It.mk & Data Masters го комплетираа мапирањето на ИТ индустријата во Македонија

itmk-datamasters-mapping-it-industry

IT.mk во соработка со Data Masters го комплетираше мапирањето на ИТ индустријата во Македонија за 2022 година, што е второ вакво мапирање после првото направено во 2019. Во новото истражување реализирано преку анкета спроведена во периодот јуни-јули, своите одговори ги дадоа над 2.000 учесници од областа на ИТ, маркетинг и дизајн.

Анонимната анкета чија цел беше да направи пресек на движењата во индустријата и да даде одговор на прашањата за просечните примања, најчесто користени технологии, како и навики на професионалците од трите опфатени сфери ќе им биде корисна како на професионалците во овие сектори и оние кои планираат да се насочат кон нив, така и на компаниите од овие индустрии, односно одделите за човечки ресурси во истите.

– Главната мотивација и сега и во 2019 година беше да се добие малку подобра и подлабока слика за IT индустријата во државава и со тек на време да забележимe како и во кој правец таа се движи. Како портал кој повеќе од 15 години е на пазарот, ни недостасуваа поконкретни референци и трендови. Секако, постојат официјални податоци за платите од Државниот завод за статистика (ДЗС), меѓутоа тоа што го прави мапирањето интересно се деталите: дополнителни примања, технологии, нивоа на искуство, пречки и одлуки во една IT кариера и слично – вели Дамјан Дано, основач на IT.mk.

За одлуката за соработка со Data Masters Дамјан вели: „Веќе подолго време во IT.mk зборуваме за тоа како на пазарот недостасуваат соработки меѓу ИТ компаниите и општо сите играчи во секторот. Не зборуваме за концепт на ПР моменти со потпишување на некакви си меморандуми без реална акција, туку вистинска соработка која ќе даде некој краен резултат и ќе послужи како пример. Факт е дека доколку сакаме ИТ индустријата во државава да напредува, време е да седнеме на исти маси и да зборуваме за проблемите, да си помагаме и да соработуваме – секако ферски. Треба да го напуштиме менталитетот на затворање секој позади своја врата и мислењето дека секој може сам се да заврши. Да бидеме реални, многу е полесно кога има помош и уште една глава за размислување. Во таа насока, од соработката со Data Masters сме супер задоволни. Професионални, фер и отворени – како што и треба да биде“.

IT.mk како водечки портал за ИТ индустријата во Македонија ја реализираше анкетата, додека пак Data Masters го комплетираше делот за обработка и визуелизација на податоците. Желбата да придонесеме за индустриите кои ја допираат нашата работа беше главен мотиватор за да земеме учество во истражувањето. 

– Како компанија секогаш гледаме да придонесеме со своето знаење во сфери што имаат бенефит од нашето доменско знаење, односно прибирање, анализа и приказ на податоци. Токму ова истражување е одличен приказ на резултатот што се добива кога процесот е направен по највисоки стандарди. Се надеваме дека ова истражување ќе им користи на сите професионалци од домените кои се опфатени со истото, како и на компаниите кои имаат потреба од кадри во овие домени – вели Мартина Наумовска, партнер и раководител на одделот за Machine Learning во Data Masters.

Целосното мапирање можете да го погледнете на IT.mk

 

Од нашиот блог