Од пракса до вработување – интервју со Славко, Георги и Филип

invervju - slavko-georgi-filip

Практикантската програма на Data Masters е создадена за на младите генерации на студенти да им овозможи стекнување на практично искуство при работа со податоци. Како и многумина претходно, нашата програма максимално ја искористија Славко, Георги и Филип, кои во тримесечниот период како практиканти покажаа одлични резултати и огромен интерес за надоградба на нивните знаења. Како резултат на тоа, тие добија понуда за вработување во Data Masters.

Со нив разговаравме за првичните впечатоци од праксата и периодот на прилагодување во Data Masters, за транзицијата од практикантска работа до работа на реални проекти, како и за предизвиците при балансирањето на обврските меѓу факултетот и работата.

 

Како дознавте за практикантската програма на Data Masters и зошто избравте да дојдете на пракса во нашата компанија?

Славко: По завршувањето на 5-тиот семестар од студиите на ФИНКИ, се чувствував подготвено и одлучив дека треба ми треба нов предизвик, а тоа беше започнување со пракса. Data Masters ги следев некое време пред да дојдам овде на пракса. Целата приказна започна комуницирајќи со колеги и со размена на мислења околу праксите кои се достапни за нас како студенти на техничките факултети. После повеќе разговори, разменети искуства и мислења, заклучив дека целата организација во компанијата, флексибилноста, соработката и знаењето со кое ќе се стекнам овде се факторите кои беа пресудни дека ова е идеалното место за мене.

Филип: За компанијата дознав преку социјалните мрежи каде редовно ги следев објавите, а за практикантската програма преку веб страната на Data Masters. Бидејќи сум во последната година на студиите на ФЕИТ, сакав да започнам кариера во Data Science. Фактот што самата компанија е ориентирана кон Data Science како наука во која е опфатено прибирање, обработка на податоци, нивна анализа како и градење на модели за предвидување на одредени бизнис процеси, изборот за пракса во Data Masters беше една од подобрите одлуки кои ги донесов за надоградување на моето знаење.

 

Бидејќи за тројцата ова е прво работно искуство, како изгледаше процесот на адаптација во средината и за време на праксата?

Славко: За мене многу важен фактор при прилагодувањето во работната средина е околината во која што работиш. Ние работевме во извонредно добра средина. Постојано сме опкружени со луѓе кои се подготвени да ни помогнат во било кој момент и за било кој проблем, да нè научат што повеќе нови работи и несебично да го споделат знаењето со нас. 

Георги: Многу сум задоволен од начинот на кој бев прифатен од колегите во Data Masters и мислам дека претставува добра средина за адаптација на нови практиканти. Тука има одличен баланс помеѓу учење на нови работи и надоградување на постоечките знаења.

Филип: Како прво работно искуство, можам да кажам дека самата адаптација во компанијата беше доста едноставна и брза. За ова се заслужни самите колеги кои уште од стартот ме прифатија и придонесоа да се чувствувам како дел од тимот. На почетокот на праксата започнав со учење на cloud платформата Amazon Web Services и најчесто употребуваните сервиси кои ги нуди AWS, за подоцна ова знаење да го применам и практично на проектот на којшто работев. Морам да кажам дека овие работи ми беа нови и ми претставуваа предизвик, но со тек на време преку посветеното менторство успеав да ги совладам сите предизвици.

 

Георги, Славко и Филип

 

Дали можеби моментот што заеднички започнавте на пракса во Data Masters ви помогна полесно да се интегрирате во средината?

Славко: Тоа што тројцата истовремено започнавме со праксата би го издвоил како важен момент и голема предност за мене. Секогаш е подобро да имаш некој што се соочува со истите предизвици како тебе. Сите тројца несебично си помагавме при решавање на проблемите на кои наидувавме во работата.

 

Бидејќи сега и официјално сте дел од тимот на Data Masters, на кој начин се разликуваат обврските од времето кога бевте на пракса и сега кога работите на проекти?

Славко: Дури и за време на праксата, менторите и тимот со кој што соработувавме ни овозможуваа да работиме на проекти со клиенти и да се прилагодиме на овој начин на работа. Целото тоа искуство што го стекнавме многу ни помогна во преминот од пракса на работа и целиот процес за нас изгледаше едноставно. Обврските, одговорностите и предизвиците сега се поголеми, меѓутоа и стекнатите знаења и искуства се движат во нагорна линија.

Георги: Секој чекор напред во животот носи поголеми одговорности, па така и овој чекор бара поголема посветеност и труд од моја страна. Тоа што во последните три месеци стигнав на ниво да добијам ваква шанса од Data Masters, порано од моите очекувања, кај мене создава чувство на голем личен успех.

