„Data Science нуди нови можности за кадри со специфично доменско знаење“

анета-станковска

Промената на кариера, односно префрлањето од една во друга бранша е во постојан подем, особено преку можностите што ги нуди IT светот. Традиционалното гледиште на градење кариера во една област е предизвикано од новите потреби на пазарот, каде луѓе од конкретен домен преку дополнителна надградба на IT знаењето имаат огромен број на можности за напредок и реализација на талентот. Токму на оваа тема разговаравме со Анета Станковска, менаџер за човечки ресурси во Data Masters, која директно се среќава со таленти од различни возрасти и домени кои сакаат да ја променат кариерата и да работат во полето на Data Science.

 

Традиционалното гледиште на градење на кариера што се перцепира како напредок во само еден домен (најчесто преку менување на титулата) е предизвикано од новите потреби на пазарот. На кој начин IT индустријата го предизвика ова гледиште?

IT индустријата е една од најнапредните и најактуелните индустрии во моментот. Постојат повеќе причини за големата атрактивност меѓу кои најчесто се вбројуваат можноста за личен раст и развој, поголем финансиски бенефит во споредба со останатите индустрии, можност за работа со реномирани домашни и интернационални компании, флексибилноста на работното место, флексибилноста во однос на промена на кариерен пат итн.

Би рекла дека IT светот, односно Data Science понуди нови можности особено за кадри кои имаат специфично доменско знаење. Повеќе не важи правилото дека со вашето доменско знаење мора засекогаш да останете во истото место каде сте го стекнале. На пример, доколку поседувате доменско знаење од финансии или малопродажба, особено доколку работите со податоци и извештаи, со надградба на знаењето преку учење на алатки за анализа и обработка на податоци, можете да работите во делот на Business Intelligence или Data Science. Всушност, кај нас имаме вакви примери на кадри кои преку надградувањe на знаењето преку Академијата за Data Science и останатите обуки, сега работат во Data Masters. На пазарот му треба овој микс од знаење – зашто кога ќе ги споите доменското знаење и IT вештините, добивате професионалец кој покрај техничките знаења, ја разбира и бизнис логиката на проблемот.

 

Од каде треба да почне човек кој сака да направи промена, односно да работи Data Science? Постојат ли домени од кои предоминантно се прави таа промена т.е се повеќе подобни за да работат Data Science?

Појдовна точка кај секој што сака да направи промена во кариерата во IT треба да биде желбата за промена и желбата за учење. Учењето и секојдневното надградување на знаењата се императив во оваа област, бидејќи овде тоа никогаш не престанува. Од досегашното искуство, најголем дел од преквалификациите доаѓаат од доменот на IT и останатите технички науки, од областа на финансии и бизнис, здравство, човечки ресурси, едукација, маркетинг итн. Не се исклучени и останатите индустрии и домени, иако ги има во помал број. Впрочем, овде е добредојден секој кој сака да направи промена, без разлика на доменот од кој доаѓа.

 

На ова секако се надоврзува и промената во размислувањето – колку често се среќаваш со личности кои ја направиле промената и што е нивниот најчест мотив?

Многу често се среќавам со вакви личности, најчесто за време на интервјуата за вработување во Data Masters. Дури и во случај квалификациите на кандидатот да не одговараат на потребните квалификации за работното место, секогаш преферирам да направам заедничка средба со цел да ја дознаам причината поради која аплицирале и да ја разгледаме можноста за евентуален ангажман на друга позиција којашто можеби повеќе би одговарала на нивното работно искуство, стручни квалификации и знаења. Мотивот што најчесто го слушам е желбата за промена, желбата за учење нешто ново и желбата за поголема заработка. Тоа што најчесто им го давам како совет е да излезат од зоната на комфорот и да ја направат промената за која размислуваат.

 

Која е најчестата дилема кај професионалците што имаат желба да работат во полето на Data Science иако имаат малку поинаква позадина во поглед на технички вештини? 

Главниот предизвик е тоа што науката за податоци бара различен пристап на решавање на проблемите и поинаков начин на размислување, па оттука доаѓа и нивната најголема дилема – дали и како ќе се снајдат во оваа област, дали ќе успеат успешно да ја поминат техничката подготовка и да се стекнат со соодветни знаења и вештини потребни за работа во оваа област. Од огромна помош претставува и нашиот бесплатен кариерен ментор чија основна цел е да им помогне на заинтересираните кандидати да ја донесат вистинската одлука за градење на кариера и надградба на знаење. Овој пристап е дел од нашите заложби да им помогнеме на поединците кои сакаат да се градат во полето на Business Intelligence и Data Science, но не се сигурни кои чекори да ги преземат.

