Пренесувањето на знаење е една од клучните компоненти во пристапот на компанијата Data Masters што се негува како внатрешно помеѓу вработените, така и надворешно кон поединци и компании кои сакаат да стекнат знаење во делот на data science. Токму ова е главниот мотив за креирање на Академијата Data Masters која досега има едуцирано над 350 студенти како преку индивидуални обуки, така и преку едуцирање на компании.
Овој пристап што придонесе да се подигне свеста и знаењето во Македонија во делот на податоци сега добива нов изглед, односно Академијата ќе започне со едуцирање во специфични полиња преку практични примери. Програмите за идните обуки ќе опфаќаат учење преку case studies кои биле обработени во рамки на проектите на компанијата Data Masters.
За новиот пристап на Академијата разговаравме со ко-основачот на Академијата и раководителка на одделот за Data Science во Data Masters, Мартина Наумовска и координаторката на Академијата, Елена Трајкоска.
Ако погледнеме низ овие три години, што успеа да постигне Академијата од основањето до овој момент?
Мартина: Ако погледнам наназад, премногу сум горда на успесите со кои може да се пофали Академијата. Во последните 3 години имаме зад себе повеќе од 350 студенти кои успешно ги завршија нашите обуки. На голем процент од нив им помогнавме да ги почнат првите чекори во светот на Data Science & Advanced Analytics и успешно да ја променат својата кариерна патека, имавме повеќе од 10 гости предавачи од целиот свет кои го споделија своето искуство во областа и најважно секојдневно работиме на градење на заедница и кадар во Македонија во област која што допрва ќе го види својот раст.
Доколку се навратам на самиот почеток, Академијата беше визија која што заедно со основачот на Data Masters ја разговаравме уште во 2017. Во почетокот на 2019 година, во Македонија не постоеше пазар кој имаше знаење во доменот на Data Science и Advanced Analytics. По враќањето од Португалија, со целата страст и желба да го основам првиот Data Science консултански оддел во нашата држава, се соочив со недостаток на кадар како и со компании во Македонија кои што не беа обучени за потребата за обработка на податоци и креирање на предиктивни модели.
Што сметате дека одигра клучна улога во успехот на Академијата? И што беше најголемиот предизвик за да се постигне тоа?
Мартина: Клучот на успехот на оваа Академија можам да го препишам на неуморната посветеност на моите колеги од Data Masters кои што и после нивните дневни обврски работејќи со клиенти и на различен тип на проекти, посветуваа време во градење на еден нов вид на програма, вежби и пренесување на знаење на студентите на Академијата. Тоа што можам да кажам дека сè уште нè издвојува од нашата конкуренција е фактот дека низ сите предавања, сите колеги се трудиме на слушателите да им дадеме дел од нашето секојдневие, споделуваме проблеми со кои што се соочуваме на реални проекти и неуморно ги пренесуваме грешките со кои можеби ќе се сретнат во нивната понатамошна работа. Како што најчесто и кажуваме “we are consultants by day and teachers by night” и тоа е нашиот клучен успех во тоа што го градиме секојдневно.
Елена: Клучна улога според мене е тоа што точно знаеме да ги препознаеме потребите на пазарот и да ги пресликаме во програма. Воедно, кон успехот придонесува и грижата за потенцијалните и постоечките студенти. Последен новитет што го воведовме во таа насока е бесплатниот кариерен ментор за финансии што е специјално наменет за луѓе кои работат со податоци во банки, осигурителни компании, ревизорски куќи и слично, а потребен им е кариерен совет за надградба на знаењето.
За успехот придонесува и тоа што нашите програми се наменети како за B2C, така и за B2B, односно нашиот пристап е насочен и кон индивидуалецот, но и кон организациите. Предизвикот за да се постигне тоа беше главно во адресирање и препознавање на потребата од доедукација од страна на пазарот. Но, мислам дека тоа е веќе надминато.
Неформалното образование е во голем процент присутно во дообучувањето, како и кариерените промени на кадрите во Македонија. Како вие гледате на придонесот што го има Data Masters Academy во овој дел?
