„Ја сакам динамичноста што ја нуди Business Intelligence“

intervju-aleksandra-krstevska

Во тимот на Data Masters се наоѓаат многу интересни професионални приказни. Дел од нив започнуваат преку едукација на Академијата, за потоа да се трансформираат во професионална соработка која трае. Таков е примерот на Александра Крстевска, која со нас слави јубилеј – една година дел од тимот на Data Masters во одделот за Business Intelligence.

Ако треба да ја опишеме тогаш би ја потенцирале нејзината леснотија во функционирањето, пристапноста и високата професионалност, спој што ја прави член на тимот каков што само можете да посакате.

Со неа разговаравме за почетоците во Data Masters, соработката со колегите и нејзиниот видик кон тоа каде лежи иднината на Business Intelligence.

 

Те запознавме преку обуката по моделирање податоци и бизнис интелигенција, а сега си дел од тим кој работи на проекти поврзани со ова. Како би ја опишала својата приказна од моментот на запознавање со Data Masters до овој момент?

Имам прилично интересна приказна. Data Masters ги пратев уште од самиот почеток, кога ја имаа својата прва обука за BI и знаев дека во блиска иднина доколку повторно имаат обука од истата тематика ќе се пријавам. И навистина така и беше. Се пријавив на обуката за моделирање податоци и BI која почна во ноември 2019 година, со огромна желба и ентузијазам. Колку повеќе учев, читав толку повеќе се интересирав за BI како гранка.

Бев редовна на предавањата, секогаш со напишано домашно и многу прашања и дефинитивно трудот се исплатеше 🙂

На еден од последните часови го прашав нашиот предавач (и CEO на Data Masters) Филип како да го спојам IT знаењето со бизнис делот, кој дефинитивно ми претставуваше предизвик, а одговорот го добив со понуда за вработување во Data Masters. Моето прашање поточно беше одговорено преку работа на реални проекти, така што во пракса можев да видам како едното се спојува со другото.

 

Зошто од областа на телекомуникации одлучи да се насочиш кон Business Intelligence?

Ја сакам динамичноста, а BI го нуди токму тоа. На факултет имав еден многу интересен изборен предмет „Развој на сервиси и апликации во телекомуникациите“, каде прв пат подетално имав допир со бази на податоци. Од тогаш почнав сè повеќе да се интересирам на оваа тема и да истражувам.

Дополнително, BI е доста просперитетна гранка, која во моментов, но и во иднина ќе биде тренд во светски рамки, а ме радува и фактот дека сè повеќе компании кај нас имаат интерес и се отворени за соработка и полека BI почнува да се шири и развива и на нашиве простори.

 

Колегите секако се голем дел од оваа приказна. Колку соработката со тимот придонесува за да се добие врвен резултат, производ, решение?

Колегите се најголем дел од мојата приказна. Имав среќа да се запознаам и соработувам  со прекрасни луѓе, кои секојдневно ме мотивираат, ми помагаат и направија веднаш да се почувствувам како тука да припаѓам и сум им многу благодарна за тоа.

За да се постигне главната цел и да се добие посакуваниот резултат, според мене најбитна е соработката и поврзаноста меѓу луѓето кои се дел од тимот. Споделувањето на идеи, начинот на решавање на одредени предизвици, компромисот и отворената комуникација дефинитивно придонесуваат за добивање не само на подобар резултат и решение туку и зголемување на мотивацијата и ефикасноста на членовите од тимот.

 

Што за тебе е најголем предизвик во делот на Business Intelligence и кој вид на проекти ти се омилени?

Најголем предизвик ми е разбирањето и анализирањето на бизнис процесите. Поточно, сакам да согледам како функционира еден бизнис, кои се главните индикатори кои влијаат на бизнис процесот, со кои проблеми се соочува конкретниот бизнис и секако начинот на размислување во насока да се оди чекор понапред, односно да се ставиме во “кожата” на менаџерот и да ги гледаме нештата од таа перспектива. Инаку, омилени ми се проектите поврзани со малопродажба.

 

Business Intelligence помага за еден бизнис стратешки да размислува и да се позиционира на пазарот. Каде ти го гледаш најголемиот бенефит од нејзината примена и што може да добие еден бизнис од неа?

Сметам дека најголемиот бенефит е можноста вработените да гледаат во реално време структурирани податоци кои се визуелно претставени и ги содржат главните и клучни индикатори врз чија основа се носат подобри, побрзи и поефикасни одлуки.

Податоците претходно минуваат низ трансформација, а истата зависи од побарувањата и самиот бизнис модел.

Кај повеќето компании најголем проблем се јавува при анализата која се прави мануелно во Ексел, а притоа губат време и секогаш има можност да се направи грешка. Компаниите сакаат да гледаат динамични извештаи, а според мене BI е вистинскиот правец кој ќе помогне за развивање на интелигентно решение и автоматизирање на процесите.

Со тоа ќе можат подобро да го разберат својот бизнис, да ја подобрат стратегијата и да ја постигнат главната цел.

Исто така како важен аспект би го потенцирала фактот дека крајниот корисник (бизнис корисникот) може самостојно да учествува во креирањето на извештаите и сè помалку да зависи од ИТ тимот.

 

Како би ја опишала Business Intelligence на некој што воопшто нема познавање од неа?

Како креативна водилка при носење на многу важни бизнис одлуки. Како алатка што ви помага од хаосот да направите ред и да видите зошто вашиот бизнис се наоѓа во конкретната состојба, како и што придонело за да се создаде таа состојба. Притоа, резултатот го гледате на визуелен начин што е лесно разбирлив за да можете потоа да решите што понатаму.

 

Кои се клучните алатки и знаење што некој треба да ги совлада за да може да работи во оваа област?

Да има аналитичко размислување, познавање на SQL, разбирање на warehouse архитектура, ETL (Extract Transform Load) процеси, како и алатки за визуелна претстава на податоците. Секако, битна е и креативноста особено во делот на креирање на извештаите.

 

Што треба еден клиент/компанија да знае и разбере пред да започне со примена на Business Intelligence?

Најпрво компанијата треба да биде отворена за промени и да размислува „outside the box“.  Да разбере што всушност претставува Business Intelligence, кои се бенефициите, како компанијата ќе има подобар перформанс и кои се нејзините очекувања. Да си постави одредени таргети и јасни цели кои сака да ги постигне преку креирање на соодветно BI решение.

 

Каде лежи иднината на Business Intelligence, на каде ќе се развива според тебе?

Иднината на BI дефинитивно ќе биде game changer. Во таа насока значајно е да посочам дека побарувачката за BI услуги се смета дека ќе се зголеми за 7,6% до 2025 година.

BI софтверот во иднина би бил доста попристапен, со подобра инфраструктура, па и можноста од користење на BI-as-a-Service опција според мене би имала многу бенефиции. Со тоа не би биле толку ограничени во поглед на просторот, би имале повеќе ресурси, полесна имплементација, поголема пристапност.

Би рекла дека Business Intelligence сигурно ќе биде дел од секојдневната работна рутина на луѓето.

Од нашиот блог