„Економист со технички вештини е поконкурентен на пазарот на труд“

interview-bojan-naumovski

И покрај дваесетгодишното искуство и темелното познавање на повеќе аспекти од банкарското работење, желбата на Бојан Наумовски да ги унапреди своите знаења го мотивираше успешно да ја заврши обуката Data Analytics in Finance нa Data Masters Academy. Како што вели тој, „најголем предизвик ми беше да најдам време“, но смета дека волјата за нови вештини е пресудна за неговото успешно надоградување на знаењата. Бојан има минато низ неколку сосема различни сегменти од банкарското работење, а во последните 12 години работи во Секторот за управување сo кредитен ризик во една од најголемите македонски банки.

 

 

Кој е вашиот впечаток – дали банките ги следат најновите трендови во работа со податоци и според вас во која насока треба да се работи со податоци во банките?

Нашите банки располагаат со широка база на податоци која најчесто се генерира преку најразлични информации за регистрираните трансакции што се вршат во традиционалните банкарски системи. Овие податоци вообичаено се користат и за аналитички и извештајни цели од различен тип, врз основа на што може да се каже дека банките сè’ повеќе го прокламираат „data-driven“ банкарството.

Сепак, сметам дека постои простор за многу поголема искористеност на расположливите податоци на банките, но и за воведување на нови, софистицирани алатки за нивно процесирање. Ова би овозможило скратување на потребното време за обработка на податоците, намалување на веројатноста за настанување на грешки, како и зголемена ефикасност и унапредување на процесите на одлучување. Во модерните системи, овие податоци се експортираат преку надворешни датабази или т.н. „data warehouse – DWH“ од каде со примена на одредени алатки можат да бидат искористени за бизнис анализа и предикција. Во последно време сè повеќе стануваат актуелни и анализите кои базираат на користење на алгоритмите за машинско учење (ML) и вештачка интелегенција (AI), како уште пософистицирни и понапредни форми.

 

Дали сметате дека научените вештини можат да ви помогнат во секојдневното работење? 

При моето секојдневно работење користам голем број на податоци од различни извори со цел изготвување квалитетни анализи на пазарните движења и трендовите во различни индустрии, како на глобално така и локално ниво. Ова претставува неопходен предуслов за квалитетно оценување на ризичниот профил на компаниите кои со различен деловен модел и во различни фази од животниот циклус делуваат во променливото макроекономско опкружување.  

Новите вештини стекнати на обуката Data Analytics in Finance, очекувам да ми овозможат многу полесно структурирање и систематизирање на расположливите податоци и нивно прилагодување на потребите на анализите, со цел да се донесат соодветни заклучоци при скратување на потребното време. Соодветно структурираните бази на податоци преку SQL или Python може да се користат за повеќе намени, а преку Power BI апликацијата и соодветно да се презентираат и визуелизираат. 

 

Како и дали може да се автоматизира работата на вашата позиција со користење на алатките и вештините од обуката Data Analytics in Finance?

Како што потенцирав и претходно, оваа обука е од големо значење за поедноставување на начинот на изготвување на анализите врз основа на голем број на податоци, како и за поефикасно и рационално искористување на податоците кои се расположливи во различни форми. Досега беше невозможно самостојно да креирам query или да структурирам податоци според моите идеи и потреби без да побарам помош од моите колеги од ИТ секторот. Со оваа обука, се чувствувам подготвен за да можам да извршувам повеќе функции на подобар и поефикасен начин. Исто така, стекнатото знаење ми овозможи подобро да ги разберам позадинските  процеси.

 

Велите дека алатката Power BI најмногу ви го привлече вниманието. На кој начин PBI може директно да ви помогне при креирање на презентации, метрики и репорти во комуникацијата со топ менаџмент, а како во комуникацијата со клиенти? Дополнително, како Power BI помага во самиот процес на креирање на извештаите и како го унапредува изгледот на самиот извештај?

За разлика од Excel, преку алатката Power BI имаме неограничен избор на опции за визуелизирање и многу поубаво презентирање на анализите кои се бараат во секојдневното работење. Power BI го подигнува начинот на презентација на резултатите на многу повисоко ниво, што од друга страна го поедноставува процесот на донесување на правилни и издржани одлуки од страна на одговорните тела во институцијата. 

Од друга страна, со презентирање на соодветните анализи на пазарот како и споредбени анализи во кои делуваат тековните или потенцијални клиенти, постои можност заедно со клиентот да изнајдеме најповолно решение за неговите потреби. Во тој случај, може полесно да се идентификуваат предностите или слабостите на одреден клиент на пазарот и како тоа да биде преточено во финансиски продукт кој ќе биде најсоодветен за неговите потреби. 

 

Дали познавањата од SQL ви помогнаа подобро да ги разберете можностите и алтернативите при креирање и имплементација на некакво IT решение, со оглед на фактот дека најчесто сте биле од бизнис страната на комуникацијата?

