Во рамки на Академијата Data Masters, постојат бројни примери за студенти кои во континуитет ја одбираат истата за да го надградат знаењето. Еден од нив е Ристо Ѓуров кој првично го запознавме преку Академијата за Data Science, за потоа да се одлучи да ја посетува и обуката Stock Market Predictions (Machine learning approach).
За себе вели дека е личност која „не може да не прави ништо“, односно чувствува потреба одново и одново да учи нови нешта и тоа е една од неговите мотивации што го води напред. Неговата работна позиција како Раководител на подружница во Гевгелија во Водостопанство на Македонија секојдневно го соочува со различни предизвици, но во најголем дел неговата работа е поврзана со податоците и нивната анализа – насока во која и постојано го надградува своето знаење.
Високото образование го имаш комплетирано на Економскиот факултет во Скопје на отсек менаџмент. Што те привлече кон економските науки и колку она што го работиш сега се совпаѓа со визијата што ја имаше во тие денови за насоката во која би се движела твојата кариера?
Отсекогаш сум прифаќал дел од одговорноста за општиот развој на општеството преку управувањето, па оттука и желбата да изучувам менаџмент како дел од економските науки.
Сепак, брзиот напредок во одредени области, а посебно во технологијата предизвикува потреба за адаптибилност и флексибилност.
Бидејќи живееме во едно динамично општество и тоа посебно ако го следиме развојот во светски рамки, клучно е во вакви услови да се биде флексибилен и адаптибилен кон светските трендови, а сè со цел за поефикасно и поефективно извршување на зададените цели.
Согласно тоа, визијата што ја имав за мојата кариера во студентските денови само делумно се совпаѓа со насоката во која истата се движи денес, што врз основа на погоре споменатото го сметам за позитивна работа.
Твоето портфолио е преполно со сертификати од различни видови на надградби на знаење. Што те мотивира да се движиш напред, постојано совладувајќи нови области?
Како личност сум така скроен што чувствувам потреба за постојано надградување и усовршување на моето знаење и тоа не само од професионален аспект, туку и од аспект на некои други области за кои имам голем интерес. Сметам дека изучувањето на различни области придонесува за градење на еден систем на знаење и вредности кој е апликативен во секоја сфера од секојдневното живеење и истиот ни овозможува подобро да разбереме како функционираат работите кои нè опкружуваат, а со тоа ни овозможува и да дадеме поголем позитивен придонес во општеството.
Од каде љубовта кон Data Science? Всушност, како изгледаше првото запознавање со оваа наука?
Мојата љубов кон Data Science започна доста пред да го имам првото искуство со изучување на оваа област. Уште пред да се запишам на Data Science Академијата на Data Maters разгледував магистерски програми за Data Science низ светот кои за жал во тој период од различни причини ги сметав за недостапни.
Интересно е тоа што за прв пат разбрав што е Data Science надвор од бизнис аспект и тоа од мојата љубов кон космологијата како наука. Тогаш всушност сфатив како се прават сите тие предиктивни модели врз основа на кои се изградени најразлични теории за однесувањето на универзумот и објектите во него.
Зошто ја одбра токму Академијата на Data Masters за да изучуваш Data Science и колкав предизвик беше да се комплетира истата?
Уште од моментот кога видов дека постои Академија за Data Science во нашата држава, мојот интерес за истата беше огромен. До тогаш не ја знаев Data Masters како компанија, но по краткото истражување што го направив и по воспоставувањето на комуникација со компанијата повеќе немав дилема каде ќе изучувам Data Science. Освен тоа што ме привлече пријателскиот пристап на сите во Data Masters, голема улога во мојата одлука имаше и професионалната позадина на Филип, Мартина и другите предавачи на Академијата.
Во однос на комплетирањето на истата морам да кажам дека за мене беше голем предизвик, пред сè поради тоа што за да присуствувам на предавањата патував два пати неделно на релација Гевгелија – Скопје и назад. Сепак, со оглед на тоа дека по комплетирањето на Академијата многу појави од опкружувањето почнав да ги гледам преку призма на Data Science како наука, како и со оглед на тоа што многу работи во животот ми станаа појасни, можам да кажам дека сето тоа на крајот се исплати.
