„AI е помошна алатка, но нема целосно да ги замени луѓето“

Мартин Василковски интервју

Брзиот напредок на технологијата сосема го промени секојдневието на човекот, начинот на кој се вршат секојдневни задачи, како и бизниси. Дел од таа промена се должи на имплементацијата на вештачката интелигенција, односно машинското учење кои го прават живеењето многу полесно (многу често без воопшто да сме свесни за тоа), а кои во голема мера земаат замав во различни домени. Од автоматизација на процеси до полесна навигација на пат и лични асистенти, зборуваме за мноштво на области во кои AI наоѓа примена и токму на таа тема разговаравме со Мартин Василковски – Data Scientist во Data Masters.

 

Ако направиме еден историски осврт, кога е зародишот на вештачката интелигенција и што всушност е мотивот зад појавувањето на оваа технологија? 

Вештачката интелигенција е еден концепт што се дефинира како интелигенција покажана од машини, наспроти интелигенцијата што ја демонстрираат луѓето и останатите живи организми. Под ова се мисли на креирање на компјутерски програми што би земале разни информации од сè што се случува околу нив и со нивна помош би носеле разумни и рационални одлуки. Првите спомнувања на изразот Вештачка интелигенција (Artificial Intelligence – AI) се случуваат уште во 40-тите години од 20-тиот век. Иако полето набргу потоа имало голем застој и неуспешни обиди за креирање на видлив напредок, во 80-тите години почнува да зема голем замав благодарение на комерцијалниот успех на експертските системи.

Голем број на научно-фантастични книги, стрипови и филмови се можеби најдобар пример и показател за интересот на луѓето за оваа област и нивниот обид да предвидат до каде би можела да оди AI во иднината. Дури и ако малку следите уметност, сигурно ви се познати наслови како што се – „Blade Runner“; „2001: A Space Odyssey“; „I, Robot“; „Minority Report“; „A.I. Artificial Intelligence“…

 

Како машинското учење и неговата примена придонесува во целата оваа приказна?

Додека AI можеме да го сметаме како концепт, Машинското учење (Machine Learning – ML) е полето кое изучува компјутерски алгоритми способни за автоматско подобрување на самите себеси преку анализирање и користење на податоци.

Многу пати Вештачките Невронски Мрежи се поистоветуваат со машинско учење, но реалноста е дека тие се само еден мал дел од целото множество алгоритми кои се способни да се подобруваат себеси преку “искуства” од податоци.

Најважното тука е дека алгоритмите за машинско учење учат од она што ние им го прикажуваме, а ние всушност им даваме примери за тоа што треба да направат во одредени ситуации (пример: ако автомобил се движи право и пред него се појави предмет, тогаш треба да застане). Учејќи стотици, односно илјадници вакви примери, тие се способни да најдат секакви типови на шеми и понатаму сами да одлучуваат во ситуации кои и не се сосема идентични со оние што им биле дадени додека “учеле”.

 

Едно многу основно, а сепак суштинско прашање – зошто ни е неопходна вештачката интелигенција?

Вештачката интелигенција не треба да се гледа како нешто што ќе ги замени луѓето. Напротив, таа треба да се гледа како помошна алатка која ни помага да вршиме секакви задачи поедноставно, поефикасно и подобро. Ние без да знаеме користиме навистина многу уреди и софтвери што навидум „магично“ станале многу подобри со текот на годините, а всушност само употребиле низа алгоритми од машинско учење.

 

Постојано се зборува за тоа колку брзо технологијата напредува, што во пракса се согледува преку начинот на кој ни го олеснува функционирањето. Ако направиме еден краток осврт, што е тоа што вештачката интелигенција го револуционизираше последниве две децении и го сведе на едноставна задача?

Ова е навистина опширно прашање, затоа што во секоја сфера од општеството има илјадници начини на кои се користи и го олеснува секојдневието. Ако некој користи Excel, тогаш како пример би биле автоматизираните менаџирања на податоци во колоните. За некој што игра видео игри, тогаш тоа се сите тие анимирани противници кои за разлика од пред 30 години сега изгледаат како да се управувани од вистински играчи, а не од компјутер. Во автомобилите сега имаме низа компјутерски елементи, од кои дел имаат алгоритми за вештачка интелигенција за активно следење лента, за детекција на пешаци и велосипедисти, и ред други. 

Навистина постојат голем број на примери, што во суштина само укажува дека AI веќе активно се употребува во многу полиња и е нормален дел од нашето функционирање.

 

Кои се најдобрите примери за примена на AI што ги користиме постојано, но толку сме навикнати на нив што можеби веќе не ги забележуваме?

Отсекогаш сум тврдел дека за мене едно од најдобрите откритија во последните 10–тина години е Shazam – апликација која за неколку секунди може да слушне песна и да ни открие која е песната и секакви информации за истата. Но, некои други примери од секојдневието кои вредат да се споменат сигурно се филтри за камера на телефонот (Instagram, Snapchat), апликации за мапи (Google Maps, HereWeGo, Sygic), препознавање на лице (face lock), спам филтери (секој e-mail провајдер има вакви алгоритми), како и веќе препопуларните системи за препораки на Netflix и Spotify.

