„Инспирација црпам од ФБ групи за огласи и автомобили“

pr-za-podkastot-so-gorast-blog

Го знаете како актер, гејмер, водител, заштитен лик на рекламни кампањи, но нашиот Диџитал Спиричуал Веган Лајфкоуч, Гораст Цветковски, згора на тоа е и домаќин на Подкастот на Data Masters – „Дата муабет“, чија главна цел е да обработува важни теми со акцент на податоците што стојат зад нив. Проектот започна со реализација во 2020 и продолжи и оваа година, посветувајќи внимание на гости и теми што се интересни за публиката, но воедно имаат додадена вредност.

Секоја епизода тој спроти себе има професионалци од разни сфери кои го споделуваат своето знаење и искуство од областа во која работат, но овој пат ги свртевме улогите седнувајќи го него на гостинското столче.

 

Како гледаш на ефектот што го има „Дата муабет“?

Откако почна подкастот, сè повеќе и повеќе луѓе си прават статистики за тоа колку паста стискаат на четката од сабајле, почнаа да ги бришат лажиците по дома и да ги употребуваат повеќе пати заради статистиката за потрошена вода, многу почнаа да веруваат во апликацијата МојВоздух, а голем дел од нив ги фрлија сите Hey Alexa уреди од балкон…

 

Кои видови на теми сметаш дека треба да се обработат во иднина во Подкастот? Дали можеби има некој соговорник што особено би сакал да ти биде гостин?

Би сакал да видам (и ќе има) нешто во врска со игрици, гејминг, AI и дата дривен теми поврзани со тоа.

 

Концептот на Подкастот е да даде осврт на важни теми, но преку дата муабети во една релаксирана атмосфера. Колку е „лесно“ да се направи баланс помеѓу двете нешта – да се обработи една тема сериозно во опуштен амбиент?

Дури и најгорчливото колаче може да се проголта со доволно млеко. Па така, и јас сметам дека доколку на сериозните теми пристапиме од полабава перспектива, шансите повеќе луѓе да го заслушаат муабетот и се приклучат на него се поголеми.

 

Пандемијата го зголеми фокусот кон дигиталните медиуми. Како водител на Подкастот имаш ли чувство дека најголемиот дел од вниманието е насочено таму и дали доволно инвентивно се користат овие медиуми за да се пласираат корисни информации и теми?

Се прилагодуваме, како лебарки, како бактерии, како вируси. Единствен начин да продолжи да се функционира беше дигиталната сфера, па така сè се сврте натаму и добро е што е така. Замислете да се свртеше кон алкохол и бласфемии… кај ли ќе бевме сега?!


YouTube, Подкасти, преноси во живо на социјални мрежи – дигитализацијата донесе квалитетна и уникатна содржина која брзо се пласира. Ја губат ли традиционалните медиуми својата релевантност?

Мислам не. Класичните медиуми можеби на периоди ќе го намалат своето влијание, но со оглед на тоа што сите работи кои ги набројавме носат и канцерогени, ѓубре информации, традиционалните медиуми ќе останат како порелевантен извор.

 

Што тебе лично ти претставува најголем предизвик при водењето на „Дата муабет“?

Темата која ја носи гостинот… и неговиот карактер можеби. Обично јас да се прилагодам на темата е полесно отколку тој да се прилагоди на мене и атмосферата во мојот #датадом. Досега сите гости ја прифаќаа атмосферата уште од најавата на подкастот, а си одеа со пофални епитафи. Сметам дека тоа е добра насока.

 

Како се подготвуваш за подкастите?

Ги сталкирам гостите по социјалните медиуми, ги спамам со глупости додека не ме блокираат, а прашањата ги црпам најчесто од ФБ групите за огласи и автомобили.

 

Кои Подкасти би ги препорачал ти лично (покрај Дата муабет)? Всушност, има ли оригинални создавачи на содржина што сметаш дека не го добиваат заслуженото внимание?

Тоа што јас го гледам е прилично гејминг ориентирано. Нешто што отскокнува е The Joe Rogan Experience (шоубиз) и Kaged Muscle подкаст кој е за фитнес и вежбање.

 

Од малку поширок аспект, дали развивме култура да слушаме и да почитуваме туѓо мислење? Имајќи предвид дека сме бомбардирани со информации и секој има можност да се изрази, колку почитувањето на ставови е на ниво?

Кои ние? Македонците или во глобала луѓето? Социјалните медиуми даваат лажна слика дека нашиот/нивниот/вашиот глас надалеку се слуша. Јок. Сега секој може да пише што сака и да не осети консеквенца за тоа (освен во ретки случаи). Па така сметам дека мислењето добиено преку социјален медиум (освен од селебрити или медиумска личност) не вреди многу. Јас на луѓето што ги сакам им велам „Тоа што го постираш, пола од луѓето не ги интересира, а пола ти завидуваат и те мразат за него“. Социјалните медиуми и не се баш така социјални…

 

Да завршиме со едно предвидување. За колкав временски период ќе дојдеш до бројот на Џеф Безос?

Братот Џеф, ја видел рекламата и ми титна… немал кредит у моментот. Се чувме и најверојатно штом приврши епидемијата ќе дојде на чорба во Чамо.