Филип: Обврските се разликуваат поради тоа што сега работиме на проекти и имаме поголема одговорност во донесување на некои одлуки. 

 

Славко ти си студент на ФИНКИ, додека Георги и Филип студираат на ФЕИТ. Како успевате да ги балансирате обврските кон факултетот и тие кои произлегуваат од работното место?

Славко: Морам да кажам дека не е едноставно паралелно да се извршуваат двете работи, но верувајте дека вреди. Со дисциплина, добар распоред и желба за напредок, сè се надминува полесно. Дел од работите коишто ги изучуваме соодветствуваат и на работа и на факултет, а со тоа и на нас ни е полесно да ги совладаме истите.

Георги: Очекував балансирањето на времето за исполнување на двете обврски да ми биде потешко, но постојаното одржување на тој баланс за мене лично имаше позитивен ефект. Чувството на одговорност и ангажираност што го стекнав во текот на праксата се одрази и врз моите резултати при полагањето на испитите на факултет и придонесе да постигнам подобар успех во споредба со претходните години од моето студирање.

Филип: Можам да кажам дека ми беше едноставно да ги менаџирам обврските кон факултетот, бидејќи го завршувам последниот семестар од студиите, а самите предмети не бараат многу работа и посветеност. Целиот фокус главно ми беше насочен кон практично усовршување на моите вештини преку работа во компанијата.

 

На кој начин работата во Data Masters ви помага при совладувањето на обврските на факултет и обратно?

Георги: Праксата во Data Masters ми помогна да стекнам работни навики и чувство на одговорност, што директно и позитивно се одрази врз успехот во совладувањето на обврските од факултет. Од аспект на наученото на факултет, предметот Моделирање на бази на податоци што го слушав во втора година многу ми помогна и ме подготви полесно да се снајдам во работата и работните задачи што ми беа доделени за време на праксата.

 

Дали имате некаква препорака за студентите кои се интересираат за Data Science?

Филип: Пред сè, мора да имаат основни познавања на веројатност и статистика, програмски јазици од кои најчесто се кориси Python, работа со податоци како и машинско учење. Исто така бара доста истражување, бидејќи Data Science е многу динамична област и секојдневно се соочуваме со нови алатки или технологии, па така потребно е постојано да си во тек со тие најнови технологии. Оваа област како и секоја друга бара многу труд и работа, но затоа е доста интересна и наоѓа голема примена во секојдневниот живот.

 

Филип и Георги

 

Кои се вашите интереси надвор од работата и факултетот?

Славко: Темпото на обврски и задачи е многу силно, чекаат многу обврски кои треба да ги завршиме. И покрај тоа, наоѓам слободно време кое го искористувам максимално – за дружба со пријатели, слушање музика и спортување. Уживам во возење велосипед и понекогаш рекративно играње на фудбал.

Георги: Годините додека студирам паралелно ги поминав со голема посветеност и кон гејмингот. Секогаш издвојувам дел од моето слободно време за тој личен афинитет. Исто така, спортот ми претставува одлична разонода, особено кошарката, па другиот дел од слободното време го минувам играјќи кошарка. Освен тоа, многу сакам да читам книги, да слушам музика, да гледам филмови и ТВ серии.

Филип: Имам многу интереси надвор од професијата и образованието. Уште од најрани години активно спортувам, а професионално сум се натпреварувал во ракомет, па така пасијата кон спортот ми остана до ден денес. Исто така сум љубител и на читање книги, играње шах како и прошетки низ природа.

 

Што би им препорачале на студентите кои сè уште студираат или се на крајот од студиите – кој е вашиот совет за почеток на професионалната кариера?

Славко: Секој што се чувствува подготвен, нека ја зграби шансата за почнување на пракса што е можно порано. На тој начин ќе ги согледа бенефитите од IT професиите и ќе добие уште поголем мотив за работа и напредок во неговото поле од интерес.

Георги: Најважно нешто што би им препорачал на студентите кои се обидуваат и сакаат да ја започнат својата професионална кариера е трпение. Барањето на пракса/работа на моменти знае да биде фрустрирачко, но со трпение и труд тоа ќе вроди со плод. Додека сте во потрага, немојте да стагнирате и да се фокусирате само на потрагата по пракса, туку посветувајте време на надоградба на самите себе како личности и програмери, преку сопствено учење на теми кои ве интересираат и креирање на лични проекти кои многу ќе ви помогнат и ќе ви ја олеснат потрагата.

Филип: Моја препорака до сите студенти е најпрво да не се плашат од предизвиците со кои мора да се соочат во кариерата и најважно од сè е да ја пронајдат својата пасија и она што навистина ги исполнува и сакаат да го работат.

Направете го првиот чекор кон вашата иднина.

Од нашиот блог