„Луѓето се движечка сила на секоја компанија“ – интервју со Љиљана Трајковска

pr-lilana-trajkovska-blog

Љиљана Трајковска е едно од првите лица со кои ќе се запознаете доколку го започнете својот кариерен пат во Data Masters. Уште веднаш ќе ја забележите смиреноста со која пристапува на секој разговор, обрнувајќи внимание на деталите и на големата слика. Нејзиното долгогодишно искуство во ова поле, од кое во поголемиот дел е со интернационални компании, меѓу кои и Ernst & Young, ја има изградено во професионалецот кој е денес, кој знае да направи селекција на таленти, давајќи топла човечка нота во секој чекор од процесот на регрутација.

После шест години во Катар каде има водено оддели за човечки ресурси, Љиљана одлучила да се врати во Македонија, бидејќи како што посочува, ова е прекрасно место за да се создаде семејство. Со неа поразговаравме за нејзиниот кариерен пат, искуството да се биде дел од големи компании, искуството од Катар, но и одлуката да си дојде дома и да стане дел од тимот на Data Masters каде го врши процесот на регрутирање, како и внатрешната организација на одделот за човечки ресурси.

 

Твојот кариерен пат те има однесено на различни делови во светот. Што беше мотивот да се исчекори во непознатото и како на почетокот ги доживеа лично тие промени?

Мотив за таков чекор беше желбата за авантура, желбата да се види светот, да се отиде подалеку од Македонија и копнежот по нешто повеќе. Можам да кажам дека секој нов почеток е тежок, меѓутоа поривот за успех и идејата за нешто повеќе ме водеше низ тие тешки моменти и секогаш успевав да ги совладам потешкотиите и да се вклопам во новите средини.

Во Катар поминав шест години од својот живот, но и пред тоа мојата желба да го видам светот ме однесе на сите континенти. Тоа се искуства што се врежани во мене, ми дадоа нов видик и ми помогнаа да се изградам како професионалец, но и да го гледам животот и светот низ поинаква призма.

 

Како всушност дојде до идејата и можноста да станеш специјалист за човечки ресурси и кој беше најголемиот предизвик кога ги правеше првите чекори?

Моите почетоци беа во недоволно системски изградени компании, каде што секогаш имаше само една позиција за човечки ресурси. Недефинирана позиција без параметри и без некоја конкретно зацртана кариерна патека и кога конечно добив шанса да работам во компании како Ernst & Young, работите се искристализираа и почнав да разбирам дека човечки ресурси е комплексна гранка која всушност овозможува целата корпорација / компанија да функционира беспрекорно и овозможува контакти од сите сегменти на системот (од CEO па надолу) и како таква ми овозможува секојдневни предизвици.  

 

Во Катар имаш работено во неколку реномирани компании. Какво искуство извлече од работата во компаниите таму и што од сето тоа сметаш дека може и треба да се имплементира во бизнис сферата во Македонија?

Систематизација, систематизација, систематизација. Точно определување на секоја позиција и задачите што треба да ги извршува истата. Систематско водење на операцијата и системско поставување на долгорочни цели.

 

На ова пак се надоврзува и обратното прашање – што е она што Македонија може да му понуди на светот? Кои се нашите силни страни гледано низ твојата професионална призма?

Нашата најголема маана и најголема предност како земја е дека сме сè уште затворени и недоволно ги пратиме модерните трендови, меѓутоа тоа пак овозможува произведување на уникатни кадри кои со својата имагинација успешно се снаоѓаат со сите проблеми што модерното време ги поставува пред нив.

 

Споредбено кога ќе се земе предвид една корпорација, споредено со млада компанија како Data Masters, што е она што ги одвојува големите и малите? Во таа насока која е предноста на стартапите?

Според мене ги одвојуваат две работи: од една страна тоа што во корпорацијата е изграден систем со правила каде сите информации се достапни и сите параметри се зададени, но тоа ја прави работата репетитивна и не дозволува слобода на творење или изразување. Прифаќањето на идеи и промени е многу макотрпен процес во корпорации. За разлика од тоа во младите компании слободата на мислата и изразување е огромна и чувството дека можеш да придонесеш и да изградиш нешто ново, да бидеш дел од поставување на темелите е тоа што мене ми  дава енергија. 

 

Како структурно и стратешки е најдобро да се гради тим на компанија која постојано расте? Постојат ли механизми кои се користат за да се направи баланс меѓу проекти, клиенти и таленти кои би работеле на истите?

За да се остварат тие цели, најважно е архитектите на компанијата да имаат јасна мисија, визија и долгорочен план, а ние како оддел за човечки ресурси да им помогнеме во остварување на истите. Во нашата индустрија сè уште постои страв од размена на информации и стигма од превземање на идеи, меѓутоа, ако сите ние воспоставиме отворена B2B комуникација со целата индустрија во МК, размена на талент pool со други компании, сметам дека идеалните кандидати би ја добиле идеалната позиција.