 

Од потенцијалот на самоуправувачки автомобили до користење на личен асистент како Siri/Alexa, проверка на сообраќај на патиштата, разговор со четбот на сајт. Некои нешта веќе добиваат свое место во секојдневието и тешко дека би можеле сега да се вратиме назад. Од твој аспект која е најголемата придобивка на AI во сегашноста?

Како што спомнав и погоре неколку примери кои ги користиме во секојдневието, ретко кој може да си го замисли секојдневието без Google Maps. Како и свет без спам филтери што би резултирал во e-mail сандаче преполнето до врв со непотребни реклами.

 

Ако е ова во сегашноста, во кој домен AI има најголем потенцијал да го подобри живеењето во иднина? Кој е потенцијалот на оваа технологија?

Најпрво би било медицината. Тоа е нешто за кое сум многу приврзан, затоа што отсекогаш сум бил обожавател на роботика и вештачка интелигенција во медицината, а и ја имав честа да го изработам мојот магистерски труд на роботот за хирургија Da Vinci. Од помош при дијагноза, до помагање на интернисти при бирање на најдобар лек за таа дијагноза, до асистирање на хирурзите при комплексни и долготрајни хируршки зафати. Во блиска иднина, ако и воопшто некогаш, роботите нема да ги заменат лекарите и специјалистите и тоа е факт кој некогаш луѓето го занемаруваат понесени од научно – фантастичните филмови што ги гледаме.

Дополнително и автомобилската индустрија со автономните возила, но веќе речиси сите знаеме кои се Тесла и што сè прават.

 

Имаш ли чувство дека AI е предмет на неразумни предрасуди – тргнувајќи од претпоставка дека роботите ќе збришат работни места, како и дека ќе го дехуманизираат општеството? Кои се всушност опасностите од неразумно користење на AI?

Најпрво, AI учи од примери што ние му ги даваме. Доколку сакаме да кажеме дека AI моделот работи пристрасно, многу пати треба да погледнеме во тоа што сме му дале да учи и да видиме дали сме биле всушност ние пристрастни кога сме му давале примери. Ова го напоменувам затоа што ние секогаш можеме да имаме контрола. Негативни последици може да има доколку некој креира нешто опасно и нема намера да го ограничи. Тоа би било како да се направи автомобил кој нема кочници. Таков автомобил сам по себе има потенцијал да биде корисно превозно средство, но доколку излезе пешак пред автомобилот тој не би можел да запре. Ако мислиме дека AI само по себе директно оди кон наштетување на луѓето, тоа не е реално затоа што ние секогаш ја имаме контролата во рацете, само прашањето е дали тој што го креира има лоши намери.

Во врска со преземањето работни места, секако дека со напредокот на технологиите имало заменување на работната сила со некој тип на машина. Ова се случува од индустриската револуција па до ден денес. AI, како и другите машини за олеснување на задачите, сигурно има процент од овие замени припишани на своето име, но тоа никако не значи дека ќе ги замени луѓето. Напротив, најчесто ќе биде имплементирана како алатка за нивна помош.

 

Светските стандарди се високи споредено со она што се прави кај нас, но во таа насока во кои сектори во Македонија е започната имплементацијата на AI и колку всушност назадуваме на ова поле?

Македонија е навистина назад во многу полиња и нема лесен начин како да се каже ова. Светот е барем декада пред Македонија во однос на ова. Многу административни и производни задачи што во светот веќе од сам старт се извршуваат преку користењето на барем едноставен тип на AI, кај нас во моментов е многу малку веројатно да се замислат.

Добрата работа е што веќе има почетни чекори во овој правец и мислам дека почнуваат да се движат работите во вистинскиот правец. Темпото сигурно треба да е позабрзано, но еве веќе има неколку фирми кои специјализираат во полето, а кон тоа се надоврзува и Националната стратегија за вештачка интелигенција од која дел е и Data Masters.

 

За крај едно предвидување – што очекуваш да се промени во догледно време во секојдневното живеење како резултат на примената на AI?

Промените многу често се мали и неприметливи, а тоа е многу добро. Затоа и викам дека AI е помошна алатка која ни олеснува во секојдневието, а не нè заменува. А во однос на кои промени, мислам и се надевам дека тоа ќе се автономните возила. Многу производители веќе имплементираат упростени верзии на автономни возила што стануваат сè попристапни. Ова го кажувам повеќе од аспект на подобрување на сигурноста во возењето, односно вештачката интелигенција како коректив на возачот, а не од една многу честа перцепција дека автономниот автомобил треба да ја преземе комплетната одговорност наместо возачот.

Пример, доколку возиме долг пат и автомобилот нè опомени дека долго возиме или често излегуваме од лента, сигурно ќе внесе поголема сигурност на патиштата. А автомобилите веќе се способни за следење на многу повеќе работи од една лента.

Од нашиот блог