„Секој проект е уникатна приказна која го збогатува знаењето“

нида карамети

Во професионалното резиме на Нида Карамети се наоѓаат Business Intelligence проекти кои покриваат различни области како што се продажба, маркетинг, финансии… и истите опфаќаат искуство и допир со клиенти од различни земји вклучувајќи ги и локалните. Во нејзиниот случај, таа ќе ви каже дека токму можноста да работи на комплетно различни области и соочувањето со нови предизвици е една од најголемите причини зошто ја сака својата работа.

Со неа поразговаравме за почетоците во Data Masters, за тоа кој дел од работата ѝ претставува задоволство, колегите и професионалните предизвици.

 

Во тимот на Data Masters си токму една година. Како ти изгледаше светот на BI на почетокот и какви се твоите сеќавања од првото запознавање со компанијата?

BI е нова гранка, особено кај нас во Македонија, затоа на почетокот бев многу возбудена и желна да научам нешто што е ново и корисно. Токму таа шанса ми ја даде Data Masters. Кога јас влегов во компанијата беше единствената компанија која организираше обуки за BI, а воедно и компанија која работи на проекти ширум светот. Јас всушност преку обука влегов во BI одделот на Data Masters и можам да кажам дека целокупното искуство до овој момент ги исполни очекувањата. Уште на почетокот веднаш се вклопив, за што огромен придонес имаше тимот околу мене, особено моите менторки Дани и Дина.

Беше потребно одредено време за комплетно да се ја осознаам професијата и што сè вклучува истата. Потоа научив самата да си ги препознавам грешките и да ги поправам, што јас го сметам за личен напредок.

 

Со каква позадина, односно знаење влезе во BI и колку она што го знаеше ти помогна побрзо да ја совладаш работата?

Јас имам дипломирано на ФИНКИ, факултет кој ми даде позадина и почетна подготовка од различни предмети повразни со бази на податоци, анализа и дизајн на системи, моделирање на бизнис процеси итн…

За време на студиите сакав да учам бази на податоци и како изборни на факултет одбирав таков вид на предмети. Севкупно гледано можам да кажам дека токму изборот на овој вид на предмети многу ми помогна за понатамошната надградба. Јас всушност паралелно студирав и слушав обука во Data Masters. Мојата менторка Дани ја држеше таа обука и заедно со неа сè повеќе и повеќе навлегував во суштината на BI. Знаењето стекнато од факултет и обуката за BI беше доволна комбинација за јас да започнам со работа на реален проект со клиент.

 

Во процесот на вклопување, секако големо влијание имаат и колегите, односно членовите на тимот. Колку нивното водство придонесе за полесно да го поминеш почетниот стадимум на вклопување и како генерално гледаш на тимскиот дух присутен во Data Masters?

Би рекла дека тоа е една од големите придобивки да се биде дел од Data Masters, внатре има еден колегијален дух и соработка што може само да се посака. Јас лично сметам дека колегите влијаат 50% на личниот успех во компанијата и искуството овде само ми го потврдува тоа. Вклопувањето беше лесно за мене, бидејќи по природа сум адаптивна личност, но исто така ја сакам тимската работа. На почетокот моја менторка беше Дани, додека искуството со реален проект ми беше пренесено од страна на другата моја менторка Дина, која одлично ме воведе во работата.

Една од предностите тука е што работиме агилно, нема строга формалност, а тоа особено помага за да се задржи континуитетот во работењето и да не се „загушиме“ во стегите на строги процеси. Сето она што јас го стекнав овде до овој момент, потоа го пренесов на новите членови кои ни се придружија, така што го продолжив она што моите колеги ме научија мене на почетокот.

 

Во досегашниот тек, имаш работено на повеќе проекти од различни области (продажба, маркетинг, финансии). Што е предноста на оваа динамика на работење и која област најмногу ти се допадна за работа?

Дефинитинвно работата на проекти од различни области има огромна предност особено за човек како мене што не ја сака рутинската работа и сака промени. Предноста на оваа динамика е што како професионалец те тера на некој начин да излезеш надвор од техничкиот дел и комфор зоната, односно овозможува да запознаеш нови сфери, да согледаш како функционира маркетинг процесот во една компанија, како се движи продажбата или како се следат финансиите.. Сето ова придонесува да се разбере што сака да постигне клиентот.

Суштината на BI e токму тоа – да се согледа кои се барањата на клиентот од бизнис аспект и врз основа на тоа да му се предложи соодветно решение, земајќи ги во предвид продажбата, маркетингот, финансиите. Работев на проект каде што направивме спојка помеѓу маркетинг и продажба и токму таа спојка мене ми се допадна највеќе.

 

Воедно, имаш искуство и со локалниот пазар како и со светски проекти. Кога ќе направиш споредба, како ни оди нас локално со имплементацијата на BI во работењето? Дали компаниите ја подигнаа свесноста од нејзината потреба и примена?

