„Кога расте индивидуата, расте целиот тим и компанијата“

даниела алексоска

Со големото работно и менторско искуство зад себе, Даниела Алексоска е еден од оние членови на тимот на Data Masters кој претставува вистински симбол за досегашниот развој и пристап на компанијата – од работа на домашни и светски проекти, до пренос на знаење и менторирање на колеги, како и студенти на Академијата. Нејзиниот движечки мотив е дека знаењето треба да се сподели интерно во рамки на компанијата и со луѓето околу нас, бидејќи споделувањето значи силен тим.

Воедно потенцира дека можноста да работи од друга земја, односно Германија, комплетно задржувајќи ја својата улога и напредок во компанијата придонесува за таа да расте како професионалец. Со неа разговаравме за почетоците во Data Masters, што значи да се биде ментор, како и искуството со работата со различни видови на клиенти.

 

Веќе две години си дел од тимот на Data Masters. Се сеќаваш ли на почетоците и како всушност започна твојата приказна со компанијата?

Првиот контакт со компанијата беше на обуките за Business Intelligence и Data Science каде што бев студент со цел да го надополнам своето знаење во областа во која веќе работев.

Во тој период мотивациски пристапив кон предизвикот на следење на двете обуки затоа што навистина беше голем предизвик да се прави тоа и паралелно да се работи. Јас сум тип на личност која сака постојано да се развива и напредува, стагнацијата дефинитивно не ми е карактеристика, така што според мене девизата дека треба човек постојано да учи и да напредува ја применувам во пракса. Од друга страна преку обуките научив многу и потоа и ми се отвори можноста да станам постојан член на Data Masters. Кога дојдов на обука добив толку добар впечаток за компанијата и начинот на кој работи што посакав и да станам дел од тимот. Среќна сум што она што некогаш беше желба, потоа и се претвори во реалност.

 

Ти си одличен пример за личност која ја запознала компанијата преку посета на обуки, за потоа и самата да станеш предавач на обуки кои опфаќаат сегменти од Business Intelligence. Колку те исполнува улогата на предавач и што е она што ти го научи преку неа?

Секако низ обуките растев како ментор и можам да направам паралела од мојата прва обука до последната. Оваа улога ме исполнува, бидејќи преку обуките се трудам да го пренесам своето знаење на наједноставен можен начин, бидејќи токму овој начин недостасува во голем дел од образованието и знам како е кога нешто е многу едноставно, а се пренесува на многу комплициран начин. 

Ми претставува задоволство кога го споделувам своето знаење и гледам како луѓето растат околу мене и уште поголемо задоволство ми е кога гледам дека во нашата компанија има луѓе кои имаат исти гледишта и не го чуваат знаењето само за себе. Тука би ги издвоила колешките Дина Саровска и Марта Ивановска од кои научив многу и сум им благодарна за нивната несебичност во споделувањето на знаење.

 

Потенцираш дека споделувањето на знаење во една компанија е исклучително важно за градење на силен тим. Кои принципи на пренос на знаење сметаш дека се клучни за да се поттикне ова?

Споделувањето на знаењето треба да претставува главна политика на секоја компанија и овој начин на поставување на односите треба да започне најпрво од менаџмент тимовите, па од сениор девелоперите, сè до најновите членови на тимот. 

Оваа структура овозможува да се изгради култура на функционирање која придонесува тимовите и целата компанија да напредува. Задржувањето на знаењето за себе во принцип нема простор во тимската работа.

 

Една од твоите улоги во Data Masters е менторирање на нови членови, што се надоврзува на моментот на споделување на знаење. Колкав предизвик е да се биде ментор и како ти ја доживуваш оваа улога во рамки на компанијата?

Тоа го работам со задоволство и се трудам да дадам сè од себе да му помогнам на некој нов член на тимот да ја добие основата. Секој кој е паметен и вреден, потоа самостојно си продолжува да си се обучува и надградува себеси (секако имајќи ја постојаната поддршка од тимот). Кога расте индивидуата, расте целиот тим, а со тоа и компанијата.

 

Од професионален и кариерен аспект, што е она што те привлече кон полето на Business Intelligence?

Искрено сосема спонтано започнав да работам во оваа област, но истовремено се пронајдов себеси и навистина си ја сакам својата работа.

 

Имаш искуство со Business Intelligence проекти од разлни сфери (малопродажба, финансии, градежништво). Има ли некоја сфера која ти претставува поголем предизвик?

Секоја сфера ми претставува предизвик, но не би издвоила само една. Секој нов проект е нов предизвик и искуство.

 

Што би ги советувала компаниите во Македонија кои допрва ќе започнат со имплементација на Business Intelligence во своето работење?

Би ги посоветувала никогаш да не го одлговлекуваат времето на автоматизацијата на аналитиката на податоците, бидејќи тоа се прави еднаш и потоа пристапот на информација ја имаат во секое време, а со тоа одлуките се донесуваат брзо и се има увид на целекупното компаниско работење.

Воедно би рекла дека мора да се внимава на документирањето, односно документацијата за работењето која и тоа како е неопходна кога треба да се започне со нов проект со компанија. На таа основа се гради проект и токму затоа би ги советувала внимателно да ја документираат својата работа, како и барањата пред да почнат проект во оваа област. 

 

Често си на линија Македонија – Германија и всушност голем дел од работата ја вршиш од својот дом во Германија. Како ја доживуваш работата од друга земја и кои се придобивките од овој начин на функционирање?

Флексибилноста на местото на работа ми дава шанса сама да го балансирам приватниот и професионалниот живот што е клучен момент за успешност во двете сфери во животот. За оваа флексибилност премногу сум благодарна на Дата Мастерс. 

Секоја индивидуа знае што и’ е потребно да биде максимално продуктивна во било кој сегмент и сметам дека секоја компанија треба да му даде на вработениот простор и можност сам да одлучи за истото. 

 

Ги чувствуваш ли културолошките разлики во Германија и колку беше тешка аклиматизацијата на германскиот начин на живот?

Од социјален аспект ги чувствувам разликите  и навистина е предизвик да се навикне човек на нова средина и различен менталитет. Но, големината на човекот е да ја надмине таа бариера и да се вклопи во различна средина.

 

За крај, кои идни предизвици би сакала да ги совладаш во работењето и на каков вид на проекти би сакала да работиш?

Би сакала да работам на повеќе проекти од областа на банкарството и во иднина би сакала да работам на проекти од областа на Data Science.

Share on facebook
Share on twitter
Share on linkedin

Од нашиот блог