„Сè уште сум во период од животот кадешто отворам нови врати, а обуката Data Analytics for Business Decision Making е само една од бројните нови насоки кои сакам да ги истражувам“, вели Бобан Трајаноски во разговорот за Академијата на Data Masters.
Како дипломиран електроинженер на насоката електроенергетски системи за висок напон, тој ја започнува својата кариера во ЕВН, но комбинацијата на силниот личен интерес за автомобилската индустрија и желбата за нови предизвици го носи кон нова кариерна насока: во последата година работи како продукт инженер за истражување и развој во компанија која произведува кондензатори за електрични автомобили.
Во разговорот со Бобан опфативме бројни теми, вклучувајќи ја неговата перспектива и уникатен пристап кон обуката, желбата за констатно надоградување на знаење и навиките неопходни да се биде успешен професионалец, без разлика на кариерното поле.
Како професионалец со искуство како електроинженер од една страна и продукт инженер од друга, што Ве инспирираше да ја направите оваа кариерна промена и како транзицијата од едно во друго поле на работа влијаеше на Вашиот кариерен развој?
Сметам дека во животот никогаш не треба да престанеш да растеш и да се надоградуваш, во секоја област во која што можеш. Веројатно тоа се должи на мојот карактер, моето минато како и моето лично размислување за терминот и принципот на кариерен развој. Всушност, за мене, кариерен развој не мора да значи развој на кариера во една област, туку баш спротивно, може е и да значи личен професионален развој на знаењето и вештините во различни области. Во овој процес, не е најтешко да стигнеш до знаењето, туку што ќе направиш со него откога ќе го стекнеш. Што ќе направиш со отворените врати, дали правилно ќе ги искористиш. Но, колку е потешка вратата и одлуката, толку е послатка и повредна наградата!
Велите дека паралелно со обуката Data Analytics for Business Decision Making изучувате и Solidworks. Споделете ја вашата стратегија за ефикасно и успешно завршување на обврските во две полиња кои воопшто не се поврзани?
Да, во право сте, тие воопшто не се поврзани и тоа ја прави покомплицирана целата работа. Едното е всушност обука за 3D моделирање и е дел од мојата моментална професија, а другото нешто сосема различно – запознавање со data science. Нормално дека е тешко, изучувањето на две различни работи напоредно е напорно, но не е невозможно. Потребна е голема дисциплина, но мене тоа никогаш не ми било проблем, бидејќи се сметам за дисциплиниран човек со принципиелен карактер. Мојата стратегија се состои од многу ефикасност во сѐ што правам во текот на денот и брзината со која што ги правам работите – некогаш на шега велам и дека набрзина и спијам, се обидувам да отспијам 8 часа во 4 часа.
Всушност, тоа е и тајната и мојата главна стратегија за завршување на обврските – жртвувањето и привременото откажување од некои секојдневни навики и моментални задоволства. Тоа е најтешкиот дел од сè, но кога главната мотивација е успехот и добивање на одредено знаење, дисциплината си доаѓа сама по себе, а тоа е клучот на успехот!
Кои се најголемите предизвици во индустријата за електрични возила кои може да се одговорат со data science и machine learning?
Моментално, не постои индустрија во светот којашто се соочува со предизвици кои не можат да бидат решени и одговорени со помош на data science, machine learning и artificial intelligence. Јас секојдневно се среќавам со предизвици поврзани со кондензаторите кои се дел од електричните автомобили. Одговорен сум за дизајнирањето и развивањето на продуктот, но присутен сум и во процесот на производство каде постојат мноштво процеси кои можат да бидат подобрени и оптимизирани. Тоа би се постигнало со едноставно прибирање на податоци од одредени процеси, нивно анализирање, преработување и пренасочување кон правилните цели.
Има безброј начини и можности кои дополнително би можеле да помогнат при истражувањето и производството на различни компоненти на едно електрично возило како и за целата индустрија со AI, односно со помош на machine learning модели. Но, продлабочување во светот на податоците и можностите на овие модели е моето следно поглавје во животот.
Го споредивте учеството на обуката со изучување на странски јазик. Како го поврзувате познавањето на SQL, Python и Power BI со отворањето на нови врати и кариерни можности? Каков удел има data science во иднината на технологијата и светот според вас?
Во денешно време, секој млад човек треба да биде свесен во каков свет живееме и каква иднина нѐ очекува кога станува збор за развојот на технологијата и искористувањето на моќта за обработка на податоци. Оваа наука револуционизираше повеќе индустрии и има потенцијал уште повеќе да го промени начинот на кој живееме и работиме. Иако оваа област е веќе развиена и проширена, таа дури сега почнува да го менува светот. Многу компании веќе го имаат имплементирано овој начин на работа – извршување на детална анализа и обработка на податоци со чија помош се носат статистички заклучоци за насоката на движење на компанијата во иднина.