 

Кои се поволностите на тоа да се биде дел од тимот на Data Masters? Што е она што компанијата го нуди на кандидатите? 

Моето искуство ми вели дека различни профили ги интересираат различни поволности, како што е можноста да се работи од дома, впрочем во нашиот случај од различни земји – ние имаме членови на тимот кои живеат во земји во Европа, но чувството на припадност и ентузијазмот ги привлекува да работат за компанија од Македонија.

Една од позначајните поволности е што членовите на нашиот тим работат на светски проекти, со што добиваат значајно искуство и надградба.

Погоре споменав дека корпорациите се темелат на строги правила и колку е поголема компанијата, толку и поголема е можноста за сведување на вработен на бројка (со што се губи личниот однос). Во Data Masters, пак, се негува персоналната грижа за секој член од нашиот тим, можноста за напредување и препознавање на таленти е особена изразена, а човечкиот елемент е постојано присутен во меѓусебните односи. Фактот што вработениот се третира како индивидуа, а не сериски број, ја прави Data Masters компанија со збир на луѓе со чувство на припадност.

 

Како се спроведува професионалната надградба на кадрите?

Тоа го правиме на два главни начини. Најпрво, сениорите го пренесуваат своето искуство и ги водат помладите членови на тимот. Во компанијата имаме и неделни сесии на знаење што ги држи сениор – ова се предавања на одредени теми кои им помагаат на останатите членови од тимот да се надградат, но и да поставуваат прашања поврзани со темите.

Но, кон ова се надоврзува и тоа што секој вработен има целосна достапност до нашата академска програма од Data Masters Academy. За значењето на Академијата зборува тоа што имаме обучено над 250 студенти од различни бранши.  

 

Што би ги советувала потенцијалните кандидати во поглед на содржината на CV-то? Постојат ли можеби некои нешта што задолжително треба да се истакнат во професионалната биографија?

Да бидат искрени и прецизно да ги дефинираат своите можности, амбиции и желби. CV-то е првиот впечаток, но ако оставите нецелосен впечаток, не давате цврста основа за понатамошниот процес на интервјуирање и регрутација. Затоа, не пропуштајте ништо, некогаш најситните детали и квалификации, прават голема разлика.

 

Како би го опишала процесот на регрутирање во Data Masters?  

Ние на кандидатите им пристапуваме со желба да ги запознаеме. Размената на мислење во тој почетен стадиум многу зборува за тоа дали ќе си „кликнеме“ или со други зборови ќе сфатиме дека ја делиме истата визија. Бидејќи тоа е и најважно. Истиот пристап го имаме како кон практикантите, така и кон веќе изградени кадри со искуство во областа на Data Science & Business Intelligence.

Процесот би го опишала како длабочинско запознавање на личноста, а потоа кон тоа се надоврзува и техничкото интервју на кое зборуваме за знаењето и квалификациите на кандидатот.

Сето ова ни овозможува да изградиме успешна консултантска компанија чиј темел се луѓето. Тие се движечката сила на оваа приказна, впрочем на секоја компанија. 

 

Кој е првиот чекор што треба да го преземе оној што сака да стане дел од тимот на Data Masters? 

Да го испрати своето CV до мене 🙂 Секој професионалец од оваа област не треба да се двоуми и може да ме контактира или на мојот LinkedIn профил или да го достави CV-то на мојата e-mail адреса – liljana.trajkovska@datamasters.ai. Би ги охрабрила сите, од оние што ги прават првите чекори до оние што веќе имаат искуство во нашето поле на работа. Секогаш сме отворени за талентирани луѓе кои сакаат да стекнат светско искуство.

 

Желбата за семејство те врати дома. Како се справуваш со мајчинството, домашните обврски и работата, особено во ситуацијата во која се наоѓаме поради рестрикциите од Covid-19?

Оваа ситуација е предизвик, но во неа сме сите.

Како мајка на мало дете, тоа е и една од нештата што во Data Masters особено ми помагаат да го одржам балансот помеѓу работата и приватниот живот. Во ниту еден момент мајчинството и семејството, не трпи на сметка на работата и обратно. Одличната внатрешна соработка, флексибилноста во работењето и разбирањето, ми овозможува мене и на останатите мајки во компанијата да се чувствуваат сигурно во секој момент.

Ова не се однесува се разбира само на мајките, туку и на останатите членови од тимот. Тој баланс е секогаш присутен.

 

Од човечки и професионален аспект, што е она што би сакала да им порачаш на сите оние кои во овој изминат период можеби се двоумат и не се сигурни околу својата кариера или сакаат да се пренасочат? Кога е вистинското време да се направи промена? 

Секогаш кога сакате да сте посреќни е вистинско време за промена и мој совет е да не се плашите да го направите следниот чекор. Иднината им припаѓа на храбрите. Никогаш не е доцна да се пренасочите, да се надградите и да работите нешто сосема ново.

Од нашиот блог