„Data Analytics игра значајна улога во дигиталната трансформација на компаниите“

elena-gligorova

По 20 години поминати во банка, каде се вработила веднаш по завршувањето на Економскиот факултет, Елена Глигорова како што вели самата, успешно излегла од својата комфорт зона преку изучување на обуката Data Analytics in Finance на Академијата Data Masters, a воедно од неодамна има направено и промена на работната позиција. Новата позиција како Business Analyst во интернационална компанија за логистички услуги и транспорт постојано ѝ носи нови предизвици, а работата со податоци веќе ѝ е прерасната во голема пасија.

Со Елена разговаравме за нејзината потреба да ги надогради своите знаења, процесот на совладување на нови алатки и впуштањето во нови професионални предизвици кои неминовно носат нови успеси.

 

 

Kако и колку се промени пристапот кон податоците во банките од моментот кога станавте дел од него, па сè до денес? 

Новите времиња носат нови професии!

Така би можела накратко да ја опишам денес свесноста која веќе кај некои банки се развива, а тоа е дека во организациската шема и работните позиции се увидува потребата да имаат и Data Analytics позиција. 

Банките имаат големи бази на податоци, кои брзо растат секоја измината секунда. Имаат пристап и до различни извори што можат да се користат за собирање податоци, вклучувајќи трансакции, анкети, бази на податоци, социјални медиуми, интернет и сл. Тие успешно се соочуваат со предизвикот кога станува збор за комбинирање податоци од различни бази на податоци, чистење, организирање, сумирање, моделирање, нивно анализирање и презентирање со цел да се донесат подобри бизнис одлуки.

Свесноста веќе постои и банките веќе почнуваат да ги користат методите, техниките и алатките за анализа и презентација што им овозможува сировите податоци да ги трансформираат во вредни сознанија кои можат да се користат од страна на менаџерите за да се донесат подобри и побрзи одлуки, односно да ги искористат податоците како конкурентска предност.

 

Што иницијално Ве привлече кон работата со податоци и следствено на тоа да се запишете на обуката Data Analytics in Finance?

Потребата да научам нешто ново долго време беше присутна. Интересот за анализа на податоци, процеси, подобрување на софтверски апликации, учење на нови апликации се дел од мое секојдневие. Водена од желбата да научам нешто ново, за мене привлечно, но и потребата да си ги пробам моите граници на достигнување нови работи, ме донесе да ја изберам оваа обука и среќна сум дека го направив тој избор.

Велите дека обуките се добри за луѓето да ги пронајдат своите „скриени афинитети“. Кој е вашиот „скриен“ афинитет во однос на работата со податоци?

Навистина сум многу благодарна дека денес постојат академии од ваков тип кои нудат неформално образование преку кое можеме да се „пронајдеме“ во нешто за кое сме сметаме дека би можеле да сме добри или да ги надградиме веќе постоечките вештини.

На ваков начин и јас го открив својот „скриен афинитет“ и разбуди голем интерес кај мене за изучување на програмски јазици и алатки за обработка и презентирање на податоци.

 

Пред запишувањето на обуката, сте имале познавања на SQL, но не и на Python. Kој беше најголемиот предизвик при совладувањето на двата модула?

Да, SQL ми беше попознат и побрзо го совладав. Python ме изненади на почетокот, но му дадов шанса да го совладам, на почетокот се трудев колку можам повеќе да ги вежбам задачите од часот, од работилниците и од домашните задачи. На крајот веќе ја видов убавината на овој програмски јазик, односно дека самиот можеш на различни начини преку играње со податоците и пишување на кодот да дојдеш до конечното решение. Огромна улога имаше и предавачот кој нè држеше будни на секое предавање за да го совладаме модулот онака како што се бараше од нас.

 

Што најмногу Ви се допадна во начинот на работа и методологијата на учење на нашата Академија?

Ми се допадна пристапот на предавачите кон нас како група на почетници кои првпат се среќаваме со овие програмски јазици. Беа доста трпеливи и несебично го пренесуваа сето свое искуство преку планираната програма за обука. Она што многу ми се допадна е дека предавањата се доста интерактивни, часовите се одвиваат како комбинација од предавање на материјата и решавање на задачи самоиницијативно, но со нивна помош кога е потребна. На тој начин нè учеа како сами да размислуваме да ги решиме задачите да не се плашиме, ако згрешиме и да истражуваме, со нивни патоказ и помош. Така се учи најдобро.

 

За кои типови на кадри сметате дека е најсоодветна обуката Data Analytics in Finance?

Data Analytics станува важен дел во модерното бизнис окружување. Повеќето компании веќе се свесни за потенцијалот од инвестирање во Data Analytics алатки што ветуваат заштеда на трошоци, зголемување на приходи и зголемување на продуктивноста. Огромен број на компании на глобално ниво инвестираат во иницијативи за дигитална трансформација, а улогата на Data Analytics има значаен дел во сето тоа.

Доколку организациите имаат дата аналитичари со умешни аналитички вештини, тие ќе можат да ги искористат податоците како конкурентска предност. Затоа сметам дека секоја компанија денес треба да има кадар токму со овие вештини и знаења, а тоа најчесто се луѓето кои секојдневно се соочуваат со анализа и презентација на голем број на различни типови на податоци.

 

Ваш совет/препорака за сите што се двоумат дали да направат чекор напред кон изучување на нови алатки како оние кои се дел од обуката Data Analytics in Finance?

Да веруваат во себе дека се можно да се постигне и научи. Програмата е направена на начин да посетителот може постепено да навлезе во работата со SQL и Python и би рекла дека најдобар начин е тоа да се направи преку ваков тип на неформално образование и посета на курсеви и академии предводена од искусни предавачи.

 

Како успевате да го организирате вашето време помеѓу работата, изучувањето нови нешта и приватниот живот? Постојат ли и кои хобија се дел од вашето секојдневие?

Секој ден се водам под мотото дека успех е кога во животот ќе направиш баланс помеѓу работата, семејството, пријателите и најважно, време посветено само за себе. Дали е тоа наутро одвоено време за пиење кафе и читање неколку страници од твојата омилена книга или пак викенд поминат со твоите најблиски надвор од градот и секојдневието или пак одвоено време за себеразвој, учење и надградување на она што ти е интересно и те прави да се чувствуваш исполнет и среќен. Ова го практикувам подолго време и беше една од главните причини да излезам од својата комфорт зона и да научам нешто ново што ме исполнува.

Хоби? Ја обожавам зимата само кога скијам, а летото е моето омилено време за чести викенд посети на плажа. Во пилатесот се пронајдов комплетно и ми е омилено хоби.

Интервјуа со нашите студенти