Сотаро Като е најновиот член во практикантската програма на Data Masters, која овозможува врвно образование и искуство за студенти на додипломски и постдипломски студии. Како личност која живее и учи во Токио, може слободно да се рече дека Сотаро има поминато навистина долг пат за да стане дел од двомесечната практикантска програма на Data Masters која се реализира во соработка со IAESTE Macedonia. Како дополнителен бенефит од праксата, тој периодов учи за македонската култура и јазикот, затоа што како што вели и самиот, сака да ги промовира Data Masters и земјата на неговите пријатели, затоа што веќе има извонредно искуство од нив.
Прочитајте го интервјуто во кое Сотаро зборува на повеќе различни теми, почнувајќи од мотивацијата да дојде во Скопје, зошто одбрал да студира компјутерска визија и неговите впечатоци од Македонија.
Здраво Сотаро и топло добредојде во дата домот на Дата Мастерс и во нашата земја!
Здраво! Во Македонија сум веќе неколку недели во кои согледав дека се работи за пријателски настроена земја. Вистинско задоволство е со вас да ги споделам моите мисли како за земјата, така и за Data Masters. Ви благодарам на можноста да го изразам моето мислење и искуство стекнати досега.
Во моментов студираш компјутерска визија на универзитетот KEIO. Што те мотивираше да ги одбереш токму овие студии и што те привлече кон полето на Data Science?
Почнав да учам компјутерски науки затоа што сакав да користам врвна технологија за да создавам работи. Откако можам да се сетам, отсекогаш сум сакал да создавам работи, да правам модели од пластика, како и куќички од LEGO.
Уште од средно, преку мобилниот уред користам софтвер што ми помага во приватниот живот и постепено одлучив дека сакам да создавам работи користејќи програмирање.
Мојата мотивација за изучувањето на Data Science се должеше на тоа што сакав да изградам нешто што ќе има голема функционалност. Технологиите кои користат Data Science во денешно време се на дофат на рака. На пример, постојат системи кои автоматски тргуваат со хартии од вредност, мобилните препознаваат лица, а воедно има и системи за препорака кога пребарувате на интернет. Во моментов учам како се користат овие технологии.
Потенцираш дека финансиите се доменот во кој сакаш да работиш и создаваш. Што е она што сакаш да го постигнеш во ова поле?
Да, би сакал да применам Data Science во делот на системи за тргување со хартии за вредност. Сметам дека финансиите имаат голем потенцијал за аплицирање на Data Science, особено во делот на хартии од вредност каде што многу често се користат бројки.
Во Јапонија, паричниот тек при тргувањето со хартии од вредност не е најдобро искористен, иако, на пример, берзата во Токио е трета во светот по пазарна капитализација. Ова се должи на староста на системот и неговата нефлексибилност.
Последниве години, можноста за користење различни видови на податоци се зголеми благодарение на подобрениот перформанс на серверите. Сепак, берзите за хартии од вредност посветуваат премногу време на тоа да спречат пад на системот, а сепак недоволно време се посветува на користење на big data. Затоа и одлучив да ја фокусирам својата работа во делот на финансии и data science, за да создадам нешто што ќе има влијание, а кое воедно ќе придонесе за општеството.
Зошто одлучи да дојдеш токму во Македонија и да станеш дел од практикантската програма на Data Masters?
Ја одбрав оваа компанија поради атрактивноста на нејзиниот бизнис. Вистината е дека имаше и други опции за пракса. На пример, една од опциите беше компанија која работи на проекти во делот на здравство, а воедно имаше и една друга која работи со хардвер.
Иако имаше различни опции, јас ја одбрав токму Data Masters. Оваа компанија има способности во делот на финансии и data science слични на моите, односно го има токму она што ми е потребно, така што мислам дека одлично ми одговара.
Освен ова, Инстаграм профилот на компанијата ми помогна да согледам каков вид на луѓе работат тука и каква е работната атмосфера.
Какви се првите впечатоци за нашата земја и за Data Masters?
На почетокот, имав впечаток дека луѓето ме забележуваат во толпата. Можеби, бидејќи сум меѓу ретките Азијци тука, се случува случајни минувачи да ме загледаат кога пешачам низ Скопје. Сепак, кога почнав да разговарам со нив, сфатив дека луѓето се многу љубезни. Моите импресии се дека Македонија е прекрасна земја.
