Дата Мастерс прави значаен чекор кон позиционирање на португалскиот пазар

data-masters-portugalija

По четири години успешно функционирање и работа на светски проекти, Дата Мастерс прави голем чекор кон проширување на нов пазар. Во изминатиот период компанијата изгради тим кој го смени начинот на кој компаниите во Македонија носат одлуки, вршејќи притоа едукација за важноста на носење одлуки врз база на податоци. После многубројните успеси, компанијата прави проширување, а новата локација е Лисабон, Португалија.

 

Со портфолио кое брои над 60 проекти (домашни и интернационални), тим од над 50 експерти во соодветни полиња, како и најава за реализирање на нови големи проекти, првата македонска консултантска компанија во областа на Data Science, Дата Мастерс, го најавува своето присуство на нова територија преку проекти на кои ќе ја претстави својата експертиза. Овој потег воедно ќе значи и пренесување на знаење од врвни португалски експерти во делот на Advanced Analytics, Machine Learning и Business Intelligence. 

 

„Имав прилика да стекнам образование и значајно искуство во Португалија. Знаејќи ја бизнис климата, воопшто не се ни сомневав дека токму Португалија е најсоодветната локација преку која Дата Мастерс ќе ја започне интернационализацијата со цел освојување на Западна Европа и Обединетото Кралство. Наша цел е да ја покажеме нашата експертиза, но воедно и да стекнеме дополнително знаење преку работата со португалски експерти кои ќе бидат ментори на нашиот тим во Скопје“ – вели Филип Петровски, главен извршен директор на Дата Мастерс.

 

Токму пред две години, Дата Мастерс го направи првиот чекор кон португалскиот пазар стекнувајќи се со клиент од Португалија, но несигурната економска клима која ја наметна COVID влијаеше врз ширењето на компанијата тогаш. После надминувањето на овој предизвик, компанијата смета дека токму 2022 година е идеална за да продолжи таму каде што застана.

 

Дина Саровска, која е првиот член на тимот на Дата Мастерс што веќе две години живее и работи од Лисабон своето искуство го опишува на следниот начин:

 

„Убавината во работата од далечина се крие во флексибилноста. Можноста да работам од сончевиот Лисабон ми овозможува да ја доживеам топлината на Португалија и културата на оваа земја, додека истовремено работам за клиенти од банкарскиот сектор. Ова искуство придонесе за мојот личен и професионален раст“.

 

Атрактивноста на Португалија

Постојат многу придобивки од водењето бизнис во Португалија, а воедно постојат многу факти што го поткрепуваат ова.

Пазарот за Data Science во оваа земја е развиен на многу високо ниво и има многу експерти од ова поле кои на светско ниво придонесуваат со своето знаење и експертиза. Португалија се смета за исклучително напредна земја во која се работи на бројни проекти за други европски земји.

lisbon portugal

Португалија важи и за една од најдобрите земји за nearshoring (Siemens, Google и Bosch имаат свои nearshoring канцеларии во оваа земја). Придобивката да се работи одблиску со клиенти преку повремени средби со нив има значаен придонес за градење меѓусебна соработка и добивање на резултати, нешто што им е многу добро познато на ИТ компаниите. Дата Мастерс веќе има искуство со португалски клиенти, кое го потврдува овој пристап како исклучително ефективен за двете страни.

 

Португалија истовремено се смета за земја со одличен екосистем за стартапи и генерално за ИТ заедницата. Со цел да го поттикне растот, земјата има изградено врвна технолошка инфраструктура која е лесно достапна за користење. Кога на сето ова ќе се додаде прекрасната култура, пријателската средина и опкружување, воопшто не изненадува што бројни ИТ компании отвораат канцеларии токму тука. Уште еден интересен податок врзан за Португалија е што се наоѓа на четвртото место на листата Global Peace Index во 2021.

 

Постојат многу други бројни причини поради кои ИТ компаниите ја бираат Португалија – има флексибилна временска зона и високо стручен кадар кој одлично го говори англискиот јазик, што дополнително ја зголемува нејзината атрактивност.

 

Можност да се работи од Португалија 

centre-lisbon-portugal

Можноста да се работи од Португалија и да се учи од врвни експерти е бенефит за постоечките, но и новите вработени кои ќе станат дел од тимот на Дата Мастерс. Дата Мастерс има изградено компаниска култура која им овозможува на вработените да растат професионално и индивидуално и да учат од најдобрите, а преку овој бенефит тие можат да го сторат тоа од една од најубавите локации во Европа.

 

Сите заинтересирани да дознаат повеќе за компанијата и отворените работни позиции тоа можат да го сторат на следниот линк.