Каде и за што се употребува програмскиот јазик R?

Програмски јазик R

Како програмски јазик кој нуди огромни можности за голем број на професии, овозможувајќи согледување и приказ на статистички податоци кои може да се користат во различни цели (како што се носење на бизнис одлуки и правење на предвидувања), воопшто не изненадува големата употреба на R. Овој програмски јазик се употребува за различни намени и професии – од развој на софтвер до статистички и бизнис анализи.

Но, на што се должи неговата популарност, каде и за што се применува? Одвојуваме неколку причини поради кои е добро да го совладате.

 

Кратка историја

Програмскиот јазик R може да се дефинира како јазик за манипулација на податоци, симулација на процеси и анализа. Истиот претставува моќна статистичка алатка која се користи во многу сфери во кои статистиката има клучна важност (осигурување, банкарство и слично).

Програмскиот јазик R е создаден во 90-тите од страна на Рос Ихака и Роберт Џентлеман, во рамки на универзитет Окленд (Нов Зеланд). Најдоминантно се користи во академските кругови за правење на статистичка анализа и може да се рече дека она што е создадено во академските кругови, денес во голема мера ја држи својата популарност во едукативниот дел, односно изучувањето на овој јазик е присутно како во рамки на високото образование како дел од студентски програми, така и во понудата на онлајн платформи за едукација. Всушност, може слободно да се рече дека оние кои изучуваат податоци, неминовно ќе се запознаат и со R. Ова дополнително зборува за неговата примена во бизнис сферата, односно потребата истиот да се совлада за да се биде конкуретен на пазарот на труд.

Значајно е да се спомене дека овој јазик примарно се користи за статистика, визуелизација и машинско учење.

 

Компании и индустрии во кои се користи

Огромен број на истражувачи и аналитичари го користат овој програмски јазик и тоа во различни сектори. Меѓу нив се издвојуваат банкарство, осигурување, финансии, медицина, социјални мрежи. Пример, една од неговите употреби во банкарството е да се одреди кредитен ризик, од друга страна пак во медицината се користи во делот на епидемиологија (за анализа и предвидување на ширење на болести), биоинформатика, генетика и многу други. Воедно се користи и во делот на социјални мрежи, особено во делот на sentiment analysis, како и аналитика и сегментација на корисници за таргетирање преку огласи.

Меѓу најпознатите компании кои го имаат користено или сè уште го користат овој јазик можеме да ги истакнеме Facebook, Google, Microsoft, Twitter, Airbnb.

 

Убавината на R

Постојат голем број на придобивки што го прават R атрактивен за употреба.

R е бесплатен и open source, што во суштина значи дека голем број на корисници го користат за да создадат пакети/библиотеки за специфични намени додавајќи нови функции, кои потоа им се достапни на сите останати сосема бесплатно. А бројот на библиотеки постојано расте, што само зборува за неговата популарност и практична употреба.

Бидејќи е програмски јазик, истиот овозможува она што на пример вие ќе го направите во рамки на програмот (т.е решението кое сте го создале и претвориле во код) да биде искористено и од други. Потоа, истиот овозможува да работите во континуитет, односно да го примените решението што веќе сте го употребиле на одреден сет на податоци и на нов сет (пример: буџети за 2020 наспроти 2021 година).

Во него се вклучени алгоритми за машинско учење, линеарна регресија, time series и многу други. Дополнителен бенефит е што овој јазик има огромна заедница која не само што придонесува истиот да расте, туку и им пружа помош и поддршка на оние кои го користат.

 

Споредба со Excel

R е посебно корисен за оние кои се навикнати да работат во Excel. Една од причините е што споредено со Excel е многу побрз и на него без проблем можете да репродуцирате анализи со различни сетови на податоци. Дополнително, можете да работите со големи сетови на податоци без да бидете ограничени, бидејќи Excel сепак има лимит на колони и редови што можете да ги употребите и често може да се случи да престане да функционира кога ќе го оптоварите до максималниот капацитет.

Кога пак станува збор за визуелизации, истите можете да ги направите во Excel, но R е доста подобар за приказ на покомплицирани податоци на кои можете да им дадете интерактивен приказ кој е јасен за останатите (особено доколку треба да направите презентација пред различни профили на претпоставени).

Направете го првиот чекор кон вашата иднина.

Од нашиот блог