Вработените во Data Masters се многу пријателски настроени уште од самиот почеток и на мене оставија одличен прв впечаток (морам да потенцирам дека во Јапонија не користиме ракување и прегратки за поздравување, така што тоа претставуваше еден вид на културен шок за мене:) ).
Ми се допаѓа тоа што вработените одлично се согласуваат и мислам дека е идеално место за учење и работа и тоа во релаксирана средина во која е јасно одреден почеток и крај на работата.
За време на праксата ќе работиш со менторот Павел Андоновиќ и тоа на креирање random forest model за предвидување time series. Те молиме кажи ни повеќе околу задачата и очекуваниот резултат од истата.
Целта на задачата е да се креира ML модел за time series податоци кој е лесно објаснив и воедно лесно се тренира. LSTM, RNN и останатите невронски мрежи се доста прецизни, но одземаат премногу време за тренирање, поради што и не може да се употребат конкретно за овој проект.
Јас поконкретно работам на зголемување на прецизноста на моделот преку анализа на тоа колку примероци се купени во една продавница во еден ден.
Оттаму, се трудиме да ја предвидиме побарувачката за производите во секоја продавница преку користење на ML модел наречен RandomForestRegressor кој не одзема премногу време. Крајна цел е да се подобри прецизноста на предвидувањето и да се пронајдат варијаблите кои се од важност при предвидување на побарувачка.
Која беше реакцијата на твоето семејство кога им кажа дека ќе одиш во Македонија на двомесечна пракса?
Моето семејство беше изненадено. Нивното прашање беше – „Зошто одиш токму во Македонија?“ и морав мојата одлука да им ја објаснам на сите. Едноставно, беа загрижени за мене, а една од причините за нивната грижа е ситуацијата со Украина и Русија. Беше доста тешко да ги убедам да дојдам.
Кои се твоите очекувања од праксата?
Се надевам дека праксата ќе ми овозможи да почувствувам што значи да работам во странска земја и дека ќе ми помогне да совладам корисен материјал за мојата идна кариера. Во Јапонија живеам 24 години, но никогаш досега не сум патувал надвор од неа. Отсекогаш сакав да патувам во странство и воедно во иднина сакам да работам и во друга земја покрај Јапонија. Сакам да ја искористам праксата како отскочна даска која ќе ми помогне да донесам цврста одлука за мојата кариера.
Исто така, се надевам дека преку праксата во data science компанија ќе можам да ги подобрам моите вештини, како и да придонесам за компанијата.
Велиш дека има голема разлика помеѓу јапонската и македонската култура и дека има убавина во таа разлика. Дали би можел да потенцираш дел од разликите и како ти ги доживуваш?
Најголемата разлика помеѓу јапонската и македонската култура е релаксираниот пристап во живеењето. Голем дел од Јапонците, особено оние кои живеат во Токио, немаат релаксиран ум. Ова се должи на нивниот став дека има убавина во тоа да се работи долги часови. Благодарение на овој став, возовите не доцнат ни минута, а маалските продавници кои работат по 24 часа може да се најдат насекаде. Генерално ова е добро, но за мене лично некогаш е истоштувачки.
Македонија спротивно на ова има послободна атмосфера. Луѓето овде му даваат вредност на приватниот живот. Се релаксираат во кафулиња, а колегите играат видеоигри за време на пауза. Овој пристап е незамислив во Јапонија. Ми се чини дека дури и животните се поспокојни тука споредено со Јапонија. Мене ми се допаѓа таквата атмосфера.
Какви се твоите соништа за иднината? Како замислуваш дека ќе се движи твојата кариера и кои се следните чекори по тоа прашање?
Мојот сон за иднината е да воведам AI технологија во позадинските системи на јапонските компании за хартии од вредност. Следната година ќе работам за јапонска IT компанија (откако ќе ги завршам магистерските студии) каде би сакал да применам сè што знам и да научам уште повеќе. Во компанијата планирам да работам 10 години при што би сакал да ги развијам моите софтверски вештини, како и оние за проект менаџмент. Потоа, сакам да направам промена во кариера како data scientist кој поседува искуство во големи проекти во делот на развивање софтвер.
Верувам дека моето практикантство искуство во Data Masters преку соработката со IAESTE ќе биде корисно за да го постигнам сето ова и се надевам дека во иднина ќе имам прилика да работам со Data Masters во доменот на финансии.