За Александар Наумовски секоја деценија во неговиот едукативен и професионален пат носела големи предизвици. Во 80-тите години го комплетира своето високо образование на Електротехничкиот факултет во Скопје (во време кога како што вели компјутер во Македонија тешко можел да се најде), 90-тите станува пионер во имплементирањето на интернет технологијата во нашата земја, за потоа кариерата да го однесе во различни земји од Бугарија до Словачка.
Многу извозени километри низ различни земји, комуникација со различни профили од Европа, изградени генерации на професионалци на кои им бил ментор, го прават професионалецот кој е денес, кој во Data Masters води тим од млади ентузијасти кои успешно се справуваат со предизвиците во одделот за Business Intelligence.
Со него поразговаравме за тоа како изгледаа нештата низ годините во делот на имплементирање нови технологии, што значи да се биде ментор и како според него ќе изгледа бизнис сферата во Македонија во иднина.
Навраќајќи се на 80-тите, како изгледаше во тоа време едукацијата за компјутерско инженерство во Македонија? Какви спомени носиш од тоа време и колкав предизвик беше токму во тој период да се изучува оваа област?
Во времето кога ние студиравме имавме допир до mainframe машината на ЕТФ само за вежби по програмскиот јазик Fortran, сè друго учевме од скрипти или од прибелешки во текот на предавањата. Студирањето беше 99% теоретско, но ни даде добра инженерска основа за понатамошниот развој.
Тоа се спомени на една младост, период во кој се градев професионално и создавав пријателства. Тој период на студирање има големо влијание врз личното оформување, така беше за мене тогаш, а верувам така е и денес за останатите.
Што всушност те привлече кон изучувањето на компјутерско инженерство?
Бидејќи потекнувам од докторска фамилија, знаев само дека не сакам да бидам доктор 🙂 Визијата за иднината ми ја даде еден мој драг сосед кој беше професор на ЕТФ и штотуку вратен од САД. Во разговорот со него, се пронајдов себеси и насоката во која сакам да се развивам. Како човек сум секогаш спремен да влегувам во предизвици и непознати области, a компјутерското инженерство ми делуваше доста апстрактно и предизвикувачко. Науката беше толку нова и непозната во тоа време, што ги задоволуваше сите мои апетити да го решам непознатото.
Неколку години по завршувањето на факултетот во Скопје, стануваш еден од пионерите кои ја воведоа интернет технологијата во Македонија. Колкав предизвик беше да се направи вакво нешто во тој период?
Во 90-тите години со мојот партнер се обидовме и успеавме да станеме еден од првите Интернет провајдери. Во тоа време немаше WiFi, мобилни телефони, ништо од тоа на што сме навикнати денес. Ние успеавме да направиме терестријален линк до интернет провајдер во Грција и да понудиме интернет услуги на македонскиот пазар. Само младешкиот дух и ентузијазмот дека правиме нешто пионерски беше доволен да ги совладаме сите препреки и предизвици.
Ако се направи кратка ретроспектива, кое искуство најмногу влијаеше врз твојата професионална надградба – дали тоа беше некое конкретно работно искуство или проект?
Тешко е да се каже дека една случка го дефинираше мојот развоен пат. Повеќе би рекол сплет на околности, можности и практични одлуки. Ако можам да дефинирам што е едното нешто што би го издвоил беше креирање на решенија кои што беа пред времето и најважно креирање и изведба на истите со тимови кои што беа пред своето време. Секако, најголемо влијание имаа партнерот со кој ја создадовме нашата фирма, Oracle претставникот за Адриатик регион и поддршката од моето семејство.
Твоето работно искуство ти дава еден уникатен видик на тоа како во нашата земја нештата се менуваа во делот на технологии, едукација, бизнис сфера и процеси. Колку добро се справуваме со новитетите и нивната имплементација (во дел на бизнис и едукација)?
Јас сум од тие генерации кога живототот ни се промени од корен во времето кога излеговме од факултет и започнавме да ја создаваме нашата иднина. Тоа беше тотален ресет на начинот на кој функионираше системот, бизнисот, едукацијата. За ИТ бизнис сферата и едукацијата можам да кажам дека по појавата на интернетот работите почнаа да се развиваат со брзо темпо. Новите генерации фантастично брзо се вклопија во технолошките промени, начинот на едукација се промени, веќе сè е достапно и младите тоа многу вешто го користат. Covid-19 кризата многу ги забрза процесите и на површина излегоа младите луѓе кои ја разбираат глобалната промена и активно се вклучија во бизнисот.
