Како вештачката интелигенција ќе влијае на менаџирањето на работната сила?

ai-workforce

Вештачката интелигенција наоѓа примена во различни сфери, за што може да се посочат и голем број на примери, но добар дел од нив веќе се толку добро вклопени во секојдневието што не ги ни забележуваме. За ова може да посочиме повеќе домени од живеењето и работата, а еден од домените каде што допрва со поголемо темпо ќе се имплементираат AI новитети со цел поефикасно работење е менаџирањето со работната сила во една компанија. 

Големата слика е компаниите во иднина да може да инкорпорираат вештачка интелигенција која ќе автоматизира процеси, ќе умее да идентификува шаблони и притоа да помогне да се направи планирање што ќе го олесни менаџирањето на вработените и нивните потреби. Предизвикот со кој се соочуваат компаниите со голем број на вработени е тоа што човекот во најголем дел не може да ги препознае шаблоните во компанијата, што влијае на погрешно планирање и не се обрнува доволно внимание на индивидуалните потреби на вработените. Од тој аспект имплементацијата на вештачката интелигенција има две значајни придобивки: помага за правилно менаџирање со ресурсите и грижа за потребите на вработените (што секако влијае на нивното задоволство и желбата да останат на конкретно работно место). 

ai

Виртуелни асистенти

На ниво на индивидуален потрошувач, токму виртуелните асистенти се можеби најдобар пример за тоа како сме ја прифатиле вештачката интелигенција како дел од секојдневието. Она што на индивидуално ниво го можат Siri и Alexa, во иднина би можело да се постигне за софтверите во компаниите во кои би бил инкорпориран виртуелен асистент што ќе го олесни планирањето. Овој вид на виртуелни асистенти би користеле компаниски историски податоци и предвидувања, а потоа врз основа на барањата на корисникот (оддел за човечки ресурски, проектен менаџер итн…) би спровеле конкретна акција. 

 

Ова би функционирало на следниов начин:

-> Потребно е да испланирате луѓе за одреден проект кој ќе опфати X време.

За таа цел ќе побарате од виртуелниот асистент да ви сугерира колку слободни денови и отсуства во просек се трошат во вашата компанија во периодот во кој се одвива проектот за да можете да алоцирате луѓе, да испланирате средства и временски период на реализација. Виртуелниот асистент, знаејќи ги шаблоните на боледувања, одмори и ефикасност на работно место на сите вработени би ви го одредил времето кое што ви е потребно во планирањето.

Исто така, виртуелните асистенти може да му ја олеснат работата на одделот за човечки ресурси така што на вработените ќе им одговараат на прашања околу нивните бенефити во компанијата како што се на пример информации за видот на здравствено осигурување што им следува, број на слободни денови и слично со што ќе се намали мануелната работа на овој оддел.

 

Автоматизација на работни задачи

Постојат задачи кои се повторуваат во работењето, одземаат многу време и со сигурност не се патот до ефикасно работење. Но, што ако постои систем кој може да идентификува шаблон на задачи што се повторуваат и притоа може да сугерира решение со кое би се автоматизирале? 

Во 2018 година, McKinsey објави дека речиси сите работни позиции ќе бидат погодени од автоматизацијата, меѓутоа само 5% од професиите можат да бидат автоматизирани во целост – во останатите случаи автоматизацијата би опфатила дел, а процентот секако се разликува зависно од тоа за која професија станува збор. Но, предвидувањето е дека ова ќе го почувствуваат сите – од општи работници во производство, до извршни директори.

Ова значи и дека работните позиции ќе се изменат, односно AI ќе стане комплементарна алка во она што сега се согледува како строго човечка задача. Пример, ако во иднина алгоритам може да чита скенови на пациенти со висока прецизност, тоа ќе им помогне на лекарите при поставување на дијагноза.

Друг пример е селектирање на соодветни кандидати во рамките на една компанија. Во морето на вработени и примени CV-ја, одделот за човечки ресурси ќе има полесна задача да најде соодветен кандидат доколку има систем кој автоматски ќе му го сугерира најдобриот кандидат преку едноставно пребарување на конкретните вештини што се бараат за одредена позиција. Притоа, дополнителен бенефит е што субјективниот елемент ќе се исфрли на сметка на компетенциите. 

ai-business

 

Иднината на работните места – професии што ќе бидат барани

Дебатата дали AI односно автоматизацијата ќе влијае на работните места е присутна веќе подолг период. Наједноставниот одговор на ова прашање е: Да. Оној покомплексниот е дека премногу фактори влегуваат во дебатата за да се одговори едноставно. На пример, извештајот издаден од World Economic Forum вели дека до 2025 AI ќе влијае врз креирањето на 97 милиони нови работни места. На сметка на ова факт е дека ќе се намали побарувачката за одредени професии, но и ќе се создадат нови хибридни работни позиции што не постојат сега.

jobs-future

Целата ситуација што владее во светот како резултат на пандемијата секако влијаеше нештата да добијат забрзано темпо. Пример, компании едноставно мораа да автоматизираат процеси поради недостиг на работници за да не трпи ланецот на снабдување со производи. Но, стравот дека автоматизацијата ќе збрише работни места на моменти е многу посилен од поверојатниот видик кон иднината, во која технологијата и човекот ќе ко-егзистираат и ќе се надополнуваат за подобро завршување на работните задачи. Технологијата е алатка, која доколку се искористи правилно влијае на подобрување на нештата. Да, некои работни места ќе престанат да постојат, но на нивно место ќе се појават нови, други ќе добијат поинаков изглед од овој што го знаеме сега, голем број на вработени ќе треба да стекнат нови вештини, но несомнено светот ќе се адаптира на новата ситуација.

Веројатно една од најдобрите насоки за иднината е да бидеме подготвени да ги надградиме вештините за да се носиме со промените што ќе ги донесе новата технологија.

Направете го првиот чекор кон вашата иднина.

Од нашиот блог