„Академијата за Data Science е stepping stone“

intervju-goran

Дипломиран градежен инженер, на хидротехничка насока. Моментално студент на постдипломски студии на Градежниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на насоката Хидротехника. Има повеќе од 10 години работно искуство во компанија за производство на електрична енергија, во службата за хидро објекти и обновливи извори. Учествува во подготовка и реализација на инвестициски проекти, кои се однесуваат на производство на енергија добиена од обновливи извори – вода и ветар. Долги години се занимава со крос фит и практикувам здрави животни навики. Смета дека човек треба постојано да го надградува своето знаење, да се адаптира на влијанието на технолошките достигнувања и да наоѓа решенија на проблеми, преку користење на интелигентни алатки, коишто ќе придонесат за носење на добри одлуки во деловната заедница, создавање на нови бизнис можности, како и зголемена ефикасност и продуктивност во работниот процес.

Кое мото ве води низ животот?

Предизвик. Нешто што ме придвижува, ме тера да продолжам напред, да не се откажувам, и да го дадам најдоброто од себе. Личната сатисфакција при остварување на одредена зацртана цел, на чијшто пат сум се соочил со одреден предизвик е огромна, поради тоа што знам дека сум се надминал себеси, и дека не треба да се задоволам со почетнички успех, туку треба да продолжам да се доусовршувам и да постигнам повеќе. Поради тоа, никогаш не се откажувам од сопствениот сон.

Кој бизнис проблем Ве мотивираше да се запишете на Академијата за Data Science?

Алгоритмите за машинско учење можат да се користат во хидрологијата и во управувањето со водните ресурси. Овие методи, коишто потекнуваат од вештачката интелигенција, успешно се користени во планирањето, управувањето и контролата на водните ресурси. Во областа на хидроенергијата, токму овие вештини помагаат за создавање на модели за предвидување на безбедноста на браните. Преку примена на напредни анализи на податоци и машинско учење, може да се зголеми безбедносната контрола на браните, што е особено значајно за процесот на производство на електрична енергија и општеството во целина. Токму поради овие бизнис проблеми, одлучив да бидам дел од првата практична академија за Data Science во Македонија. Исто така, сметам дека од огромно значење е можноста за точно предвидување на побарувачката на електрична енергија меѓу потрошувачите, како и предвидувањето на производството на енергија, коешто е овозможено преку користење на data science и big data. Машинското учење има значајна улога во целокупниот енергетски сектор, особено за создавање на револуционерни откритија, како и во начинот на којшто управуваме со енергијата. Неговото влијание е особено присутно во областите за предвидување (forecasting) на обновливи извори на енергија и создавање на „паметни“ (smart) мрежи.

Зошто ја одбравте Data Science Академијата на Data Masters?

Искуството на обучувачите, можностите за напредок во кариерата, вмрежувањето со професионалците од оваа област, и пред сѐ, стекнувањето на практично искуство, преку работа на проекти, кои вклучуваат податоци од компании од светската бизнис-заедница.

Поминаа 8 месеци од Академијата. Дали се сеќавате на вашата прва средба?

Со Мартина се запознав неколку месеци пред почетокот на Академијата за Data Science. Таа ми даде инпут во модулите, нејзиното професионално искуство и кариерен пат, профилот на обучувачите, како и можностите кои се пружаат со посетувањето на Академијата. Во тие моменти, бев решен дека доколку се организира овој вид на академија, би сакал да бидам дел од неа. Првото интервју го спроведе Филип. По разговорот и добивањето на потребните информации, сфатив дека одлуката да бидам дел од оваа Академија е вистинската, и дека од слушател, сакам да прераснам во професионалец во оваа област, преку стекнување на специјализирани вештини и практично искуство.

Што Ве изненади или пак не го очекувавте за Data Masters?

Искрено, не очекував дека може да создадете една таква група на слушатели, во којашто, секој е професионалец во својата област, со различно знаење, искуство и способности, додека тимскиот дух е нешто што нѝ е заедничко. Сметам дека и покрај тоа што сме различни индивидуи, сите сме дел од оваа академија поради истата цел – да стекнеме специјализирани вештини и пракса, коишто ќе ни помогнат да станеме Data Scientists, идните двигатели на промените во едни од најнапредните компании во светот. Исто така, многу ми се допадна friendly пристапот на предавачите во Data Masters.

На каков проект работите за крајот на Академијата?

Во претстојниот период, заедно со останатите членови на тимот со којшто работам, ќе одлучиме на кој вид на завршен проект ќе работиме. Секако, овој проект ќе вклучува анализа и обработка на податоци од реалниот сектор, што за нас ќе претставува синтеза на досега стекнатото теоретско знаење од страна на нашите предавачи и практичното искуство, и секако – можност да покажеме што сме научиле во текот на академијата.

Какво е Вашето искуство на онлајн предавањата?

Во времиња кога сите сме соочени со пандемија на корона вирусот, можноста да посетувам онлајн предавања ја сметам за огромна предност. Хибридниот наставен процес се одвива непречено, со одлична организација и подготвеност на предавачите, како и до сега. Дополнителна предност е тоа што ги следам предавањата од дома, па полесно можам да ги организирам секојдневните обврски и да се подготвам за часовите.

Што би му кажале на некој кој размислува да биде дел од акдемијата за Data Science?

Академијата за Data Science е stepping stone. Доколку сте подготвени да стекнете нови знаења, вештини и сте мотивирани да бидете дел од светот на машинското учење, тогаш сметам дека оваа академија е вистинското место за вас. Теоретското и практичното знаење коишто ќе ги стекнете за времетраењето на ова патување, како и одличното академско и професионално искуство на предавачите и обучувачите, ќе ви помогнат за полесно решавање на секојдневните проблеми во деловното опкружување, создавање на иновативни и креативни решенија и отворање на вратите во светот на професионалците и консултантите за Data Science. Исто така би сакал да додадам дека запишувањето на академијата за Data Science го сметам за еден од најголемите предизвици во мојот живот и кариера и воедно, моќна алатка, која ќе ми помогне да стекнам значајни вештини од областа на машинското учење, кои се сметаат за едни од најбараните во индустријата во 21-от век.

Интервјуа со нашите студенти