„Праксата во Data Masters ги надмина моите очекувања“

PR-Маријам-Елсајед-blog

Можноста да го споделиме нашето знаење и на тој начин да придонесеме за data science заедницата зазема значајно место во нашиот компаниски пристап. Тоа го правиме преку активно учество во едуцирањето на новите генерации преку нашата Академија, но воедно и преку практиканската програма која овозможува младите научници да се стекнат со практично искуство од областа. Една од нив е 24 годишната Маријам Елсајед, која потекнува од Египет, а која неодамна ја комплетираше својата теза за компјутерска визија како дел од нејзините студии на Техничкиот универзитет во Минхен. Во тој поглед, таа посочува дека уште од 12 години знаела дека ќе биде инженер (како што вели самата, љубовта кон инженерството е присутна во нејзиното семејство).

Како дел од програмата за размена на студенти на IAESTE, Маријам донела одлука своето прво интернационално практиканско искуство да го стекне во Македонија, поточно во Data Masters. Прочитајте го интервјуто со Маријам во кое разговаравме за нејзиното образование, очекувањата од праксата во Data Masters како и нејзините планови за иднината. 

 

маријам елсајед

Здраво Маријам и топло добредојде за тебе. Ни претставува вистинско задоволство што си со нас.

Ви благодарам. И јас сум среќна што сум тука.

 

Како ти проаѓа процесот на аклиматизација и кои се твоите први впечатоци од Македонија?

Процесот на вклопување ми оди прилично добро. Кон тоа придонесе програмата за размена на IAESTE која навистина ми го олесни почетокот – членовите од организацијата ме зедоа од аеродром, ми обезбедија сместување и ми дадоа одговор на сите прашања. Имав можност да го разгледам Скопје и да посетам неколку историски места. Навистина ми се допадна Старата чаршија и уживав во глетката на Водно. Дел од местата во Македонија ме потсетуваат на Египет, што позитивно ме изненади.

 

Како се најдовме на твојот „радар“? Зошто ја одбра нашата земја и Data Masters како следен чекор од твоето образование?

Од професионален аспект, сакав да стекнам практично искуство во делот на data science, бидејќи досега на универзитетот на кој студирам се имам стекнато главно со теоретско знаење. Кога видов дека Data Masters нуди пракса преку IAESTE, бев прилично заинтересирана. Исто така идејата да допатувам во Македонија ја поттикна љубопитноста во мене. Никогаш претходно немав дојдено тука и навистина бев заинтересирана за време на мојот престој да ја запознаам земјата, нејзината култура и историја. Можноста да се престојува тука и да се работи со луѓе од Македонија е најдобар начин за да се осознае сето тоа. 

 

Имаш интересна животна приказна – родена и растена во Каиро, си имала прилика да ја продолжиш едукацијата во германско училиште, што потоа и придонело да студираш во Минхен. Но, ова е само краток осврт. Како звучи пошироката приказна?

Ова е навистина добар сублимат на мојата приказна. Пошироката приказна е дека ништо не беше планирано од самиот почеток. Секој чекор беше една опција од многуте кои ми беа на располагање. Во првите години од моето образование посетував египетско училиште, за потоа на мои десет години да почнам да посетувам германско училиште (во Каиро) кое беше дел од една посебна програма и таму и завршив средно училиште. Во последната година размислував дали да продолжам да учам во Египет или во Германија. Секоја одлука со себе повлекуваше различни опции, но многу сум среќна што одлучив да се преселам во Минхен. Таа одлука ми отвори нови врати и на еден индиректен начин ми овозможи да дојдам во Data Masters во Македонија. 

 

marijam-data-masters

Велиш дека љубовта кон инженерството е присутна во семејството кое ти дава комплетна поддршка во изборот на образование.

Да, тоа е точно. Мојот татко е телекомуникациски инженер, додека пак мојата мајка е фармацевт. Но, и мојот чичко е компјутерски инженер.Така што уште од рана возраст имав можност да се запознаам со инженерството. Моите родители го вреднуваа моето образование и ме поддржаа во сите одлуки.

 

Кога всушност пројави љубов кон инженерството? Имаше ли некои предмети кои ти беа посебно омилени уште од рана возраст, а кои воедно послужија како насока во која сакаше да се движи твоето образование?

Да, уште на почетокот од моето образование пројавив љубов кон математиката, а подоцна и физиката стана дел од моите омилени предмети. Исто така уште од рана возраст ме интересираше како функционираат електронските апарати низ домот како што се радиото, телевизиорот и компјутерот. Ме интересираше да разберам како функционираат. Така што знаев дека сакам да учам нешто што опфаќа математика и физика, а истовремено нештото да има и практична употреба. Инженерството беше идеалниот избор што ги исполнуваше и двете нешта.

 

Преку своето образование си имала можност да го искусиш египетскиот и германскиот образовен систем. Кои се сличностите и разликите помеѓу двата?

Сличноста е што и двата образовни системи покриваат голем број на различни теми и нудат богато знаење по многу предмети. Најголемата разлика е што оценките во египетскиот образовен систем се стекнуваат единствено преку полугодишни и годишни тестови, додека пак германскиот образовен систем става акцент и на подготовката на различни видови на проекти и интересот што ученикот го пројавува за време на целата година, а кои придонесуваат за тој да ги развие своите презентациски и комуникациски вештини.

 

Велиш дека во еден момент си се двоумела помеѓу машинско инженерство и роботика, но второто преовладело. Што те мотивираше да се насочиш кон роботиката?