 

Дали возраста е можеби најчестата причина поради која луѓето потешко се одлучуваат за промена и кој би бил твојот совет за оние кои се колебаат?

Желбата за промена најчесто е обратнопропорционална со возраста на кандидатите, но нивната возраст не ги прави помалку квалификувани во процесот на селекција на кадри. Селекцијата на кадри во Data Masters се врши исклучиво врз основа на целосно транспарентни и недискриминирачки критериуми, а резултатите од селективниот процес му се достапни на кандидатот по негово барање по завршување на процесот. Исто така, секогаш стоиме на располагање за дополнителен фидбек или совет доколку тоа го побара кандидатот. Овде би ги советувала сите коишто се колебаат, без двоумење да нè исконтактираат на адресите наведени на нашиот официјален сајт, на некој од социјалните канали или на мојот мејл aneta.stankovska@datamasters.co, а ние со задоволство ќе закажеме средба за да одговориме на сите нивни прашања и дилеми. 

 

Каков кариерен напредок нуди светот на Data Science и како се врши адаптација на кадри од други бранши кои прават кариерна промена со доаѓањето во Data Masters?

Главен мотив на Data Masters е подигање на свесноста за значењето на податоците за секоја компанија и бенефитот којшто може да се извлече преку нивна соодветна обработка и толкување. Од друга страна, сите предвидувања се во насока на зголемување на потребата од професионалци во областа на Data Science, којашто нуди безброј кариерни можности и напредок преку специјализирање во поединечни области во склоп на истата. Бидејќи оваа наука е релативно млада, она што го идентификувавме е недостатокот на кадар во оваа област. Оттука се роди и иницијативата за формирање на Академија чија цел е комплетна преквалификација на студентите. 

Во склоп на Академијата функционираат и голем број на обуки чија цел е надградба на знаењата на студентите. Секој модул од обуките претставува една целина, па постои можност и за посета на поединечни модули наспроти целосната обука. Главната предност на нашата Академија е тоа што најголем дел од предавачите се веќе вработени во Data Masters и се професионалци во својата област, па со тоа се во можност најсоодветно и најстручно да ги пренесат своите знаења што секојдневно ги применуваат на проектите на кои работат.

 

Кои технологии се користат во проектите на Data Masters?

Во Data Masters се работи со исклучиво нови и модерни технологии, а нашата експертиза, пред сè е фокусирана на Data Science, Big Data Concepts & Technologies, Machine Learning, Data Warehousing, Data Visualization итн. Дополнително, секојдневно се надоградуваме во развивање на решенија преку користење на најновите технологии на cloud како што се Amazon Web Services, Microsoft Azure и Google Cloud. Како партнер на Microsoft, делот на создавање извештаи најчесто го изработуваме во Power BI, но како консултантска компанија нашата главна цел е да се адаптираме на барањата и потребите на клиентот. Во делот на предиктивна анализа нашиот go-to јазик е Python преку кој работиме анализа на податоци, визуелизации, оптимизација на бизнис процеси и секако креирање и градење на Artificial Intelligence решенија за нашите клиенти. 

 

Кои се подобностите на компанијата што на распологање ги имаат оние за кои Data Masters претставува промена на кариера? 

Ако сте почетник, Data Masters не само што вложува во вас преку менторирање, туку постои и посебна методологија која трасира пат за почетниците да станат консултанти и да работат со клиенти. На почетокот, работата и комуникацијата со клиенти се прави со помош на менторот. Веќе три години благодарение на интерната методологија под своја закрила едуцираме и правиме трансформација на кадри од секаков вид.

Веќе имаме значајно искуство со кадри кои направиле промена, дел од нив ги среќаваме во процесот на интервјуирање за работни позиции, друг дел пак преку кариерниот ментор. Сите тие средби нас ни овозможија да изградиме систем за полесна адаптација на оние кои ја прават промената. Тој систем го сочинуваат следниве нешта:  

– Целосна поддршка во процесот на транзиција на кандидатите

– Посветен ментор којшто е одговорен за прогресот на кандидатот и за неговиот кариерен развој

– Сектор за човечки ресурси кој го поддржува неговиот личен раст и развој

– Тим од извонредни колеги кои му помагаат полесно да се адаптира на новата работна средина

– Стипендирање заради надоградување на знаењата и вештините, пред сè преку Академијата, но и преку екстерни обуки доколку за тоа има потреба.

Од нашиот блог