Би рекла дека ние сè уште сме на почеток, но BI брзо се развива на нашиот локален пазар. За тоа особено зборуваат нашите проекти за домашни клиенти, што особено ме радува. Нашиот пазар е сè позаинтересиран за имплементирање на светските стандарди и на добар пат сме. Мал дел од компаниите во нашата држава имаат примена на BI во нивното работење, голем дел сè уште не знаат што сè нуди BI и колку ја олеснува работата.

Точно е дека на светско ниво има поголема свесност за потребата од имплементација на BI во работењето, но јас би рекла дека тоа почнува да се пренесува кај нас. Јас имам позитивни искуства од соработката со македонските клиенти и би сакала да продолжиме со темпото на имплементација со цел што е можно побрзо да им покажеме на компаниите кои се предностите на BI.

Секој пазар е специфичен и ја носи и културата на живеењето на самите клиенти со себе, за мене лично тоа е голем бенефит од работењето во Data Masters – ми помага да согледам различни светови и пристапи.

 

Кој е твојот најголем двигател во работењето?

Претходно споменав дека не сакам рутинска работа и токму затоа сметам дека излегувањето од комфор зоната и потребата постојано да се учат нови нешта се моите главни двигатели во работењето. Моментот кога ќе го видите резултатот од својата работа е посебно чувство што тешко можам да го опишам. Сениорите во компанијата со своето знаење, искуство и однос кон сите нас, вклучувајќи ме и мене се разбира се исто така огромен поттик во работењето. Без разлика на предизвикот, секогаш можам да сметам на нив, а тоа особено ми значи мене за да се изградам како професионалец.

Двигател ми се и самите предизвици што со себе ги носи работата. Во пракса сите нешта имаат одговор, можеби треба повеќе време да се стигне до крајната цел, но таа постои. Многу пати ми се потврдило тоа во мојата работа и е само уште еден показател дека секој предизвик има решение.

 

На тема предизвици, што за тебе е најголем предизвик во секојдневното работење?

Новитетите. Секој проект е уникатна приказна која го збогатува знаењето. Секој нареден проект ти нуди ново знаење. Токму тие нови и непознати работи ми претставуваат предизвик. Исто така се запознавам со нови луѓе, нови карактери. Секој клиент е различен и на различен начин комуницира. Секој проект има различна тематика, различни податоци, различни барања. Сите овие работи ми претставуваат предизвик.

 

Преносот на знаење е една од главните карактеристики на работата во Data Masters. Кон ова се надоврзува buddy системот во кој се пренесува не само знаење туку и духот на компанијата. Како гледаш на овој пристап?

Би рекла дека е неопходен процес и среќна сум што го имаме во компанијата. Првите чекори во ново место се предизвик и многу е важно некој да ве води низ сето тоа. Buddy системот ми овозможи јас да го направам за новите членови, она што Дани и Дина го направија за мене.

На лично ниво, можноста да го пренесам духот на компанијата и знаењето на новите членови е одлично искуство! Секогаш се ставам на нивно место, знам какво е чувството да се биде практикант, знам што очекуваат од мене и знам како да го пренесам моето знаење. Емпатијата игра голема улога тука. Не треба да заборавиме дека во еден момент секој од нас бил нов во компанијата.

 

Комуникацијата со клиенти е секако уште една важна компонента, посебно во област во која е суштинско да го разбереш проблемот. На што те научи досегашната работа со клиенти и што сметаш дека е најважно во комуникацијата со нив?

Секој клиент си има свој начин на комуникација. Комуникацијата во денешно време е сè повеќе дигитализирана (видео состаноци, мејл комуникација..) што секако значи нова динамика и потребата да се развие способност да се постават вистинските прашања за секој клиент засебно. Токму тоа ме научи досегашната работа – да знам кои прашања да ги поставам на еден клиент. Бидејќи со точно поставено прашање го добиваш одговорот кој ти е неопходен за да го решиш дадениот проблем.

Исто така научив да балансирам, бидејќи мора да се има предвид дека навистина клиентот многу често е во право и најважно во комуникацијата е да знаеш да го сослушаш за да се дојде до најпосакуваното решение.

 

Што би ги советувала оние кои сега ги прaват првите чекори во областа на Business Intelligence? 

 Живееме во период кога сите информации што ни требаат ни се достапни во поголем обем од било кога, а BI е гранка во која и тоа како ви се потребни свежи и релевантни информации. Тоа е море од знаење. Ги советувам моите идни колеги и колешки да го искористат тоа максимално. Да бидат желни сè повеќе да научат нешто. Првите чекори секогаш се најтешки, бидејќи пред сè ја запознаваш областа, но исто така паралелно се запознаваш самиот себе. Затоа, би им порачала никогаш да не се откажуваат и самите да си создадат предизвици коишто ќе ги мотивираат да прават чекори напред.

Направете го првиот чекор кон вашата иднина.

Од нашиот блог