Илија Филиповски важи за еден од најпозитивните ликови од нашиот тим кој секогаш внесува доза хумор во секојдневието, но воедно е препознатлив и по својата посветеност кон извршувањето на задачите. Неговата приказна во Data Masters започна пред три години и тоа преку нашата Академија и истата постојано е во нагорна линија исполнета со напредок во знаењето и кариерата како Data Scientist.
Во септември минатата година, Илија започна ново поглавје во својата едукација и стана студент на постдипломски студии на TU Wien.
Со него разговаравме за сеќавањата што ги има од раните почетоци во Data Masters, напредокот што го има стекнато и како постдипломските студии придонесуваат за неговиот дополнителен професионален развој и постигнувањето на целите што си ги има поставено.
Честитки на тригодишнината Иле 🙂 Навраќајќи се на јуни 2019, што е она што го помниш од тие почетоци и какви беа твоите први импресии од Data Masters?
Благодарам и да прославиме уште многу заедно. Кога ќе се навратам наназад едно од најраните сеќавања од Data Masters ми е средбата со тим кој беше желен за успех и учење, но воедно и тим кој беше комплетно подготвен да го пренесе своето знаење на другите преку едукација. Во тоа време тимот се состоеше од помалку од десетина луѓе, од кои тимот што тогаш работеше Data Science се состоеше од тројца меѓу кои бев и јас 🙂
Тоа беше тим што сакаше да се забавува и како што расте Data Masters, можам да видам дека истиот ентузијазам, заедништво и енергија се присутни три години подоцна кога веќе имаме мноштво нови колеги. Мислам дека токму ова е една од најзначајните одлики на компанијата.
Ти си одличен пример за начинот на кој Data Masters гради кадри преку Академијата. Од денешна перспектива, колку големо влијание имаше Академијата на твојата кариера?
Академијата ми овозможи совршена основа за да напредувам во моето образование и да ја започнам мојата кариера. Преку моите додипломски студии имав стекнато одредено знаење од компјутерски науки, математика и статистика, но не доволно за да можам да ги применам во пракса. Ова стана реалност во текот на мојата пракса и почнав да работам на реални проекти како надополнување на проектите што ги работев како дел од моите студии.
Од друга страна, имав активна улога во создавањето на наставни програми и воедно подучував луѓе на Академијата, така што искусив како е да се биде ученик и учител. Тоа е и дел од визијата на Data Masters – дека секој од нас може и треба да го сподели своето знаење. Навистина ми е драго што зедов учество во тоа.
Процесот на менторство во Data Masters исто така е дел од процесот на градење на врвни Data Scientists, а твојата кариера е предводена од менторката Мартина Наумовска. Кој е најголемиот бенефит што го имаш стекнато од вашата меѓусебна динамика?
Добриот ментор е исклучително значаен на почетокот на било чија кариера. Јас имав среќа да имам менторка која ме научи многу, а која воедно е особено трпелива кога пренесува знаење. Ако морам да посочам поконкретно, би рекол дека Мартина ми пренесе техничко знаење и како истото се применува практично, но исто така би рекол дека созреав како личност токму поради тоа што имам менторка како неа. Сметам дека техничкото знаење не е единствената компонента што придонесува да се изградите како професионалец во полето, т.н. меки вештини исто така имаат голем удел во сето тоа.
Сите сениори и ментори во Data Masters работат на истиот принцип, односно им овoзможуваат на сите што се под нивна закрила да работат на реални проекти, притоа давајќи им ја својата доверба да комуницираат директно со клиентите. Ова не е нешто што се случува после одредено време во компанијата, туку уште од самиот почеток. Сите ние уште од првиот работен ден учиме преку практична примена.
Во изминатите три години имаш работено на проекти поврзани со churn, demand forecasting, NLP, data analytics и scraping. Што за тебе претставува најголем професионален предизвик и на какви проекти би сакал да работиш во иднина?
Секој од проектите со себе носи предизвик. Дел од проектите на кои имам работено беа предизвик од технички аспект, додека некои бараа разбирање на проблемот од бизнис аспект. Од секој од нив научив нешто јас лично, но исто така учевме и тимски. Во тоа е и убавината на ова поле, а се состои во постојаниот предизвик што доаѓа со секој нов проект и прави да бидеш подобар Data Scientist.
Ако треба да посочам конкретна област, би било одлично кон постоечкото портофлио да додадам нови NLP проекти, како и проекти за компјутерска визија.
Константната поддршка за развој на вработените и создавањето на услови за нивен напредок е еден од главните постулати во Data Masters. Како изгледаше поддршката на компанијата во однос на новото едукативно поглавје во твојата кариера?
Уште од прв ден во Data Masters, сакав да продолжам со студии, но овој пат сакав тоа да биде во друга земја. Мартина и целиот менаџмент знаеја за оваа моја желба и ме поддржуваа уште од самиот почеток. Тимот на Data Masters ми помогна да одберам универзитет, мастер програма и предмети. На некој начин, ме насочија правилно на повеќе начини и навистина сум благодарен што ги имам како поддршка, особено поради тоа што балансот помеѓу работата и образованието знае да претставува предизвик.
Зошто го одбра универзитетот во Виена? И како би го опишал досегашното едукативно искуство?
TU Wien е меѓу 100-те најдобри универзитети во Европа, уште поконкретно меѓу 50-те најдобри универзитети за компјутерски науки и бизнис информатика. На универзитетот има многу студенти, така што на моменти знае да делува хаотично. Но, квалитетот на материјалите што ги добиваме, како и проектите на кои работиме компензира за хаотичниот дел. Програмата е така структурирана за секој студент да може да одбере насока на која сака да се посвети.
Што е она што тебе лично најмногу ти помогна во процесот на прилагодување особено сега кога студираш и работиш во полн ек?
Тоа што имам тим кој ме поддржува во академските студии ми значи многу. Како прво, огромна предност е што можам да работам од друга земја. Во Data Masters, имаме хибриден начин на работа, односно можеме да работиме од дома или од канцеларија. Исто така имаме флексибилно работно време што ми овозможува да посетувам предавања и да следам академски рокови.
Од друга страна, подеднакво важен е и фокусот на работата, како и да се исполнат барањата на клиентите и роковите поврзани со нив. Предизвикот е како да се искомбинираат овие две нешта, но тоа што имам прекрасни колеги навистина го олеснува процесот. Со добра тимска работа и комуникација успеваме да одговориме на очекувањата на клиентите, а воедно ми помагаат и со идеи за моите проекти во рамки на универзитетот.
Што е со разликите во културата и опкружувањето? Кои се најголемите разлики меѓу Скопје и Виена и што е она што најмногу ти недостига?
Постојат многу сличности и разлики. Виена е мултикултурен град во кој живеат многу луѓе од Македонија, нашето соседство, како и од голем број други земји во светот. Ова надоместува за работите што ми недостигаат дома. Главно ми недостигаат луѓето дома, пријателите, семејството, колегите.
Виена како град и Австрија како земја се доста организирани, што помага човек да добие информација за условите потребни да се добие дозвола за престој (студентска виза).
Дадовме осврт на изминатите три години, но кои се твоите соништа и цели за следните три години?
Имам неколку цели кои се однесуваат на она што сакам да го постигнам професионално или академски. Академски, сакам да ги завршам постдипломските студии. Професионално мојата цел е да работам на проекти поврзани со deep learning и да стекнам повеќе знаење околу истото. Ова се цели што се надополнуваат. Возбудливи времиња следат за мене индивидуално, но и за сите нас во Data Masters.