„Донесов вистинска одлука за промена на кариерата“

горан димитиревски интервју

Промената на кариера не е едноставен чекор, но доколку разговарате со Горан Димитриевски ќе добиете еден поинаков впечаток кој ќе ви укаже на тоа дека обврските од секојдневието и стравот од непознатото не се никаква причина за да се откажете од идејата или како што вели тој „ако сакаш нешто и му се посветиш, ќе стигнеш таму каде што сакаш да бидеш“.

 

Промената за него значела да ја остави зад себе 13 годишната кариера во банкарскиот сектор и да се запише на Data Science Академијата на Data Masters за да има комплетен фокус на нејзиното изучување.

 

Едукативниот и професионалниот пат зборуваат дека на овој или оној начин менаџирањето со финансии било голем дел од твојата кариера. Зошто одбра да учиш и да работиш во овој домен?

Впрочем, финансискиот сектор претставува единствениот пат во мојата професионална кариера. Имав среќа мојата кариера да го продолжи патот кој го трасираше моето образование од областа на економијата и финансиите.

Не е тајна дека во денешното општество во сите аспекти во животот финансиите играат значајна улога. Присутни се кај секоја личност почнувајќи од поимот џепарлак, низ финансирање на студиите, семеен буџет, па сè до пензиска заштеда, додека пак во било која организација без разлика на големината или на дејноста со која се бави, финансиите претставуваат јадрото на бизнисот. Бидејќи финансиите се ограничен ресурс, за да се дојде до зацртаните цели потребно е со нив соодветно и одговорно да се менаџира.

 

Додипломските студии ги имаш комплетирано на Штуловиот универзитет, за потоа да се одлучиш за постдипломски студии со фокус кон проектно менаџирање. Колку студиите те подготвија за работа во пракса?

Можам да потврдам дека со студиите се градат основните познавање на струката, логиката на материјата и се поставуваат гледиштата кон повеќе различни области во рамките на една наука. Сепак работите во пракса изгледаат малку поинаку и поголемиот дел од тоа што се изучува речиси и да не наоѓа вистинска примена.

Ја застапувам претпоставката дека најмногу и најдобро може да се научи преку лично менторство од професионалци кои веќе имаат искуство, знаат  да направат паралела помеѓу сегашната ситуација и времето кога тие биле почетници и секако несебично да  споделат како тие ги доживеале чекорите во градењето на нивната кариера.

 

Најголемиот дел од својата кариера го имаш поминато во банкарскиот сектор, со акцент на кредитирање на население. На што те научи овој вид на работа и кои се најзначајните лекции што ги имаш понесено со себе?

Ќе напоменам дека кредитирањето на физички лица е многу ценета струка помеѓу населението, бидејќи е потребен индивидуален пристап со секој клиeнт. Една од причините е тоа што кога имате пристап и допир до личните финансии голем број на луѓе имаат доверба во вас и секако очекуваат квалитетна услуга, понуда и реализација на соодветен продукт.

Посебно е значајна и во самите финансиските организации, не само банки, туку и осигурителни компании, пензиски фондови итн. Искористувањето на податоците во сегментот на здружување на банките со останатите финансиски институции треба да има за цел да го подигне стандардот на своите клиенти.

Посебна сатисфакција претставува моментот кога ќе видите задоволство кај клиентот или кога тој ќе ви даде признание дека сте му помогнале да комплетира некојa цел во својот живот. Не сите се запознаени или пак успешно се справуваат со менаџирањето на личните финансии, но ме радува тоа што приметувам дека денес нивото на финансиска писменост кај нашите сограѓани е на повисоко ниво во споредба со пред неколку години.

 

Зошто се одлучи за полето на Data Science за промена на кариерата и Академијата на Data Masters?

Data Science како една од најновите гранки во IT индустријата може да најде примена во повеќе области. На тој начин преку работење на проекти од најразлична природа се добиваат прилики за постојано учење на нешто ново во нови и најразлични области.

Врската помеѓу секој бизнис и Data Science е Domain Knowledge кое кај мене е претставено преку познавања од областа пред сè во Retail Banking, а ова е една од областите која и тоа како е застапена во DS.

Главната мотивација да се насочам кон Data Science беше тоа што увидов колку примената на оваа наука влијае да се заштеди време и ресурси и тоа преку автоматизирање на процеси кои сега главно се прават мануелно.

И покрај тоа што имаше неколку опции за изучување на Data Science, прво се обратив во Data Masters, бидејќи како што веќе споменав најдобар ментор може да биде некој кој веќе има искуство во областа, а Data Masters e единствената компанија за која знаев дека е специјализирана и ја применува науката на дело. Уште по првиот разговор со Мартина (Head of Data Science во Data Masters) не се двоумев многу за тоа каде ќе биде зачетокот на мојата идна кариера. Сега можам да потврдам дека ја донесов вистинската одлука за промена на кариерата.

