„Модулот SQL нуди знаење што може да се примени во многу сектори“

mirjana-sadikovikj

Мирјана Садиковиќ (или за нас во Data Masters, Мими 🙂 ) е електроинженер чие доменско знаење е во областа на енергетиката. Желбата за константен напредок во кариерата ја мотивирала да изучува обуки за Python и применето машинско учење на Академијата на Data Masters, а по нивното успешно комплетирање Мими има направено реквалификација во полето на Data Science. 

Таа повеќе од една година работи како Business Intelligence Developer во Data Masters на проект во доменот банкарство, а искуството како демонстратор на ФЕИТ и има помогнато да го обликува пристапот на нашата Академија како предавач на модулот за програмскиот јазик SQL.

Со неа разговаравме за методологијата на учење и пристапот кој го користи за успешно да го пренесе знаењето од SQL на обуката Data Analytics in Finance, како и своите искуства кога и самата таа направила реквалификација.

 

 

Повеќе од една година работиш како BI developer во Data Masters. Ако погледнеме од почетоците до денес, во кои домени беа и се проектите на коишто имаш работено?

Иако по професија моето главно доменско знаење е од областа на енергетскиот сектор, од самиот почеток во Data Masters започнав со изучување на SQL преку бази на податоци од областа на продажба и банкарски сектор. Тоа придонесе фокусот на проектите на кои работам генерално да бидат од банкарскиот сектор. 

 

Освен работа на проекти, активно го предаваш модулот SQL на Академијата на Data Masters. Како искуството од работата на проектите ти помага да бидеш подобар предавач на Академијата?

Искуството во предавање, а воедно и желбата, ги имам стекнато уште за време на студирањето, бидејќи бев демонстратор по неколку стручни предмети на ФЕИТ. Тоа ми даде еден вид на сигурност да продолжам да се развивам во таа насока и да дадам максимум, за своето знаење на најдобар начин да им го пренесам на слушателите. 

Најдобар начин правилно да се пренесе знаењето е кога предавачот своето знаење го пренесува базирано на своето искуство, примарно како слушател, а потоа и како активен применувач на наученото. Можам да кажам дека мене како слушател таквиот начин на учење најмногу ми одговарал, бидејќи предавачот сам знае што било потешко да се совлада од материјалот, па така може да стави акцент на тој дел. Кога на сè тоа ќе се додаде искуството од проектите, се добива една целосна слика како најдобро да се научи и примени нешто ново.

 

Кој дел од работата со студентите/учесниците на Академијата ти е најголем предизвик?

Најголем предизвик е прилагодување на темпото и количината на материјалот да биде соодветна за сите студенти, без разлика на нивното ниво. Главната цел на секој час е да се објаснат новите сегменти и истите да се извежбаат. Меѓутоа, важно е да им се јасни на сите студенти, а тоа успева само ако студентите поставуваат многу прашања и заеднички прават грешки при вежбањето. Тоа е единствениот начин правилно да се совлада материјалот и знаењето да остане во глава. Многу важен дел од учењето е вежбањето, правењето грешки и пребарувањето на решение за нив.

 

Досега имаш предавано SQL на две групи студенти од обуката Data Analytics in Finance. Што е она што е најважно за еден студент успешно да го комплетира овој модул од предавањата?

Секогаш кога учиме нешто ново, важно е да си ги поставиме целите и што сакаме да постигнеме. За успешно комплетирање на SQL модулот, секој мора да посвети доволно време на вежбање, преслушување на предавањата и многу прашување. Целта е сè што е нејасно да се разјасни за време на модулот. И како што им кажувам редовно на студентите – многу многу „гуглање“. Тоа е најдобрата алатка, затоа што вашата грешка претходно апсолутно му се случила на некого и за неа има барем некаква насока на Google. Од таквите ситуации најмногу се учи. Секако, предавачите се тука на располагање, за да ги дообјаснат сите детали и да помогнат на студентите успешно да ја завршат обуката.

 

 

Како Data Analytics in Finance може да им помогне на луѓето кои работат во финансискиот сектор?

Оваа обука е одлична за луѓе кои секојдневно се среќаваат со огромни табели и прават извештаи базирани на табелите. Со комплетирањето на обуката, тие ќе можат да си го автоматизираат работењето, на едноставен начин да пристапат до табелите и извештаите кои им се потребни, а понатаму и да можат сами да креираат Power BI извештаи кои ќе го олеснат донесувањето на одлуките на клиентите. 

 

Како слушателите на обуката можат да го користат SQL на работното место и на кој аспект треба да се посветат доколку сакаат целосна реквалификација и промена на кариера?

Преку SQL модулот слушателите добиваат можност да научат како да анализираат и обработуваат Excel табели и да си го олеснат секојдневното работење. Од аспект на реквалификација, многу е важно да се знае дека секој почеток е предизвик особено кога се менува професија, без разлика дали претходната професија има мала поврзаност со областа во која некој сака да се реквалификува или воопшто нема. Потребен е одреден период на адаптација кој е различен за секоја личност. Меѓутоа, со многу труд, истрајност и верба во себе, реквалификација е апсолутно возможна. 

 

Според досегашното искуство, дали е потребна позадина од економска природа за еден слушател добро да се снајде на Data Analytics in Finance?

Од моето искуство би рекла дека е мала предност, но не и потреба. Јас сум електроинженер со искуство во областа на обновливи извори на енергија и одлично се снајдов во банкарскиот сектор, иако претходно немав искуство во него. Само треба да посветиме време да го научиме бизнисот и што е клучно за него, а знаењето кое се добива од SQL модулот има многу широка примена во голем број сектори.

 

Твоја препорака/совет за сите кои размислуваат за пријавување на обуките на Академијата Data Masters?

Сè што е ново на почетокот изгледа предизвикувачки и тешко да се совлада, меѓутоа ниту една вистинска одлука не би била вистинска ако не нè помачи додека ја донесеме. Никогаш не може да биде грешка да се учи нешто ново, напротив тоа ни дава сосема ново гледиште на нештата и со тоа знаеме дека сме донеле правилна одлука. За секоја недоумица во однос на која било обука во Data Masters, тука е тимот на Академијата на Data Masters да помогне и разјасни сè што треба. Без разлика дали станува збор за личност која сака реквалификација или надоградување на знаењата, обуките во Data Masters се одличен почеток, можам да потврдам од лично искуство како слушател на неколку обуки токму на Академијата на којашто јас денес предавам.

Направете го првиот чекор кон вашата иднина.

Од нашиот блог