Сања Станчевска е уште еден од бројните примери за успешниот начин на работа и градење на кадри преку Академијата на Data Masters. Во изминатите три месеци таа работи како Data Analyst во нашата компанија, претходно успешно комплетирајќи ги академијата за Data Science и обуката за анализа и визуелизација на податоци во Python.
Со Сања разговаравме за искуствата со академијата на Data Masters, за процесот на прилагодба по вработувањето и за нејзините идни професионални планови.
Неизбежно е да започнеме со прашање за Академијата, бидејќи имаш директно искуство со една обука и една Data Science академија. Како учеството на двете ти помогна да ја најдеш насоката во којашто сакаш да се надоградуваш?
Да, Обуката за анализа на податоци со Python е мојот прв контакт со светот на податоците и успеа да ми го привлече и задржи вниманието. По завршувањето на таа обука, се одлучив подлабоко да навлезам во областа на Data Science. Бидејќи веќе имав позитивно искуство на обуката, се одлучив да се запишам на академијата за Data Science во Data Masters. И на академијата и обуката се стекнав со многу практични вештини кои сега ги применувам во работата.
Твојот проект на Data Science академијата беше од retail областа. Може ли да споделиш со нас повеќе детали од целиот процес на изработка на проектот?
Мојот завршен проект од академијата беше од retail областа и податоците беа во форма на временска серии. Проектот се работеше во тим од тројца, под менторство на колегата Оливер Таневски. Голема предност беше фактот што бевме помала група и лесно се организиравме, работевме заеднички, а воедно и се дружевме. Бевме добро огранизирани и секој од нас учествуваше во секој дел од проектот – од вчитување на податоците до пишување на документација.
Веќе три месеци си дел од нашиот тим. Кои се твоите досегашни импресии од работата во Data Masters?
Досега имам само позитивни импресии од работата во Data Masters. Ми се допаѓа тоа што во компанијата има одлична атмосфера за работа и секој колега е отворен за споделување на знаење и соработка. Особено ми се допаѓа и го ценам тоа што Data Masters нуди можност за вработување преку академијата и на оние кои што немаат можеби големо искуство, но имаат голем потенцијал и желба за работа и успех.
Како изгледаше процесот на адаптација и интеграција во Data Masters?
Процесот на адаптација беше многу лесен. Уште од првиот момент го почувствував ентузијазмот на сите колеги кои се дел од оваа компанија. Со голем дел од колегите веќе се познавав, некои од нив ги познавам од факултет, но исто така голем дел од нив ги запознав на академијата како предавачи, а дел од нив учествуваа на академијата во исто време со мене.
Велиш за себе дека си креативна личност на која ѝ се потребни предизвици и разновидност. На кој начин моменталната позиција ти го овозможува тоа?
Со самото тоа што Data Masters е IT компанија којашто работи на многу проекти од различни области во кои се користат повеќе алатки и програмски јазици, нуди многу предизвици и разновидност. Здравата работна средина е одлика на оваа компанија, а доказ за тоа е довербата на луѓето кои работат тука и нивната можност за хибриден начин на работа. Сметам дека ваквиот пристап ги охрабрува вработените да преземаат повеќе ризици и да ги споделуваат своите идеи што овозможува константен професионален раст.
Во моментов работиш на проекти за неколку различни клиенти. Што од овој дел од работата ти е најголем предизвик?
Секој клиент е нов предизвик. Да се исполнат очекувањата на клиентот и да бидат двете страни задоволни за мене е и најголем предизвик и најголемо задоволство. Со оглед на тоа дека сум работела со повеќе клиенти од различни бизнис домени, особено е важно да ја разбереш нивната бизнис логика, со какви податоци тие располагаат и каква обработка на податоците може да се направи за да добиеме заклучоци. Секако, многу важен фактор е и нивната визуелизација.
Дел од твоите обврски подразбираат и константна комуникација со клиентите зa изнаоѓање на најдобри решенија за нивните потреби. Што според тебе е најважно во комуникацијата со клиентите?
Според мене, најважни се транспарентноста, довербата и разбирањето. Секогаш настојувам да бидам транспарентна со клиентот. Со редовните заеднички средби, клиентот се запознава со процесот и прогресот на проектот, но и проблемите, и на тој начин се зголемува нивното разбирање и доверба.
Како личност која константно сака да се надоградува и да учи нови работи, на каков тип на проекти би сакала да работиш во иднина?
Би сакала да учествувам на повеќе проекти од BI секторот, но како личност која што лесно се адаптира на сите ситуации, отворена сум за совладување на нови вештини во зависност од потребите на компанијата. Моментално работам на проект од retail областа и навистина ми е многу интересен и близок до секојдневниот живот. Би сакала да имам можност да работам на повеќе вакви проекти и со тоа да стекнам поголемо искуство во оваа област.