Приказната на Data Masters добива интернационална димензија

pr-cover

Data Masters е консултантска IT компанија со 100% македонски капитал, чија приказна започна со желбата на нашите основачи да инвестираат во својата земја и да тргнат во едуцирање на пазарот и ширење на data science секторот во Македонија. Денес гордо можеме да се пофалиме со многу реализирани планови и успешна мисија која полни четири години.

Четирите години постоење говорат за многу исполнети цели, комплексни проекти и значаен раст на сите полиња. Годишнината ја славиме со рекорден број на вработени (тим од 50+ колеги), 60+ проекти (домашни и странски) и 400+ студенти на Data Masters Академијата, како и најава за ширење на интернационално ниво.

Зборувајќи за почетоците, еден од нашите ко-основачи и извршен директор Филип Петровски посочува дека компанијата успешно ги надмина сите предизвици за време на иницијалниот шок од пандемијата на Ковид-19 и дека токму овие моменти на неизвесност ѝ помогнаа на компанијата да се издигне на едно повисоко ниво.

– Првичниот шок од Ковид-19 пандемијата силно го почувствувавме, бидејќи се стопираа многу проекти, но успеавме да се реорганизираме и комплетно да ја промениме базата на клиенти. Целта беше да го задржиме тимот, што успешно го направивме. Првиот чекор од визијата при основањето на Data Masters беше да бидеме најголемата компанија по бројност и проекти во Македонија од областа на Data Science и можам да кажам дека таа цел е исполнета – вели Петровски.

 


Уште од самиот почеток си поставивме големи цели. Меѓу нив се вбројуваат подигнување на свесноста за податоците во Македонија како и градење партнерства со локални компании кои се маркет-лидери во различни индустрии за имплементација на cutting-edge решенија од областа на бизнис интелигенцијата и машинското учење. Со Академијата и локалните партнерства успеавме да овозможиме и понудиме врвно знаење кај поединците и компаниите и трансфер на тоа знаење на интернационални проекти, како и градење на кадри кои можат да се носат рамо до рамо со конкуренцијата и да поставуваат трендови.

За константниот напредок на Data Masters зборувавме и со Мартина Наумовска, партнер и првиот Machine Learning експерт во Data Masters која со своето враќање од Португалија во Македонија, отвори една нова приказна во компанијата. Таа истакнува дека сѐ е започнато со заедничката визија да се создаде сектор кој ќе работи на интересни проекти и нови технологии кои ќе го трасираат патот за новите генерации.

– Во последните 3 ипол години Machine Learning делот во Data Masters не само што напредна технички, туку и во самиот оддел започнавме да развиваме знаења и кадри во делот на MLOps и Data Engineering. Морам да кажам дека прогресот на овој сектор се должи само и исклучиво на макотрпната работа на колегите и довербата на клиентите и соработниците. Горда сум да кажам дека тимот со кој што стартуваше овој оддел до денес заеднички се бори да биде подобар и во чекор со најновите технолошки збиднувања – констатира Наумовска.

Иновативниот пристап на Data Masters штo претставува комбинација на консалтинг, имплементација и едукација со огромен фокус не само на техничкиот, туку и на бизнис делот преку работа во конкретни домени, овозможува огромен бенефит за клиентите во и надвор од Македонија. Од една страна тие добиваат врвни решенија скроени за нивните потреби, додека од друга страна преку едукативниот пристап ги оспособуваме да изградат интерни кадри за да можат детално да го разберат решението и да бидат витален дел во понатамошната дигитална трансформација на компанијата. Методологијата на работа, како наш главен продукт, ни овозможи конкурентна предност и ги отвори вратите за работа со врвни клиенти, а особено ни е драго што токму во овој период Data Masters прави сериозни чекори кон експанзија во Западна Европа, со прв чекор во Португалија.

Со ко-основачот и директорот на одделот за продажба во Data Masters, Дарко Велков, зборувавме за тоа кој е најголемиот диференцијатор што ја прави Data Masters уникатен играч на пазарот и ѝ дава конкурентна предност.

– Во контактите со странските соработници сме забележале дека нашата мотивација е многу препознатлива. Често пати ни посочуваат дека постои огромна енергетска разлика во начинот на кој ние посакуваме сериозно големи успеси. Уште една наша предност е тоа што сме флексибилни и прилагодливи кон нашите клиенти и соработуваме на начини на коишто секогаш доведуваат до решение. Тоа е реткост во односот помеѓу две правни лица – издвојува Велков.

И целиот менаџмент-тим е согласен дека не застануваме тука. Целите што ги остваривме во изминатите четири години нè мотивираа да поставиме уште поголеми. Меѓу нив, најголемата е да ја позиционираме Македонија како извор на врвни таленти од областа на Data Science, а воедно и да донесеме интернационално знаење и искуство од португалски експерти во областа кои ќе бидат идни ментори на тимот што го градиме во Македонија.

– Најголемиот успех на Data Masters се луѓето и тимот којшто ја води компанијата напред. Успеавме да дојдеме до момент кога речиси сите знаат што е Data Science и вештачка интелигенција. Компаниите се интересираат како овие дисциплини можат да им помогнат во секојдневното работење, а многу луѓе со аналитички капацитет имаат интерес да навлезат во ова поле, што беше вистинска реткост во 2018 година кога започнувавме со работа – завршува Петровски.

 

Направете го првиот чекор кон вашата иднина.

Од нашиот блог