 

Мотивот за промена на кариерата значи и дека треба да се откажеш од нешто. Како за тебе изгледаше процесот на прилагодување и од што требаше да се откажеш за да се посветиш на градење на нова кариера?

Секако, како и секој почеток и почетокот со студиите во првите два – три месеци на Академијата бараше дополнително вложување на труд, посебно што навлегував во наука во која претходно немав никакво искуство освен воведните основни запознавања.

Тврдам дека порано или подоцна секој може сè да постигне доколку желбата и мотивите се доволно силни, но сепак од нешто треба и откажување. Академијата ја започнав во период кога моето семејство доби нов член што побара и дополнителен ангажман и беше потешко да се изменаџира времето, т.е немаше време за сè. Пресудија љубопитноста, желбата за учење и запознавање на нови работи, а жртва беше редовното вработување кое окупираше најголем дел од моето време.

Бидејќи поминаа тринаесет години од моментот кога ја започнав својата кариера, на почетокот беше тешко да се навикнам дека ја немам обврската за извршување на секојдневните активности. Нешто што посебно недостасуваше на почетокот се интензивните контакти со голем број на луѓе. Дури потоа следува фокусот кон прилагодување на новото секојдневие и посветување на Академијата.

 

Дали промената ги исполни твоите очекувања? Што е она што можеби изгледа поинаку од она што си го очекувал?

Досега поминавме повеќе модули во рамките на Академијата, но нешто што посебно ми е интересно е примената на алгоритмите на машинско учење во креирањето на предиктивните модели. Интересно, очекував дека ќе имам потешкотии при совладување на напредна математика и статистика, но олеснувачки е тоа што како за почеток е доволно да се разбере како функционираат на пример алгоритмите, а сите нејасни формули кои изгледаат застрашувачки се преточени во неколку линии код.

На почетокот ми беше потешко и малку чудно да се следат предавањата оnline. Бев навикнат на интензивна и непосредна интеракција со голем број на луѓе, а тоа навистина ми недостасуваше. Сепак, онлајн учењето сега повеќе го гледам како придобивка отколку како недостаток, бидејќи во било кој момент можам да се навратам на секое предавање.

 

Да треба сега одново да го поминуваш процесот на промена на кариера што би направил поинаку и што би ги советувал оние кои сега се двоумат дали да го направат тој чекор?

Како што поминува времето, одлуката за промена на кариерата се покажува како вистински избор. Кога би се навратил некоја година наназад во најмала рака би преземал похрабри чекори во пристапот за започнување со изучување на нова материја за која претходно сум сметал дека сум интелектуално инфериорен. Впрочем, вреди секој обид за реализација на своите идеи.

Треба да се помисли дека промената на кариерата не треба да биде мотивирана поради материјалната егзистенција. Едноставно е, но причината што поголемиот дел од времето се поминува во активности поврзани со работата треба да биде и повеќе од мотивација да се бавиме со нешто што ќе нè исполнува и истовремено ќе биде заслуга за наградите во приватниот живот.

Не треба да се чека на моментот да се биде целосно подготвен, бидејќи тој можеби и никогаш нема да дојде. Доколку сте подготвени и барем 50% и почнете веднаш да работите на тоа што го сакате, за одредено време кога ќе се навратите наназад ќе забележите колку многу сте постигнале.

На крајот никој не може да ги одземе знаењето, вештините, постигнувањата и резултатите постигнати во досегашната кариера.

 

Data Science има огромна примена во различен вид на сектори. Во кои домени тебе ти е најинтересна нејзината примена и со каков проект би сакал да ги комплетираш студиите во рамки на Академијата?

Сметам дека би имал најдобар перформанс и најмногу би придонел за тимот кога завршниот проект во Академијата би бил поврзан со она што претходно го работев, односно во Retail Banking.

Како голем фан на спортот ќе ми биде огромно задоволство да имам прилика да работам на проект и да имам улога која ќе биде поврзана со подобрување на перформансите на некој спортски колектив. На пример, има една статија кај вас која и тоа како ми побуди внимание, а се однесува на примена на Data Science во реализација на трансферите во Ливерпул.

 

Твој совет за сите оние што сакаат да изучуваат Data Science во иднина…

Треба да се биде подготвен постојано да се учат нови и нови работи и да се стекнуваат нови вештини, бидејќи науката сè уште е на својот почеток и ако може така да се изразам го нема добиено својот конечен облик.

Добро запознајте се со програмата за изучување на Data Science и со сè што ќе треба да се сретнете низ Aкадемијата.

На почетокотот фокусирајте се повеќе на Data муабет со професионалци кои си ја познаваат работата, а потоа бидете подготвени и да го пренесете вашето искуство.

Интервјуа со нашите студенти