„Навремената анализа на податоци овозможува поефикасни одлуки“

aleksandra-pavleska

Имавме чест и задоволство да разговараме со Алекандра Павлеска Ѓорѓијоска, Data Analyst во Македонски Телеком, која беше учесник на обуката Data Analytics for Business Decision Making на Data Masters Academy. Долгогодишното искуство и доменско работење во банкарскиот и телекомуникацискиот сектор за Александра беше одлична основа да ги надогради техничките знаења, која како дипломиран економист на насоката Е-бизнис, тврди дека не е неопходна IT-позадина за успешно да се заврши оваа обука. 

 

Александра го сподели своето искуство на Академијата на Data Masters, детално разговаравме за техничкиот аспект на обуката, но и за важноста на податоците во процесот на носење на одлуки во една компанија. 

 

Бидејќи имаш искуство во делот на анализа со податоци и во банкарскиот и во телекомуникацискиот сектор, дали можеш да направиш паралела во искуството на работа со податоци во банкарскиот сектор наспроти телекомуникацискиот сектор?

Банкарскиот и телекомуникацискиот сектор се индустрии во кои пристигнуваат голем број на структуирани и неструктуирани податоци преку различни дигитални канали, од кои преку дополнителна обработка и анализа се доаѓа до важни заклучоци – пред сè за однесувањето на клиентите, со цел да се унапреди нивното корисничко искуство и да се зголеми ефикасноста на воспоставените интерни процеси и практики во самата компанија. 

Со оглед на тоа што се работи за различни индустрии, се изработуваат различни видови анализи, но за една анализа да биде успешна многу е важно пред самата изработка да се знае точната цел која сакаме да ја постигнеме со обработката на податоците со кои располагаме. Моето почетно искуство за изработка на анализи и обработка на податоци беше со помош на Excel. Обработката на податоците нѝ дава значајна вредност за дефинирање на соодветен „pattern“ (шаблон) за однесувањето на корисниците и нивното искуство.

 

Велиш дека долги години работиш со алатката Excel. Како знаењата на алатката ти помогнаа на обуката?

Знаењето кои го имам во алатката Excel ми помогна особено во делот со Power BI како и обработката на податоците со помош на SQL.

Јазикот кој се користи во Excel за креирање на покомплексни формули како и во Power BI e DAX (Data Analysis Expressions), па од тука делот со креирање на калкулирачки колони и метрики не ми претставуваше проблем. Дополнително, делот со визуелизација на податоците и нивното динамичко менување е многу интуитивен, доколку се има претходно искуство во Excel. 

Што се однесува на сличноста меѓу Excel и SQL, и двете алатки даваат можност за филтрирање, сортирање и експорт на податоци со точно дефинирни правила (queries), но кога зборуваме за SQL предноста е обработката и експорт на голем сет на податоци, во споредба со обработка на податоците во Excel.

 

А како знаењата од обуката ти помогнаа на твојата работна позиција во Македонски телеком?  

Македонски Телеком е компанија која е лидер во процесот на дигитализација, и ние постојано работиме на автоматизација и усовршување на интерните процеси. Во оваа насока, ние работиме на автоматизација на репортите со помош на Power BI како корисници од страна на бизнисот со цел  да се овозможи увид на  „свежи“ податоци за брзо и ефикасно донесување на одлуки од страна на менаџментот на компанијата. 

За разлика од обработката на анализите во Excel, доколку е потребно веќе направената анализа да се дополни со понови податоци, пристапот до најнови податоци со помош на автоматизацијата на извештаите со алатките кои беа презентирани на обуката е со еден клик.

 

Според тебе, дали македонскиот бизнис сектор ја сфати потребата за напредна анализа на податоци и колку обуките како овие на Data Masters придонесуваат за забрзување на процесот на користење и примена на поефикасни алатки од Excel?

Веќе голем дел од македонските компании имплементираат таканаречена „data driven culture“, бидејќи самите податоци во компанијата веќе имаат третман на „основно средство“. 

Со автоматизацијата на податоците, менаџментот на компанијата има постојан пристап до „свежи“ податоци без потреба од дополнителна инволвираност на вработените и пред сè побрзо отколку обработката да се прави во Excel, а тоа е од витално значење за донесување на одлуки за стратешко планирање, идентификација на нови можности за раст на компанијата, ефикасна алокација на ресурси како и идентификација на потенцијални ризици. 

Анализата на навремени податоци од конкуренцијата и трендовите во индустријата им овозможува на бизнисите да останат конкурентни преку креирање на таргетирани понуди за подобро корисничко искуство.

 

Освен твоите предзнаења за Excel и Power BI, што друго најмногу ти помогна да ги совладаш модулите на обуката?

Самата обука беше интерактивна од страна на обучувачите кои со својата експертиза преку различни примери успешно ги презентираа содржините на секој модул соодветно и преку прашања и примери не водеа низ целиот процес на учење. 

Дополнително во текот на обуката најголем придонес за мене беа практичните вежби и задачи за кои имавме споделување и feedback за секоја измината содржина.

 

За кого сметаш дека е најсоодветна обуката и што би им препорачала на луѓето кои се двоумат да стекнат нови знаења или нова вештина?

Уште еднаш сакам да потенцирам дека за обуката не е потребно претходно техничко знаење и оваа обука топло ја препорачувам на сите индивидуи кои сакаат да стекнат вештини и да го продлабочат своето знаење во областа на анализа на податоци, без оглед дали се работи за бизнис аналитичари, дата аналитичари, data scientists и останати професии. 

Со оваа обука учесниците се стекнуваат со знаења кои подоцна може да ги применат за унапредување на процесите за донесување на одлуки базирани на податоци или доколку сакаат да направат одредена кариерна трансформација.

Интервјуа со нашите студенти