Градењето на стабилна кариера и семејство бара посебно внимание за да се одржи баланс. Како човек успева да се носи со сите одговорности и кој е твојот совет за оние кои се фатени во спрегата на создавање дом и семејство, но и кариера?
Не постои магична формула, сè е до математика. Што повеќе време се посветува на кариерата, времето поминато со семејството се намалува. Најважен е тимот, поддршката и разбирањето од семејството, како и балансирање меѓу желбите и потребите на сите членови на семејството. Има периоди кога математиката оди на едната или другата страна, но сè треба да е предмет на договор и компромис.
Дигиталната трансформација донесе новитети во работењето кај домашните бизниси. Во таа насока, кога за прв пат се запозна со BI и дали во Македонија бизнисите ја разбираат неопходноста и бенефитот од нејзиното имплементирање?
Со BI се запознав пред повеќе од 10 години кога работев надвор од Македонија. Како модел многу ми се допадна уште на самиот почеток и активно се вклучив во изучување и создавањето на BI решение за компанијата каде работев. Најтешко беше да се убеди манаџментот да го користи, зашто секоја новина тешко се прифаќа. Во Македонија разговарав со неколку Small&Medium enterprises фирми, но немаше свест за потребата од BI. Но, со текот на годините, особено со појавата на мобилните уреди и можноста извештаите да се гледат на истите, интересот и свеста кај сопствениците на бизнисите секој ден расте. Тоа посебно многу ме радува.
Кој е бенефитот од имплементирање на Business Intelligence за компаниите?
Има многу дискусии и мислења на оваа тема, јас ќе кажам од моето сопствено искуство, дека бенефитот за мeнаџментот и сопствениците е огромен. Тековните и историските податоци од сите системи се на дофат со еден клик. Контролата на работењето станува многу поедноставна. Ако во тој модел се вклучат и моделите за предвидување системот дава помош при донесување на стратешки одлуки.
За себе велиш дека си тимски играч и дека особено ти е важно како ментор да пренесеш максимум знаење и искуство на помладите членови. Како тоа се прави во Data Masters?
Во Data Masters сум неполна година и можам да кажам дека после долго време гледам млади ентузијасти кои имаат за цел да еволуираат, но исто и несебично да го пренесат своето знаење на останатите колеги, како и слушателите на академијата Data Masters. Мојот принцип секогаш бил сè што знам да го предадам на помладите колеги и заедно да освојуваме нови простори, зашто тимот е секогаш поважен од индивидуата. Според мене, имањето на еден стабилен и успешен тим е најважниот asset која што една компанија може да го понуди на своите клиенти и соработници. Во ова време на индивидуализам, Data Masters е пример како треба да се гради и усовршува тимскиот дух.
Да се биде лидер на тим покрај пренос на знаење, значи да се биде морална поддршка, да се поседува способност за брзо решавање на проблеми, развој на решенија и да се има слух за идеи. Има ли нешто што особено те прави горд кај младите луѓе што ги предводиш во тимот на Data Masters?
Секогаш сум сакал млади и бунтовни колеги, на кои нема да им е страв да кажат кога ќе згрешат, да побараат помош кога ќе им е потребна, како и особено кога ќе споделат идеја, неплашејќи се од тоа дали идејата е добра или лоша. Секогаш за сè дискутирам со цел тим, само така се гради и зајакнува екипата. Работата е голем дел од денот за сите нас, па и затоа ние функционираме како една голема фамилија, каде што главните столбови се транспарентност, искреност, компромис и посветеност со цел да си ги оствариме нашите соништа.
Кое е твоето предвидување за наредните десет години? Како ќе изгледа бизнис сферата во Македонија и колку ќе се промени начинот на работење благодарение на дигиталната трансформација?
Годинава во која сме погодени од Covid-19 кризата значително ја забрза дигиталната трансформација во светот, па и кај нас. Во ова време на брз технолошки развој тешко е да се предвиди како ќе ни се промени животот во наредните години, но секако како насока се гледа правецот. Линиите на трендови и новите приоритети со кои се соочуваат организациите од сите големини што ги забележавме во 2020 година, ќе го променат фокусот, одлуките и инвестиците во технологијата што ја водат листата на стратегии за дигитална трансформација.
Светот се менува и станува едно глобален технолошки пазар. Иднината на бизнисот во Македонија ја гледам во развој на сервисни услуги на глобалниот светски пазар. Имаме квалитетни примери на професионалци кои се спремни да испорачаат светски решенија. На тој пазар не постојат граници, само принципи на кои треба да се прилагодиме и вклопиме.