Културата на споделување на знаење е столб на успесите на Data Masters

business-cafe-filip-petrovski

Извршниот директор и еден од ко-основачите на Data Masters, Филип Петровски, беше еден од говорниците на 40-тото издание на Бизнис кафе Македонија. На настанот кој веќе 9-та година овозможува вмрежување и споделување на искуствата на истакнати членови во македонската бизнис заедница, Петровски заедно Никола Бубевски од Native Teams и Ангелина Блажеска од FitKit открија детали за своите бизниси, нивни лични и професионали искуства од кариерата и одговараа на прашања од присутните. 

Со двете животни мота: „работете за да научите, а не да заработите“ и „сè е возможно, а за невозможното треба само малку повеќе време“, Филип Петровски заврши со одговарањето на прашањата на модераторите на панелот, претходно целосно осврнувајќи се на сите аспекти од водењето на Data Masters: почетоците на компанијата, проширувањето во Португалија, важноста за пренесување на знаењата и многу други аспекти од секојдневното работење. 

Филип посочи дека почетоците и првите чекори во поставувањето на основите на Data Masters се директно поврзани со денешното проширување на компанијата на португалскиот пазар.

– Пред почетоците на Data Masters, професионалците во сферата можеа да се избројат на една рака. Нашата цел беше да го едуцираме пазарот, да донесеме знаење и да соработуваме со домашни компании. Пристапот ни е таков, целта ни е топ менаџментот на соработниците да ги прифати нашите идеи, да стекнеме доверба и да добиеме шанса да помогнеме во трансформацијата на клиентите. Секако и да добиеме шанса да го примениме тоа што сме го научиле надвор. Токму затоа и отвораме канцеларија во Лисабон, бидејќи Лисабон ни дал знаење, луѓе во Лисабон ни помогнале да бидеме тоа што сме и сакаме да се прошириме во таа насока – вели Петровски.

Зборуваше и за основните дејности на Data Masters, но и неопходноста домашните компаниите да бидат свесни за важноста на податоците. 

– Понудата на Data Masters е микс помеѓу повеќе работи: консалтинг, академија и едукација. Консалтинг делот се состои од следните работи: што е тоа што нашиот клиент-компанија треба да го направи базирано на потребите, приоритетите и моменталните можности; дизајн и имплементација на решение; и тренинг, менторство и обука на вработените со цел подигнување на свеста и аналитичката зрелост на компанијата. Ако најголемите компании во светот како Amazon, Google и Facebook (Meta) заработуваат милијарди долари базирани на нашето однесување со максимално користење на податоците, ќе дојде денот кога секоја компанија ќе мора да ги користи своите податоци. Златото е внатре во податоците коишто ги поседуваат компаниите – смета тој.

Во делот за прашања и одговори на панелот, Петровски одговори на повеќе различни прашања и се осврна и на академијата како важен момент за развојот на кадри во компанијата. 

– Академијата е за сите коишто се заинтересирани да научат и да се запознаат барем со основите нa Data Science, основните алатки и основните вештини. Соработуваме и со компании, за нив имаме tailor-made пристап. Важно е да се каже дека академијата е пред сè за нас, за да изградиме наши кадри. Во неа предаваат наши колеги, тоа се некогаш искусни консултанти, а некогаш помлади колеги кои имаат 25 и 26 години. Меѓутоа, ги мотивираме сите да го споделат своето знаење, и кога ќе можеме да споделиме нешто упростено за да го разберат другите, само тогаш нештото вистински го познаваме. Воедно, на тој начин градиме и луѓе коишто може да комуницираат со клиент, се подготвени да одговорат на незгодно прашање, да споделат знаење. Така ја градиме и ја дефинираме културата на споделување на знаење внатре во компанијата – нагласува Филип. 

За водењето на компанија со педесетина вработени, Петровски вели дека одговорноста е огромна и дека размислувањето за сите вработени и иднината на компанијата воопшто не е лесно, но секогаш го дава максимумот и го препорачува тоа на сите.

Направете го првиот чекор кон вашата иднина.

Од нашиот блог