Елена: Формалното образование дава основа, но неопходно е таа да се прошири и надгради. Како прва верификувана Data Science Академија во Македонија навремено ја препознавме потребата од доедукација и веќе имаме над 350 студенти што се имаат доедуцирано преку Академии и обуки. Не само што ги препознаваме трендовите, туку и ги обликуваме. Тоа се должи на нашето искуство, но и слухот кон она што му е потребно на пазарот на труд денес.
Потенцијалот што го има Data Science долго време беше неискористен, но старите алатки веќе се заменуваат со нови и поефикасни. Тоа е неопходност. Количеството на податоци расте во речиси сите сегменти на бизнисот, а тоа е факт што не смее да се занемари, посебно зашто го отвора прашањето – како се обработуваат во конкретен бизнис и како да се искористат?
Академијата од оваа година започнува нов пристап што ќе биде фокусиран кон обуки што ќе нудат знаење во специјализирани области. Што е главниот мотив за овој пристап и на кој начин се разликува од она што беше правено досега?
Елена: Почнуваме ново поглавје во едукацијата со податоци, а постојат два мотива зад оваа одлука – првиот е што ја препознавме потребата за ваков вид на обуки. Постои интерес и ако досега одевме кон една да речеме општа едукација, сега ќе понудиме обуки за конкретни домени, а првата од нив е финансии. Вториот мотив е што Data Masters работи во конкретни домени и сакаме да придонесеме кон развој на тие домени во Македонија, но воедно и да привлечеме квалитетни кадри кои би ни станале колеги.
Досега имавме различни дата сетови преку кои се пренесуваа програмите, но сега ќе користиме дата сет и конкретни case studies од нашата работа од конкретен домен што ќе се пресликаат преку програма. Првата обука за која уписите се во тек, Data Analytics in Finance содржи детален опис на модулите (SQL, Python, Power BI), но и опис на еден case study што ќе се изучува.
Мартина: Главниот мотив за специјализирана едукација беше искуството кое што го видовме во последните години. Еден од важните фактори да се биде data scientist е познавањето на доменот во кој што се прави едно решение. Со таа цел сакавме на нашите идни слушатели да им помогнеме да стигнат побрзо до целта и промена во кариерата со што ќе го изучуваат само математичкиот и техничкиот дел од науката додека бизнис делот нема да им претставува проблем и новина. Со овој нов начин на креирање на програма за Академија, сакаме да ја скршиме стигмата дека Data Scientists можат да бидат само технички лица, туку дека најдобрите Data Scientists се оние студенти кои имаат долгогодишно бизнис искуство и разбирање од една област.
На што се должи одлуката да се направи оваа промена токму сега и кому би ги препорачале новите обуки што ќе произлезат од овој пристап?
Елена: Одлуката се должи на тоа што сметаме дека пазарот е веќе зрел за да го надгради знаењето во специфични домени. Досега едуциравме преку општа програма, што имаше одличен резултат, но свесни сме дека овие кадри функционираат во специфични домени и се соочуваат со конкретна проблематика. Паралелно со ова, во рамки на нашата компанија ние работиме на проекти токму во специфични домени, а еден од нив дефинитивно е финансии.
Секоја банка, осигурителна компанија, фонд, ревизорски куќи се стремат кон ефикасно користење на податоците и токму на оние кои работат во овие сектори би им ја препорачала обуката, посебно доколку сакаат да го надградат знаењето или пак да променат кариера. Во суштина, преку обуката Data Analytics in Finance и останатите што ќе следат сакавме да креираме обука со дата сет близок до податоците во овие домени за вработените во оваа област веднаш да можат да го применат стекнатото знаење.
Новите обуки на еден начин го обединуваат пристапот во делот на едукација за компании, со пристапот во едукација на индивидуи. Што значи всушност да се создаде еден Data Master?
