„Времето е безмилосно, ако не се надградувате. Mора да учите нешто ново постојано“, вели Небојша Антиќ за време на нашето интервју. Неговата приказна е во најмала рака инспиративна и мотивирачка – накратко имавме чест да разговараме со личност која изминативе две години интензивно го има надградено своето знаење, а сепак наоѓа време за семејството за кое вели дека му е приоритет број еден, чита литература, го одржува физичкото здравје, посветено ја врши својата работа како референт во секторот за проблематични пласмани во УНИБанка АД Скопје и паралелно ја посетува обуката Data Analytics in Finance.
Своето високо образование го имате комплетирано на Економскиот факултет во Скопје. Што е она што ве привлече кон економските науки и дали кариерата што ја имате изградено ја имавте замислено уште во тој ран период?
Интересот за економската наука и процесите кои ја движат економијата, беше одлучувачка во изборот да се запишам на Економскиот факултет при УКИМ. Економијата беше основата за мојата визија имајќи ги во предвид тогашните околности, но отсекогаш ме интересирале и информационите технологии. Би рекол дека кариерата на секоја индивидуа постојано се гради преку формалното и неформалното образование, секојдневно напредуваме и се надоградуваме. Моето образование не заврши со Економскиот факултет – јас всушност го надградувам постојано, од таму и мојата желба да ја посетувам обуката Data Analytics in Finance. Затоа би рекол дека нештата кај мене се споија – новото време ги бара овие нешта, спојот на доменското знаење со нови алатки што го прават работењето поефикасно.
Колку банкарскиот сектор се промени од моментот кога вие станавте дел од него до овој момент? Дали се забрза процесот на автоматизација во делот на работа со податоци?
Како и целото општество, банкарскиот сектор секојдневно се менува. Сè повеќе се автоматизираат процесите и се олеснува пристапот до сите банкарски продукти. Како пример, нешта кои сега се достапни дигитално (како што се онлајн плаќања) некогаш не постоеја. Ова секако ја олеснува работата за банките и за клиентите, но носи и нови предизвици од типот како сето тоа да се одржува и оптимизира на најдобар начин. Процесот на промени е особено забрзан последните неколку години. Како резултат на ова потребата од постојана надоградба преку обуки и семинари станува сè позначајна.
Веќе 15 години години сте дел од тимот на УНИБанка на неколку различни позиции од кои последниве 10 години сте дел од секторот за проблематични пласмани. Што всушност подразбира работата во овој сектор?
Работата во секторот опфаќа анализа на клиентите, постојано следење и анализа на процесите и стратегиите на наплатата, класификација на изложеностите и изнаоѓање на најсоодветни решенија. Самата проблематика бара прибирање, систематизација и анализа на добиените информации и изготвување извештаи. При контактот и комуникација со клиентите, неопходно е и знаeње од меките вештини кои се многу значајни. Доброто менаџирање со времето, посветеноста, тимската работа и автоматизацијата на процесите е неопходна.
Пандемијата како што велите е настан од единствен тип за светот и поттикна креирање на нови услуги за клиентите во банките. Во таа насока, што е она што беше можеби незамисливо пред неколку години, а денеска е секојдневие?
Глобализацијата, дигитализацијата се клучни, но особено COVID пандемијата изминативе години доведе до менување на вообичаениот начин на извршување на секојдневните обврски, поголема употреба на мобилното и интернет банкарство и менување на навиките на клиентите од сите возрасни групи. На еден начин го забрза прилагодувањето кон модерните банкарски текови.
Велите дека е важно да се прикаже приказната што ја раскажуваат податоците. Кои се алатките кои најмногу придонесуваат да се преточи податокот во јасна приказна?
Отсекогаш ме привлекувало барањето на обрасци во податоците. Во таа насока би ја истакнал алатката Power BI која е збирка на софтверски сервиси, апликации и конектори кои овозможуваат лесно да се поврзете со вашите извори на податоци, да визуелизирате и да откриете што е важно како и да го споделите тоа. Немојте едноставно да ги прикажувате вашите податоци – раскажете приказна со нив! – вели авторката Cole Nussbaumer Knaflic во книгата Storytelling with Data.
На тема алатки што се користат во банкарството, колку пак тие се променија во изминативе 15 години?
Растот во целокупната ИТ индустрија, доведува до подобрување на сите алатки кои се користат во банкарското работење и работата во целокупниот финансиски сектор. Нешто што беше невозможно да го направите пред неколку години сега претставува автоматизиран процес. Дури и Екселот е напреднат во поглед на можностите што ги нуди. Сосема природно е појавувањето на нови алатки и нивната помасовна употреба затоа што крајната цел е сите податоци кои сега се во огромен број да може да се обработат и да се претстават јасно за врз нив да се донесе одлука.
Посочувате дека изминативе две години особено сте се посветиле на изучување на алатки во делот со работа со податоци. Со какво предзнаење се запишавте на обуката Data Analytics in Finance и дали можеби имате омилена алатка која особено сакате да ја усовршите?
Изминатиов период се посветив на изучување на повеќе области од front-end и back-end програмирањето и Data Science. Од особено значење е предзнаењето кое го имам стекнато за алатките во делот на работа со податоци (SQL, Python, Pоwer BI) кои ми ја олеснуваат работата со case studies од обуката. Усовршувањето на сите три алатки е неопходно да се биде добар аналитичар. Би го издвоил програмирањето во Python кое ми претставува најголем предизвик.
Од досегашниот впечаток – во кои делови ја гледате практичната примена во вашата работа на она што го изучувате во рамки на обуката?
Тимот на Data Masters на јасен и едноставен начин ги пренесува знаењата и ми помага да го надоградам знаењето кое го поседувам. Работата на case studies од областа во која работам ми претставува дополнителен предизвик. Практичната примена ја гледам во дополнителната автоматизација на работните процеси, нивното поедноставување и изнаоѓање на нови решенија, со што вниманието би било насочено кон нивна оптимизација и забрзување на извршувањето. Знаењата од овие области ќе ми помогнат за поголема креативност во новите предизвици на работното место.
Бидејќи сте личност која покрај преку обуки, своето знаење го надградува и преку стручна литература, дали би можеле да посочите неколку автори и книги како препорака за сите оние кои сакаат да се надградат во делот со податоци?
На сите кои сакаат дополнително да се надградат би им ги препорачал книгите: The Definitive Guide to DAX и DAX Patterns од авторите Alberto Ferrari и Marco Russo кои се експерти во областа на обработката и оптимизацијата на податоците и PowerBI.
Сведоци сме на интензивирање на дигиталната трансформација во сите сфери од бизнисот, меѓу кои секако и банкарството. Како мислите дека ќе изгледа банкарството во иднина како резултат на новите алатки, општествени и економски промени?
Банките во иднина ќе треба да ги прифатат технологиите во развој, да останат флексибилни за усвојување деловни модели кои се развиваат и да ги стават клиентите во центарот на секоја стратегија. Имплементацијата на Data Science според мене ќе претставува неопходност.