Кога бев мала уживав да гледам во големи часовници и да набљудувам како еден запчаник придонесува да се придвижи друг. Ова и беше мојата првична мотивација за да учам машинско инженерство. Кога дојде време да донесам одлука, одлучив да учам електроинженерство и да се фоксуирам на роботика. Во денешно време, роботиката добива на сè поголема важност, а за да функционира неопходни и’ се електро, машинско и софтверско инженерство. За време на студиите, постепено се насочив кон софтверско инженерство, така што моите планови малку се подизменија, но сепак беа во рамките на инженерството. 

 

Веќе си и при крај со студирањето на Техничкиот универзитет во Минхен, всушност неодамна ја комплетираше својата магистерска теза посветена на компјутерска визија. Раскажи ни повеќе за истата.

Имав можност да работам на мојата теза во рамките на надворешен истражувачки институт, под супервизија на професор од Техничкиот универзитет во Минхен. Го комплетирав истражувањето во рамки на Институтот за роботика кој е дел од германскиот авиовселенски центар. Таму имав можност да работам на алгоритам кој му овозможува на хуманоиден робот да следи предмети. Алгоритмот ја детектира позицијата и ориентацијата на различни видови на предмети земајќи инпут од колор камера. За таа цел ја користи текстурата на предметите, што во суштина се мали детали како на пример текст и линии.

 

Алгоритмот за следење на предмети беше создаден за да функционира на хуманоиден робот, поконкретно за да му ја посочи позицијата на одредени предмети што може да ги помести или дофати. 

 

Набрзо по поднесувањето на тезата дојде во Data Masters преку програмата за размена на студенти на IAESTE и ќе бидеш дел од нашата практиканска програма во период од два месеца. Какви се твоите очекувања од праксата во нашата компанија?

Во рамки на моите досегашни студии имав можност да се стекнам со големо знаење во многу полиња како роботика и машинско учење, но имам работено само на мали проекти во делот на data science. Преку праксата очекувам да се стекнам со практично искуство во полето, да се запознаам со различни видови на алатки и методи, како и да видам како изгледа работата на реални проекти.

 

Ако направиме еден генерална споредба на очекувања наспроти реалност, како го замислуваше ова практиканство искуство пред да дојдеш?

Кога за прв пат дознав за можноста за пракса во Data Masters, истражував за компанијата и бев импресионирана од фактот што постои Data Science стартап во Македонија. Со нетрпение чекав да работам во стартап средина, бидејќи вообичаено нуди поголема лична интеракција со колеги, но и повеќе можности за учење. Штом дојдов, се уверив дека Data Masters е навистина посебна компанија во овој регион и има голем потенцијал за иднината. Не само што нуди решенија од областа на Data Science, туку и придонесува во едукацијата, што јас лично сметам дека е навистина важно. Покрај работата на Data Science проект, им асистирав на колегите тука во спроведувањето на час по роботика за деца, што беше навистина забавно како за децата, така и за нас. Општо гледано, моето досегашно искуство тука ги надмина очекувањата. Дефинитивно ќе го следам понатамошниот успех на Data Masters.

 

marijam-internship

 

Во Минхен постојат голем број на стартапи кои работат во делот на Data Science, но посочуваш дека кон Data Masters те привлекло тоа што e уникатен вид на стартап за овој регион. Како би ја опишала стартап културата во Минхен?

Во изминативе години, стартап културата во Минхен расте со забрзано темпо. Мојот универзитет, но и останатите универзитети во градот како што е Универзитетот Лудвиг Максимилијан имаат инкубатор програма чија намена е да им помогне на стартапите да се издигнат. Голем број на големи компании како што се Google, Apple и Facebook ги проширија своите капацитети во Минхен. Градот станува центар за инженерство и иновациии, што со себе пак повлекува инвестиции. Како резултат на тоа, во изминативе години се појавија голем број на стартапи, но и се формираат нови. Сè на сè, ова е возбудлив период за Минхен.

 

Да се навратиме на твојата специјализација – роботика, за која можеме да кажеме дека некогаш е предмет на предрасуди. Со кои стереотипи се соочуваш најчесто и ги објаснуваш како резултат на погрешната претстава што луѓето ја имаат за роботиката?

Луѓето од инженерскиот свет имаат прилично добра претстава за тоа што претставува роботиката, затоа што полека, но сигурно, сите полиња се припојуваат едно кон друго. Од надворешна перспектива зборот „робот“, веројатно ја поттикнува сликата на интелигентен хуманоиден робот што може да го имитира човекот. Иако навистина постојат многу хуманоидни роботи кои можат да прават импресивни работи, повеќето роботи не изгледаат како луѓето и се создадени да извршуваат репетитивни задачи. Роботиката претставува алатка и како и сè останато, од нас зависи дали ќе и’ дадеме намена во добри цели.

 

Да ѕирнеме во иднината. Каде сметаш дека роботиката ќе има најголем придонес во следните 10 до 15 години? Кои нешта ќе се подобрат благодарение на нејзината примена?

Највозбудлив ми е напредокот во медицината. Сега постојат различни типови на роботски системи што помагаат при извршување на хируршки зафати. Човечката интелигенција и искуство во комбинација со прецизноста на роботиката ја зголемува стапката на успех. Ова поле уште повеќе ќе се развива во наредните години.

 

Дополнително сметам дека ќе има големо влијание во земјоделието од кое зависиме многу. Автоматизацијата на задачи ќе ја намали цената на трудот и ќе им овозможи поголем простор на земјоделците да се фокусираат на оптимизација на производството. За крај, роботи со посебна намена можат да извршуваат задачи во ризична средина, односно да ја елиминираат опасноста за луѓето, како на пример во рударството и градежништвото. Генерално гледано, иднината лежи во соработката помеѓу луѓето и роботите. 

Share on facebook
Share on twitter
Share on linkedin