Во Македонија сè уште не е толку развиено, но компаниите почнуваат да ја разбираат моќта на податоците, па очекувам во наредните неколку години многу повеќе компании да го применат овој начин на работа. Да го водевме разговорот пред повеќе од десетина години, тогаш сигурно би рекол дека германскиот јазик вреди да се изучува, но денес, според мене е круцијално да се познава програмски јазик – модерниот еквивалент на странски јазик. Сепак, она што ја прави data science слична со некој странски јазик е тоа што е наука која што не те обрзува со ниту една специфична област, а сепак ти дава можност да ги подобриш своите вештини, бидејќи податоци постојат секаде и во секое поле има начин како да се искористат.
Познавањето на алатките кои се изучуваат на оваа обука, а со тоа и начинот како да стигнеш до еден момент да знаеш да манипулираш и управуваш со било какви бази на податоци, според мене е најправилниот и најбезбедниот чекор за движење кон иднината!
Бидеjќи велитe дека програмскиот jaзик Python најмногу Ви се допадна, кои ти беа најголемите предизвици за време на овој модул?
Сметам дека сите три модули се на речиси исто ниво на важност, комплексност и интригантност. Она што најмногу нѐ предизвикува неретко е она на коешто ние самите ќе му посветиме најмногу внимание и време, па така остава и најголем впечаток. Тоа што јас најмногу се посветив на овој модул е резултат на долготрајно истражување за Python, неговите библиотеки и нивната моќ. Она што најмногу ме предизвика при изучувањето на овој модул беше како да размислувам и како структурно да пријдам кон решавање на проблемот, а не како да го научам кодот и сите функции кои ги има Python. Тоа е речиси невозможно и можам да кажам непотребно, токму поради open-source природата на програмскиот јазик и огромниот број на онлајн ресурси.
Клучно е да се достигне некое ниво на разбирање на проблемот и на логиката зад него, па тогаш решението станува многу едноставно, а тоа што синтаксата на Python сама по себе е едноставна за разбирање и помнење дополнително го олеснува овој процес.
Споменавте дека ја цените способноста на предавачите да ја пренесат материјата на ниво разбирливо за сите. Како овој пристап влијаеше врз вашето целокупно искуство при првиот контакт со програмскиот јазик Python?
Изучувањето на нов програмски јазик знае да биде доста предизвикувачки и бара многу упорност и мотивација од самиот слушател, но голем удел во исполнување на целта има предавачот. Предавачите на сите три модули поседуваа способност да го пренесат своето знаење на соодветен начин, користејќи различни методи. Исклучително ја ценам способноста на Коста, предавачот на модулот Python, да се “спушти” на нашето почетничко ниво, коешто му овозможи да го гледа проблемот од наша перспектива и на тој начин да успее на наједноставен начин и со огромно трпение да го објасни решението.
Многу ми помогна и ми се допадна тоа што наместо да ги учиме функциите и синтаксата на памет, поголемо внимание се посветуваше на тоа како да дојдеме до логиката на кодот и на она што треба да го добиеме како резултат на испишаниот код.
Како некој кој констатно е фокусиран на надградба на знаењата и учење: што би им препорачале на оние кои се двоумат дали да присуствуваат на обуката Data Analytics for Business Decision Making?
Постојат безброј причини кои можам да ги кажам за тоа зошто е од исклучителна важност е да се навлезе во оваа област преку оваа обука, но ќе издвојам неколку. Зголемената побарувачка за data scientist, data analyst, data engineer итн. и огромните можности за кариерен раст е не занемарлива и дополнително придонесува кон привлечноста на оваа обука, а изучувањето на овие модули претставуваат “влезница” во оваа област.
Во денешниот свет управуван од податоци, способноста за ефективно работење со податоци станува сè повредна. Вештините стекнати од оваа обука овозможуваат придонесување до револуционерен напредок на светот преку технолошки иновации. Ова поле ја поттикна мојата љубопитност, критичкото размислување и вештините за решавање проблеми, преку високото ниво на присутност на интелектуалната стимулација. Во процесот на моето истражување со сретнав со голем број на туторијали, интервјуа и подкасти од истакнати data scientists, од кои можам да го истакнам Бернард Мар кој во својот живот во огромна мера има придонесено кон револуционарниот раст на бројни светски познати компании, документирајќи го својот успех, своите стратегии и искуство во голем број на книги. На крај, можам да го дадам истиот совет што го добив јас на почетокот на моето истражување од мој пријател кој веќе неколку години работи како data scientist и моментално е на докторски студии во странство.
Препорачувам да го прочитате второто издание на книгата “Data Strategy” токму од Бернард Мар, каде што зборува за важноста на оваа наука, за иднината на светот преку четвртата индустриска револуција и бројни примери каде што таа успешно се применува. За мене претставуваше вистински извор на мотивација и искуство кое ми ги отвори очите и насочи кон иднината!