Од каде треба човек да почне, ако треба да си го опише животот? Ако се враќаш наназад, до каде ќе стигнеш? Интересен предизвик е тоа – да стигнеш до првиот спомен. Се сеќавам на звуците од детството, на специфични мириси од храна, на некои глупави шеги со другарите што сè уште ме смеат, на трчање од училница во училница, задачите по математика, обидот да ја совладам логиката на нештата… Без да сум свесен, сите овие нешта ме дефинираат, ме обликуваа и изградија и ми го трасираа патот до моите дваесетти години, период од животот во кој ви се обраќам вам како личност што сега се гради во Data Scientist. Зошто ја одбрав токму оваа форма за да пренесам искуство? Зошто го правам ова?
Да почнам од првото прашање. Има една работа која можам да кажам дека суштински ме дефинира, а тоа е љубовта кон светот на фантазијата вообличен во книги, стрипови и гејминг (поздрав љубители на Skyrim & The Witcher) – кој за мене е еден вид бегство од оваа реалност, каде наоѓам сосема друга реалност во која ме чекаат херои, протагонисти и антагонисти, предизвици, комплетно нови светови и сè уште се немам презаситено од нив. Во сите страници што ги имам прелистано имам омилени ликови, но оние со маска некако ми беа особено блиски до она што сум јас – сакам да направам нешто благородно, но мојот идентитет сакам да го задржам за себе. И затоа оваа форма, затоа дневник под псевдоним. Затоа ваков вид на медиум.
Второто прашање – зошто го правам ова? Затоа што посакувам мене некој вака да ми го приближеше светот на Data Science, во прво лице, опишувајќи ми ги работите што се поминуваат, да ме спреми за она што претстои, да ми даде искрена доза на мислење за тоа како изгледа овој свет, како изгледаат првите чекори. Затоа што знам, на прв поглед може да делува страшно. Имав некои заблуди, признавам, а ги имате и вие веројатно. Тука сум да разбијам некои од нив (и јас сум сепак почетник). А ако патем успеам да мотивирам некого да почне да го учи ова, тогаш тоа ќе биде најдобриот резултат од овој мој Дневник.
А сега на почеток – како стигнав да го учам ова? Ќе одам многу, многу назад кон еден мој драг спомен. Имам осум години, дедо ми ме учи да играм покер (го обожавав ова), но посебен предизвик ми беше да пресметам кој има поголеми шанси да победи. Имав талент и интерес за да согледам веројатност на нешто, тогаш се разбира не ни го гледав како нешто посебно, едноставно го имав како дел од себе. Fast Forward имам 14 години, другар ми редовно ме консултира кои натпревари да ги стави „кец“, „двојка“ или „нерешено“, ГГ или 3+? Не затоа што имав некој посебен инстинкт, туку одев по логика на нештата и сметав веројатности, можеби и му помогнав неколку пати да освои нешто. Во средно неверојатно лесно ми одеше комбинаторика, математиката отсекогаш ми била љубов, но пресвртот се случи кога дојде ред да се запишам на факултет. Тогаш веќе знаев дека имам талент, но не бев сосема сигурен кон што да го насочам и мислев дека вистинскиот избор е програмирањето, затоа спремив документи и станав студент на ФИНКИ и уште во првата година се сретнав со поимот Data Science. Тогаш во глава овој поим го врзував со личност што носи бел мантил и изучува како на најубав начин да се покажат работи на корисници на интернетот?!?
Од оваа гледна точка поим сум немал. Ич не бев заинтересиран за бели мантили и тоа беше тоа, решен бев да си ги учам предметите од факултет. Но, тогаш се запознав со предметот Вештачка интелигенција и имав чест да ме подучува еден од најдобрите професори на ФИНКИ (професоре, едно бескрајно фала од еден анонимен студент на кој му го сменивте животот). Тоа е човекот што мене лично ми помогна да се насочам кон Data Science и да влезам во овој свет. Ова е пример дека добриот совет и насока, може комплетно да ви го сменат животот, а јас се надевам дека ќе можам да го направам истото за некој од вас.
Најпросто речено, јас ОБОЖАВАВ да учам за Вештачка интелигенција, за која погоре споменатиот професор ми посочи дека се користи во Data Science. И колку повеќе читав по форуми и сајтови, толку повеќе препознавав дека тоа е тоа. Тоа е она што сакам да го учам, ете ја мојата љубов за веројатност, ете каде треба да го употребам својот талент. Враќајќи се наназад, многу жалам што порано не се запознав со Data Science, што всушност претставува, за да ја тргнев погрешната слика за „бели мантили“. Се фрлив на учење на оваа наука, учев курс на Udemy, читајќи и написи во кои оваа наука и професија почнаа да ги нарекуваат „најбрзорастечката“ и „најбараната“. И како повеќе читам и учам, во тоа време сфаќам дека бара разбирање од програмирање, од бизнис, од вештачка интелигенција и машинско учење, статистика и логика, (хеј, професијава содржела многу работи што јас ги сакам – какво откровение!) без да знам дека воопшто постои професија која ги спојува сите овие нешта! Еурека 🙂
Јас знам дека Data Science може и всушност, веќе го менува светот. Јас сум сега дел од тим на луѓе кое ме водат низ нештото и учам секој ден. Кога аплицирав за да учам Data Science, не бев сигурен во моето знаење, мислев дека ова е недостижно за мене, но еве ме баш таму каде што треба, сфаќајќи дека ова e возможно затоа што јас одлучив да ги учам тие клучни предмети и курсеви и истото би му го препорачал на секој што си има цел – туркај накај неа, користи прилики кои мислиш дека нема да завршат успешно (секогаш можете да ме земете мене за пример).
Кога почнав да го изчувам ова на Академија, ми се разби и една друга заблуда – имав некоја комплетно погрешна замисла за тоа каков вид на луѓе се оние што работат Data Science, дека се ладни, несоцијални и колку само згрешив (втор пат веќе). Како што тие ме учат мене, така јас можам да ви го пренесам овој свет. И тоа ќе го направам најдобро што умеам во оваа фаза на моето Data Science патешествие, во страници и продолженија кои би сакал да верувам дека ќе ви помогнат на било каков начин.
До следното читање,
Вашиот Red Hood!