Како пандемијата го насочи фокусот на бизнисите кон податоците?

пандемија-податоци

Констатацијата дека светот/бизнисите/живеењето комплетно се променија од почетокот на 2020 навака е нешто што досега е констатирано од многу извори, всушност се чувствува во секојдневието на ниво на поединец. Тој ефект беше почувствуван на различен начин, но неминовно пандемијата допре на овој или оној начин до сите, влијаеше на економијата, навиките, како и на промена во начинот на работата кај многу бизниси. Кога се бизнисите во прашање, едноставно нештата се сведоа на „приспособи се или исчезни“, а веројатно најголем показател за тоа каков ефект имаше забрзаната дигитална трансформација, онлајн едукацијата, популарноста на мобилни апликации и работата од дома е количеството на произведени податоци.

 

Аналитиката како алатка за навигација

Ефектот на COVID-19 допрва ќе се анализира и изучува преку трудови на оваа тема. Засега бројките зборуваат доста гласно. Она што го кажува McKinsey & Company доволно зборува за влијанието потенцирајќи дека аналитиката за бизнисите стана основна алатка за навигација. А тука спаѓаат многу нешта – од предвидување на побарувачка, до детектирање на проблеми во ланецот на снабдување. Заклучокот е дека бизнисите немаа време за чекање, а тоа го забрза процесот и фокусот кон аналитиката како клучно бизнис средство за носење одлуки.

Ова го покажуваат истражувањата спроведени помеѓу одговорните во компаниите. Едно од нив е истражувањето на Sisense во 2020 спроведено на 500 испитаници од највисоките ешалони во компаниите во САД кое покажа дека речиси 50% од нив сметаат дека аналитиката е поважна од било кога.

Covid-19 ја забрза дигиталната трансформација во обем кој можеби ќе се постигнеше за неколку години, доколку условите не наметнаа далеку позабрзано темпо. Според истражувањето на McKinsey, ситуацијата со пандемијата ги примора компаниите да го забрзаат процесот на дигитализација за потрошувачи/клиенти и ланецот на снабдување, како и внатрешните операции за три до четири години. И тука е важно да се напомене дека токму поради COVID-19 е неопходно бизнисите уште подобро да работат во делот со податоци. Светот закрепнал од различни видови на кризи, а од оваа ќе излезе со економско закрепнување кое ќе изгледа многу поинаку од било кое досега.

 

Cloud

Овде влијание секако има префрлањето на Cloud, односно целиот процес на дигитална трансформација и инвестирањето во инфраструктура што може да го поддржи. И тука мора да се потенцира тоа дека префрлањето на Cloud е клучно за работа со Big Data, што во голем број бизниси е неопходно. Спојката на Cloud со Big Data е добитната комбинација за ефикасно работење и иновација. Оваа комбинација влијае да се намалат трошоците за анализирање на податоците, нивно чување и процесирање, но воедно го намалува товарот од вработените. На овој начин тие можат да ја фокусираат енергијата кон иновација наместо на пример на одржување на базите со податоци.

 

Промени што се чувствуваат сега

 

Подобро таргетирање

Светот сè уште не е излезен од ситуацијата во која се наоѓа, но сепак промените се чувствуваат. На пример, како никогаш досега бизнисите имаат податоци за навиките на купувачите што секако помага да се направи паметно таргетирање и паметно да се структурираат буџетите за маркетинг. Тука веројатно најдобра примена има мислата „половина од парите што ги трошам на маркетинг се бесцелно потрошени, но проблемот е што не знам за која половина станува збор“. Токму овој проблем се решава со помош на податоците. Не само за да се види што купувачот сака, туку и каде го поминува своето време за да му се пласира одредена реклама.

 

Big Data во здравствениот систем

Big Data всушност може да помогне и во јавниот сектор. Ако се земе предвид здравството, може да се примени за да се зајакне одговорот и капацитетот на здравствениот систем, но и да се намалат трошоците. Најдобар пример за ова е примената на технологија за далечинско следење на пациенти со што се надгледува состојбата на лица со различни болести како на пример: пациенти што прележале COVID, потоа пациенти со дијабетес, деменција итн. Имплементацијата на овој вид технологија овозможува да се превенираат компликации и воедно да се намали оптоварувањето врз здравствениот систем.

 

Автоматизирање на процесите

Автоматизирањето на услугите, со цел намалување на бројот на процеси кои бараат директна инволвираност на вработените исто така се зголеми. Можеби најдобар пример за тоа е сè поголемата имплементација на четбот технологија која заштедува време, енергија и средства, а овозможува вработените од центрите за грижа на корисници да се сконцентрираат само на посложените проблеми/прашања.

Овој процес е суштински за да се ослободи простор во кој вработените би твореле и создавале, наместо да го губат времето во мануелни задачи. И ако претходно на автоматизирањето на процесите се гледаше како средство за намалување на трошоците, сега веќе истото добива друга димензија – на него се гледа како средство кое ја помага иновацијата и дава компетитивна предност пред конкуренцијата.

 

Безбедносни ризици 

Рака под рака со дигиталната трансформација оди и фокусот кон заштита на податоците од безбедносите ризици. Големиот број на вработени што работат од дома се воедно и безбедносен ризик за компаниите, поради што и компаниите инвестираат во едукација со цел да го намалат ризикот. Според истражувањето на Cybint, 95% од безбедносните пробивања се резултат на човечка грешка. Генерално, пандемијата отвори нови можности за сајбер криминалците, а статистиките го потврдуваат тоа.

  • Во април 2020, Google блокираше 18 милиони малициозни софтвери и фишинг мејлови во кои бил комунициран корона вирусот.
  • Covid-19 влијаеше за зголемување на стапката на сајбер напади врз банките во висина од 238%.
  • Сајбер нападите на Cloud во периодот Јануари – Април 2020 година се зголемија за 630%.

Поглед кон иднината

Колку од нештата кои се променија ќе останат како тренд, а колку од нив ќе ги снема? Тоа е едно од прашањата кои се актуелни во моментов. Голем број на компании на пример, воведоа правило дека нивните вработени отсега засекогаш ќе може да работат од дома и ги затворија физичките канцеларии; од друга страна интернет корисниците се стекнаа со нови навики; едукативниот систем воедно и здравствениот претрпеа промени кои делумно ќе останат. Потребите на денешницата го свртеа погледот кон иднината, а таму има големо мноштво на податоци кои може и треба да се искористат за да се подобри живеењето, да се зголеми ефикасноста во работењето и да се усовршат процесите кои сè уште не се автоматизирани.

Од нашиот блог