Осврт кон Google Learning Certificates and Еducation

Осврт-кон-Google-Learning-Certificates-and-Education (1)

При крајот на ова лето технолошкиот гигант Google објави 3 нови сертификати за области со висок раст, со високи плати за недоволно заштитените или запоставени групи да влезат во технолошката работна сила. Google ќе ги прифаќаат сопствените сертификати (Google Learning Certificates) наместо универзитетските дипломи и ќе му овозможат на секој којшто ќе се пријави, шестмесечни обуки од трите области – Аналитика на податоци, Проџект менаџмент, Јузер експириенс дизајн – а курсевите ќе бидат водени од нивните вработени. Цените на обуките не се специфицирани, но се претпоставува дека ќе чинат околу 300 долари, а исто така, најавени се и околу 100000 стипендии. Сертификатите добиени од овие шестмесечни обуки ќе бидат еднакво вреднувани како и четиригодишните универзитетски дипломи.

„Програмата ќе ги снабди учесниците со есенцијални вештини кои им се потребни за да се стекнат со работно место. Ниту диплома, ниту претходно искуство се задолжителни за учество на курсевите“, пишува Кент Вокер, постар заменик-претседател за глобални работи во Google.

Стратешка одлука

Кои се причините за оваа одлука на Google и колкава е големината на последиците што можат да произлезат од овој пристап кон образованието? Причините, како што наведува авторката на една статија на iflscience , се однесуваат на високите цени на универзитетското образование во Америка, како и големите долгови на дипломираните студенти кои неретко се исплаќаат со години и по вработувањето. Денес, особено во САД, универзитетите се претворени во големи компании чија единствена цел е профитот. Тие под закрила на старото наследство на универзитетот, повикувајќи се на висока култура и хуманистички вредности, паралелно водат многу нехумани и стриктно профит-ориентирани политики, кои на застрашувачки начин ги фаворизираат богатите студенти, а ги маргинализираат сиромашните, а многу често поталентирани студенти. Вака гледано, Google се покажува не само како поуспешна, туку и како далеку похумана компанија.

Исто така, како причина за овој потег на Google се посочува уште еден проблем со којшто се соочуват голем број на компании. Имено, многу студенти кои без претходно искуство, а со универзитетска диплома од соодветниот сектор, бараат вработување во одредени фирми како Google, доаѓаат комплетно неспремни во практична смисла на зборот. Тие доаѓаат опремени со многу теоретско знаење, но без речиси никакви практични вештини. Во тој случај, компаниите често најпрво мора да го обучат младиот вработен, за што се губи многу време и пари. Овој проблем не е исклучиво поврзан со технолошките фирми, ниту пак само со Америка; тој се јавува и во другите сектори, како на пример правото, а често го има и кај нас, во Македонија. Гледано од овој аспект, потегот на Google не само што е разбирлив, туку и многу оправдан и правилен од економска гледна точка.

Сетирање глобални трендови

Зошто една ваква одлука на Google е толку важна и како тоа не засега нас? Како што е општо познато Google има околу 114 000 вработини, распоредени низ четириесет држави, и заедно со Amazon, Apple, Facebook и Microsoft е дел од т.н. „големите пет“ технолошки компании во Америка. Тоа значи дека она што Google го прави за сопствени вработени, не го засега само Google, туку може да има потенцијални ефекти надвор од границите на нивната фирма. Уште еден податок којшто е општо познат е дека Google е еден од големите тренд сетери во светот. Одлуките што тие ги носат за сопствени цели, можат да имаат потенцијални последици по целиот свет. Со други зборови, тие можат да почнат глобален тренд кој би се проширил низ целиот свет, па дури и надовор од доменот на технологијата. Доколку успее кај нив, тоа ќе значи дека може да успее кај секого и другите компании веднаш ќе сакаат да го преземат тоа што се покажало дека функционира.

Долгорочна стратегија

Но, ајде сега да ги погледнеме работите од малку поразличен агол, со цел да се обидеме да прикажеме што пообјективна слика на ситуацијата. Дали навистина курсот – дури и ако е од Google – навистина може да го замени универзитетот? Како што нотираат голем број на педагози и филозофи – еден од нив е Конрад Лисман, во книгата Теорија на необразование – денешното образование, вклучувајќи го и универзитетот, е претворено во еден голем квиз, по углед на познатиот „Кој сака да биде милионер“. Целта на универзитетското образование веќе не е стекнувано на базични знаења и вредности, туку единствено стекнување на применливи знаења и практични вештини. Овој „обид“ на Google да ги замени универзитетските дипломи со курсеви за практични знаења и вештини, можеби е само последниот чекор во една поголема и подолготрајна тенденција.

Универзитетот, како што бил замислен во минатото, имал задача да произведува личности и граѓани со одреден збир на вредности и ставови кон животот, а не само практични луѓе кои се добри во својата работа. Кога компанија со големина и моќ како Google ги повлекува овие чекори, тоа значи дека сме многу блиску до целосен распад на „идеалот на универзитетот“. Секоја компанија, без разлика на тоа што начелно го бара од вработени, најмногу ги цени креативноста и знаењето надвор од ограничениот домен на практична работа. Во крајна линија, сите знаме дека големите компании не се фабрики во кои вработените извршуваат механички функции; работата на секој вработен во технолошкиот сектор бара многу погенерална спремност, креативност, интуиција, спонтаност и способност за решавање на проблеми. Универзитетот, барем во идеална смисла, овозможува токму таков корпус на „бескорисни“ знаења како темел на секоја личност, на кои подоцна, многу лесно, можеме да накалемеми речиси секаков вид на знања и вештини.

Да ја земеме како пример Data Masters. Знаењата што му се потребни на еден Data Analyst или Data Scientist, не се само работење во Python и во Excel, туку и силни и темелни познавања на економијата, бизнисот и математиката, како и способноста за решавање на ad-hoc проблеми и креативност во генерална смисла на зборот.

Заклучок

Најпрво, овој потенцијален потег на Google може да биде многу ослободувачки за сите оние што во младоста направиле погрешен избор на факултет, и останале заглавени во професија што не ги исполнува. Исто така, тој може да биде позитивен кај сите оние што и на подоцнежни години сакаат да ја сменат својата професија. Ваков вид на обуки знае да биде многу ослободувачки. Од друга страна, мораме да се соочиме дека курсевите нема да го замената факултетот, и да ги направат излишни универзитетските дипломи.

Најверојатно, како што е често случај во животот, потребен е некој вид на баланс. Можеби овие чекори на Google ќе ги поттикне универзитетите да ги прилагодат и да ги хуманизираат своите политики. Единствено иднината ќе покаже што ќе се случи, а на нас останува да ги следиме современите текови, и постојано да бидеме информирани и свесни што се случува околу нас.