Влијанието на Илон Маск – еден твит значи многу

илон маск

Основачот на SpaceX и Tesla, Илон Маск, несомнено е еден од најпознатите луѓе на светот. Некои велат дека тој е Тони Старк на нашето време и сосема сигурно Маск има статус на еден вид рок ѕвезда, иако тоа не е една од неговите цели. За разлика од други славни личности кои ги користат социјалните мрежи за самопромоција или за општествена одговорност, донации и слично, тој покрај ова има реална моќ да влијае на економските текови и тоа со само еден твит. Со речиси 50 милиони следбеници на Твитер и неговиот авторитет, воопшто не е чудно кога ќе се посочи дека оваа моќ треба да се користи внимателно.

 

Со голема моќ доаѓа голема одговорност

Твитовите на Илон Маск станаа еден вид на сигнал за потенцијални инвеститори. Голем број негови следбеници ги толкуваат како сугестија нешто да се купи, продаде, да се инвестира и реално тој има влијаено врз вредноста на акции, како и на криптовалути. Пример, вредноста на Shopify скокна откако Маск ги пофали на Твитер, а од друга страна самиот факт што на Маск му стоеше хаштагот #bitcoin во био придонесе вредноста на биткоин да скокне за 20%.

Но, од друга страна колку сериозно треба да се сфатат неговите твитови? Постојат голем број примери кога неговите следбеници погрешно толкувале твитови за сигнали, давајќи им скриено значење што воопшто го нема.

Тука мора да се спомене и една друга реална можност, Маск може да го зголеми своето богатство со само еден твит. Неговата моќ за влијание е толку голема што веќе се покрена прашањето – дали е тој над законот и дали воопшто може да се стори нешто околу неговото користење на оваа социјална мрежа за да го раздвижува пазарот. CNBC за потребите на текст посветен токму на оваа тема се има обратено до SEC (Securities and Exchange Commission of U.S.) за да дадат нивен осврт околу тоа дали се воопшто загрижени за моќта што ја има Илон да влијае врз вредноста на акциите. Не добиле коментар. А Маск и се чини како јавно да ги провоцира со своите изјави, велејќи пример дека нема почит за SEC.

Но, Маск има историја со SEC и тоа во континуитет благодарение на еден негов твит од 2018 во кој објави дека обезбедил средства за Tesla да премине во приватна сопственост по цена од 420 долари по акција. Накратко, после ова следеше тужба од страна на SEC, се вклучија адвокатите на Маск и дојдоа до договор дека тој смее да пишува твитови за Tesla, само по претходна консултација и одобрување од неговиот правен тим.

 

Ќе требаат ли нови правила?

Твитер не е срамежлив кога е цензура во прашање. Има тргнато профили кои проценил дека се штетни и имаат негативно влијание (според нивните критериуми). Но, Маск е нешто поинакво. Тој како што вели, ја користи својата слобода на изразување за да се искаже на Твитер, а има и уште една работа што му оди во прилог, а тоа е општото одобрување од јавноста. Тој е сакан од следбениците, на некој начин претставува симбол за модерен претприемач. Илон е еден од најдобрите примери за инвеститори кои го менуваат светот и реалноста во која живееме, притоа не плашејќи се да сонува големи соништа.

За неговиот начин на размислување околу инвестирањето можеби најдобро зборува овој цитат:

„Јас секогаш инвестирам свои пари во компаниите што ги создавам. Не верувам во користењето на туѓи пари. Мислам дека тоа не е во ред. Нема да барам од други луѓе да инвестираат во нешто, ако јас самиот не сум спремен да го сторам тоа“.

А сепак… никој не може да негира дека неговата слобода на изразување на Твитер можеби не е класично барање за инвестиции, но индиректно може да делува токму така. Да, Маск често се шегува на Твитер и луѓето обожаваат да бараат скриено значење таму каде што истото не постои, но неговата моќ го отвора прашањето за идна регулација на слободата на говор на оваа социјална мрежа (за сите, не само за него) што секако е предизвик сам по себе и би наишол на бура од реакции. Но, разговорот околу ова е очекуван затоа што во наврати колку и да звучи лошо, оваа слобода на говор и реалната моќ да се влијае на економскиот тек, може да биде погубна за компаниите.

Од нашиот блог