Мартина: Да се создаде еден Data Master значи да се сакаат податоците и да се разбира нивната вредност, да се познава бизнисот во коj се гради едно решение и да се биде во тренд со најновите технологии и алгоритми во областа. Најважната формула за успех од нашето досегашно искуство е да се има голема посветеност и упорност, со цел да се стекне консултанскиот mindset.
Изучувањето на наставните програми во Академијата ќе се врши преку следење на практични примери во конкретни области зависно од типот на обуката. Што ќе биде застапено во програмите и од каде идејата да се пренесе знаењето преку ваков пристап?
Мартина: Како што споменав, идејата позади дедицирана Академија наменета за одреден сектор е со цел слушателите да бидат веќе запознаени со податоците и проблемите кои што ќе се опфаќаат. Во примерот на Data Analytics in Finance, низ целата обука ќе се обработуваат финансиски податоци слични на тие кои што се обработуваат во банкарскиот, финансискиот и осигурителниот сектор. Врз тие податоци ќе ги изучуваме најновите алатки за data аналитика и визуелизација со цел техничкото знаење да им биде поблиско и поинтересно на слушателите.
Елена: Oбуките ги креираме околу нашите слушатели, а нив веќе можеме да ги поделиме во неколку групи согласно од областа од која доаѓаат. Сите тие работат со податоци, но истите ги анализираат во алатка како Ексел. И додека тоа беше можеби доволно пред 10 години, сега за најбрзо да се извлече најдобриот сентимент од тие податоци на достап им се технологии и алатки како Python, SQL, Power BI со кои секојдневната работа станува многу побрза и полесна.
Кон ова се надоврзува и бесплатниот кариерен ментор чија намена е да ги насочи заинтересираните кон едукацијата што им е потребна. Каков е интересот за кариерниот ментор досега и како се вклопува во новиот пристап на Академијата?
Мартина: Целта на кариерниот ментор како и досега е кариерно насочување на секој што сака да промени насока во својата кариера или сака да напредува на своето работно место во делот на Data Science и Advanced Data Analytics. Можам да кажам дека досега бесплатниот кариерен ментор вроди со многу плод за оние кои што го посетија и како што кажуваат сите апликанти, нашата насока ги поттикнала да ги направат првите чекори за почеток на кариера во делот на обработка на податоци.
Какви се вашите очекувања за следниот период во поглед на целите што Академијата сака да ги постигне со новиот пристап?
Елена: Верувам дека ќе постигнеме уште поголемо ниво на едукација во конкретни домени, токму благодарение на фактот што ќе ја пренесеме нашата експертиза која ќе биде пренесена од нашите вработени кои предаваат на Академијата. Подигнувањето на знаењето во овие домени ќе има бенефит за организациите и индивидуите и сигурно ќе повлече промени кон модернизирање на алатките со кои се обработуваат податоците. Целта е да создадеме кадри што можат да одговорат на новите потреби, но воедно и да привлечеме кадри кои зависно од успехот што ќе го постигнат на обуките би ни станале и колеги.
За крај, ваш совет за оние кои размислуваат за едукација во делот со податоци и што може да очекуваат од Академијата на Data Masters.
Елена: Потребата за доедукација веќе постои, многу показатели говорат за тоа. Едноставно сега има преголем обем на податоци, што не може да се обработат со алатки како Ексел. Би рекла дека надградбата е неопходност и не треба да се одложува, зашто времето на промени и подобрување е сега. Она што студентите може да го очекуваат од нас е максимална посветеност да се пренесе програмата на највисоко ниво од предавачи кои работат на реални проекти во рамките на Data Masters. Во рамки на обуката Data Analytics in Finance како новитет имаме воведено и техничка работилница која ќе послужи уште подобро да се доближи материјалот што ќе се изучува.
Мартина: Од искуството досега, сите оние кои што решиле да направат промена во нивните животи и кариера не се покајале. Инвестицијата во себе и во својата иднина е најдобриот подарок што секој од нас може да си го даде, а ние како Data Masters сме спремни несебично да го пренесеме своето знаење и да ги водиме студентите до остварување на сопствените цели.