Пред обуката, за некои практични аспекти на SQL како јазик имав слушнато од моите ИТ колеги. Преку обуката се убедив дека овој јазик е доста интуитивен и може да се користи и директно од деловните сегменти на банката кои се на страната на бизнисот. Повеќе нема да има потреба за мали промени во табелите или пак за структурирање на податоците и нивна подготовка за во Excel или Power BI, а притоа да се бара помош од колегите од ИТ. Јазикот е релативно лесен, но за целосно искористување на неговите можности потребно е да се навлезе подлабоко во некои покомплексни функции. Иако оваа напредна форма на примена на SQL како јазик во секојдневното работење во моментов не ми е потребна, по завршувањето на обуката решив стекнатото знаење од курсот да продолжам целосно да го практицирам за научно истражувачки цели од областа на финансиите, како еден нов предизвик и нова додадена вредност во мојот професионален профил.

 

Во денешни услови кога анализата на податоци е неопходна за сите компании, дали сметате дека техничките познавања се неопходни за економистите да останат конкурентни на пазарот?

Во услови на забрзана дигитализација и динамички промени во окружувањето, ние економистите се соочуваме со предизвикот да ја одржиме својата конкурентност на пазарот. Стекнувањето на нови технички познавања со користењето на напредни дигитални алатки и модели нѝ овозможува целокупното знаење и искуство правилно да ги насочиме и да испорачаме комплетен производ со висок квалитет, особено во доменот на бизнис аналитиката. Со ова, сметам дека сме дури и поконкурентни во однос на оние кои се специјализирани како исклучиво ИТ профили. Теоретските и практичните познавања од областа на финансиите нѝ овозможуваат со поголемо разбирање на суштината и на квалитативните елементи да пристапиме кон квантитативната обработка. Ова ни овозможува соодветно да ги препознаеме, селектираме и систематизираме потребните податоци, а врз основа на добиените резултати да испорачаме квалитетна анализа со констатации и проекции кои би резултирале во издржани насоки за идно делување.

 

На кој типови на професионалци би ја препорачале обуката?

Oбуката Data Analytics in Finance нa Data Masters ја препорачувам на сите оние кои се подготвени да вложуваат во себе, професионално да се надградуваат и да се во чекор со трендовите на пазарот, без разлика на нивната моментална работна позиција и работен стаж. Обуката несоменено ќе има директна додадена вредност за оние профили кои имаат потреба од различни типови на анализи кои се изготвуваат врз основа широка база на податоци, без разлика дали е потребно да се стават во директна функција на практичното менаџирање на деловните процеси или се изготвуваат за научно – истражувачки цели.

Новостекнатите знаења и вештини за користење на овие алатки би им помогнале од хаосот на податоци прибрани од најразлични формални и неформални извори да се направи соодветна селекција, систематизација и прилагодување за понатамошна анализа од која ќе произлезат корисни и издржани заклучоци и констатации. И на крајот, како не помалку важно, преку Power BI имаат можност да ги презентираат и визуелизираат на софистициран, едноставен и разбирлив начин онаму каде што е потребно.

 

Што сметате дека е неопходно за секој слушател успешно да ја заврши обуката Data Analytics in Finance?

За успешно завршување на Data Analytics in Finance на идните слушатели им препорачувам на обуката да не гледаат како на дополнителна обврска и време кое се приморани да го издвојат за да се стекнат со финален сертификат. Обуката е корисна инвестиција во сопствениот професионален напредок и време одвоено за себе. Исто така, им препорачувам внимателно и редовно да ги следат предавањата, но и задолжително да го практицираат и вежбаат стекнатото знаење и надвор од часовите. Во секој момент да бидат свесни за можноста за практична примена на стекнатото знаење и да бидат отворени кон нови креативни идеи. Обуката ја врши тим на квалитетни предавачи кои во секое време стојат на располагање да ги разрешат сите дилеми, да дадат одговори на сите прашања, не само во текот на предавањата, туку и надвор од нив. Затоа, ги охрабрувам идните слушатели да го прифатат предизвикот – да бидат проактивни, да прашуваат и да практицираат.

 

Кои се вашите хобија и интереси и како успевате да ги балансирате обврските во професионалниот и приватниот живот?

Батериите најмногу ги полнам кога сум во природа, преку трчање, планинарење и скијање. Посебна енергија црпам од семејните патувања кои се секогаш на различна дестинација, а многу ми значи и времето поминато во дружење со пријателите. Се релаксирам преку свирење гитара и слушање рок музика каде што доминираат звуците на гитарата. Секогаш наоѓам време да изгледам добар документарец или важен спортски натпревар.

Сметам дека соодветниот баланс меѓу професионалните обврски и приватниот живот е исклучително важен и те прави комплетен како личност. Професионалниот успех стекнат со константно жртвување на семејството е премногу скап и дискутабилен. Во ова брзо, динамично и несигурно време не е важно само себеси да се позиционираш, туку и да понесеш одговорност и за вредностите кои ќе ги вградиш во своите деца.

Интервјуа со нашите студенти