав никакви предзнаења од програмите кои се изучуваат на обуката, се впуштив и без преголеми очекувања, дури и со мала доза на резерва дека ќе ги совладам, бидејќи IT секторот ми е непознат. Меѓутоа предавањата се прилагодени на јазик кој е разбирлив и лесно прифатлив за мене.

 

Велите дека како овластен сметководител имате обврска за континуирано професионално усовршување. На кој начин нашата обука се надоврзува на знаењата кои ги имате добиено од тие задолжителни обуки што веќе ги имате изучувано?

Законот за сметководствени работи налага обврска за континуирано професионално усовршување со цел следење на нови законски регулативи и усовршување на теоретските и практичните знаења во областа на сметководството. Меѓутоа, сметководството е комплементарно со финансискиот сектор кој несомнено се модернизира со брзина на светлината, поради што ваквиот тип на усовршување како што е обуката Data Analytics in Finance станува речиси неопходен.

Во моментов го комплетирате модулот SQL под раководство на Нина Максимовиќ. Какви се Вашите впечатоци од предавањата?

Предавањата се одлично прилагодени за почетници, но сепак обемни и содржајни и со многу нови и досега непознати содржини за мене. Меѓутоа, Нина ни ги пренесе на еден едноставен и за мене лесно прифатлив јазик, поради што и со голем ентузијазам ги усвоив.

 

Самата велите дека IT секторот ви е речиси комплетно непознат. Дали обуката Ви е важна само за доусовршување во сметководствената сфера или можеби би размислиле и за промена на кариерниот пат и насочување кон IT сектoрот?

Јас ги сакам финансиите и сметководството и сметам дека комбинацијата од формалното образование и искуството е основата во било која професија. Сè што може дополнително да ми помогне во доучување, усовршување и поедноставување на работата, сè што може да најде практична примена во оваа област е алатка што сметам дека ќе ме донесе на повисоко лично и професионално ниво.

Земајќи го предвид Вашето досегашно искуство и впечатоците од предавањата, за кој тип на професионалци од финансискиот сектор би ја препорачале Data Analytics in Finance?

Како што забележав поголемиот дел од учесниците на обуката доаѓаат од банкарскиот сектор, меѓутоа обуката воопшто не е ограничена, туку напротив мислам дека алатките може да најдат примена во било кој дел од финансискиот сектор.

 

Дали сметате дека во последниот период е подигната свесноста кај компаниите за модернизација на алатките и прикажување на податоците кои се користат?

Секојдневните активности на една компанија се состојат од трендови кои се повторуваат и кои се рутински, но постојат и одредени не толку чести отстапувања во работата. Точната и прецизна анализа на податоци и денешниот модерен пристап кон истата треба да нè доведе до попрецизни заклучоци, зошто и од каде произлегуваат отстапувања, а со тоа да се олесни донесувањето на значајни одлуки и да се намалат ризиците. Ова пак води кон оптимално користење на ресурсите, а со тоа и зголемување на профитот, што е и целта на секоја компанија.

Интервјуа со нашите студенти