„Секој аналитичар треба да инвестира во изучување Data Science“

pr-gorgi-mavrodiev-blog

Ако погледнете во резимето на Ѓорѓи Мавродиев, ќе видите големо и шаренолико искуство во областа на финансиите.  Од асистент на финансии во Qatar Airways, до финансов аналитичар во софтверска компанија, а сега во гејминг индустријата, со него можете да разговарате на многу теми од областа на податоците. Како студент на Data Masters академијата, Ѓорѓи постојано нè импресионира со напредокот и брзината на совладување на материјалот и беше вистинско задоволство да се реализира интервју со него во кое ни го опиша својот професионален пат, мотивот да изучува Data Science и каде тој би сакал да види напредок преку нејзината примена.

 

Како би го опишал своето искуство во светот на финансиите до моментот на запишување на Академијата?

Доста разновидно и на периоди динамично. Неколкуте промени во светот на финансиите рано во мојата кариера ми помогнаа да можам да добијам увид во повеќе насоки и опции за да донесам одлука кон која насока сакам да се развива мојата кариера. Изборот го направив кон аналитика, што е дејност која е повеќе поврзана со самите бројки, математика, статистика и логика и може да има сестрана примена, настрана од светот на финансиите. До одлуката да се запишам на Академијата дојдов по релативно долг период  од година дена работење како аналитичар во ИТ секторот.

 

Имајќи предвид дека во твоето резиме се наоѓаат компании кои се интернационално етаблирани и со голем обем на работа во поглед на филтрирање и обработка на податоци, колку тоа те подготви да го направиш потегот да студираш Data Science?

Од областа на филтрирање и обработка на податоци имам солидни предзнаења, бидејќи тоа е во мојот работен опис и е неизбежен дел од моето секојдневие. Во однос на подготовка од теоретскиот дел, значењето на филтрирање и обработка на податоци, примената во бизнисот и потребата при изработка на анализи, имав целосно знаење, а од Академијата очекувам секако да ме научи сето тоа теоретско знаење да го претворам во практично знаење и да ми ги приближи сите Data Science алатки и методи кон моите веќе постоечки вештини.

 

Што всушност те мотивираше да започнеш да изучуваш Data Science и со какво предзнаење се запиша на Data Masters Академијата?

Според мене, секој аналитичар кој сака да напредува во кариерата, би требало да инвестира време и ресурси кон Data Science како покомплексен и напреден метод во светот на податоците. Аналитиката како професија се фокусира на анализа на постоечки настани во сегашно и минато време, додека Data Science оди кон градење на модели и предвидувања за идни настани, што во бизнис светот има поголем импакт. Што се однесува на предзнаење, како што напоменав, теоретско предзнаење поседував на високо ниво, додека од практичен аспект, скоро никакво.

 

Кој е твојот омилен дел од предавањата?

Предавањата, барем до сега, се супер сегментирани и соодносот на теорија / практичен ден / вежби и примена е според мене идеален. Се обраќа голем дел од фокусот на примена и вежби, што е најголемата вредност на една Академија. Тоа е мојот омилен дел, секако.

 

Во однос на практичната примена на знаењето од Академијата, дали веќе започна да аплицираш дел од наученото во својата работа?

Во компанијата каде што сум вработен, се обрнува големо внимание и се вложуваат многу ресурси во полето на податоци и секоја одлука се базира на податоци. Тоа беше еден од поважните елементи при мојата одлука за запишување. Од апликативен дел, сега за сега почнав барем да ги разбирам веќе постоечките Data Science алатки на малку подлабоко ниво, позадински. Сè уште не можам да се пофалам со моја лична примена на Data Science во бизнисот, бидејќи Академијата е во почетна фаза, но се надевам и сум оптимист дека за неколку месеци ќе почнам да правам барем базични тест модели на реални податоци.

 

Data Science и напредокот одат рака под рака. Каде ти сакаш да видиш резултати од нејзината примена во светски рамки?

Во медицината, мислам дека таа гранка би имала сериозен бенефит од Data Science, што би можело да конвертира во многу спасени животи во иднина. Предиктивни елементи при развој и дијагностика на болести и состојби би можеле да го сменат светот каков што го знаеме моментално.

 

Како поедноставно би ја опишал Data Science на оние кои немаат допирна точка со неа и како би ги мотивирал да се запознаат подобро со можностите што ги нуди?

Најпросто, наука која со помош на податоци создава корисни и важни заклучоци базирани на тие податоци и создава предиктивни модели базирани на тие заклучоци за идни настани. Можностите се неограничени во буквална смисла на зборот, а мотивацијата е исто така едноставна, предвидувањата на светско ниво се дека ќе биде најбарана професија во наредните 15 години, со дефицит од неколку милиони луѓе до 2025та. Тоа значи дека доколку инвестирате време и труд во тоа, можностите да имате ценета, сериозна и значајна работа и да бидете компетитивен на глобално ниво се големи, што е реткост во нашава сегашност и општество.

 

Што сметаш дека треба да поседува еден добар Data Scientist?

Според мене, најважна особина на еден Data Scientist е способноста за аналитичко размислување и расудување. Тоа е еден вид апстрактна особина и е многу потешко да се развие од техничко знаење.

Исто така, јас на мојата листа би ја ставил способноста науката да се преточи во бизнисот, бидејќи не секогаш секоја алатка, модел или анализа ќе има реален импакт на одреден бизнис, што ја прави бескорисна и залудно потрошено време.

Следно на листата се секако знаењата од областа на математиката и статистиката, и последно, но не помалку важно, знаење од програмските јазици за манипулација на податоци како што се Python, SQL и R.

 

Што би ги советувал оние кои ги прават првите чекори во изучување на Data Science?

Науката може да ви делува многу страшна на почеток и работите кои треба да се совладаат да изгледаат недостижно, но со доволно труд сè е возможно, затоа пробајте и не се откажувајте лесно. Бенефитите од науката генерално и бенефитите за Data Scientists како човечки ресурси во одредена компанија ќе растат експоненцијално во наредните години.

Втор совет е да влезете во светот откако малку ќе го истражите полето, бидејќи влегувањето нагло во нешто непознатно може дополнително да ве спречи да ги остварите своите цели. За оваа цел постојат мал милион веб страни, форуми, статии и секаков друг вид на содржина достапни глобално за сите.

Интервјуа со нашите студенти