Велиш дека завршниот проект на Академијата бил особено голем предизвик од кој имаш научено многу. Во што се состоеше истиот?
Завршниот проект на Академијата го работевме во група заедно со Ристе, Коста и Никола и истиот се состоеше од неколку dataset-ови со кредитна историја на бројни компании. Целта беше да ја предвидиме веројатноста за credit default на одредена компанија врз основа на нејзините параметри од кредитната историја. За мене најголем предизвик беше интегрирањето и прочистувањето на сите тие табели на податоци во една врз основа на која ги правевме предвивдувањата со помош на Machine Learning модели.
Несомнено Data Science е присутна во голем број на области, всушност и самиот посочуваш дека по завршувањето на Академијата насекаде ја гледаш нејзината примена. Во кои области според тебе, оваа наука ќе донесе најголем придонес?
Сведоци сме на огромниот придонес и примена што го има Data Science во медицината, финансиите, маркетингот, социјалните медиуми и како што претходно споменав космологијата. Сепак со оглед на тоа што живееме во една дигитална ера и во време кое обемот на податоците расте со огромна прогресија од година во година, сметам дека придонесот на Data Science допрва почнува да се согледува и дека истиот во иднина ќе станува сè поголем и поголем.
Во кои домени од твојата работа го применуваш она што го изучуваше на Академијата?
Академијата пред сè придонесе да ја согледам важноста на податоците и нивното чување како и да изградам сопствен mindset кој е аналитички настроен и кој во податоците бара начин за подобрување на функционирањето на работите. Во однос на мојата работа конкретно, со помош на Data Science правам анализа на податоците од работењето во изминатите години и врз основа на тоа добивам претстава и планирам каде ќе се движат работите во иднина во однос на потрошувачката на вода, како и при формирање на цените за услуги врз основа на начинот на прибирање и количината на резервирана вода.
Ти си еден од оние студенти кои Академијата ја слушаа со физичко присуство на класичниот начин, за потоа поради пандемијата да продолжиш со групата следејќи ги предавањата онлајн. Која е предноста на едното и другото?
Секако дека и едниот и другиот начин имаат свои предности. Во однос на физичкото присуство сметам дека најголема предност е интеракцијата помеѓу сите студенти и предавачите „во живо“ што овозможува размена на искуства и потенцијални проблеми (и нивно разрешување) на еден попријатен и поразбирлив начин.
Предноста пак на онлајн предавањата е во тоа што освен што се следат тековно истите можат да се снимат и да се прегледуваат повторно како и да се стопираат во случај да нешто е нејасно и за тоа „нешто“ да се побара појаснување.
Наскоро ќе ја комплетираш и обуката Stock Market Predictions. Зошто ја одбра токму неа за надградба на знаењето и како гледаш на практичната примена од она што го изучуваш во нејзини рамки?
Ја одбрав оваа обука од причина што акциите и финансиските пазари ми се предмет на голем интерес уште многу одамна. Всушност, сум посетувал и други обуки и курсеви за финансиски пазари, но никогаш со толку детално навлегување и изучување на техники за техничка и фундаментална анализа.
Примената на знаењето добиено од оваа обука се надевам дека ќе ми помогне во носење подобри одлуки при инвестирање во акции и други хартии од вредност како и за евентуална промена на кариерата кон финансиската индустрија.
Кој беше најголемиот предизвик од оваа обука и кој дел ти беше најинтересен за совладување?
Најголемиот предизвик од оваа обука беше совладувањето на невронските мрежи, односно разбирањето на кој начин истите функционираат и се градат. Бидејќи ова ми беше прва “средба” со невронските мрежи истите ми беа најинтересниот дел од обуката.
Многу лесно може да се согледа дека си личност која не запира, туку постојано наоѓа нови предизвици. Како успеваш да се справиш со сите нешта и да одржиш баланс помеѓу работните обврски, надградбата на знаењето и приватниот живот?
Сметам дека перфектен баланс не постои или барем не е стандардизиран и поставен по некое правило. Согласно тоа, во текот на животот како ќе го правиме овој баланс зависи од приоритетите кои ги имаме во одреден период. Тоа што треба да направиме е да се погрижиме да тие приоритети се работите кои прават да се чувствуваме исполнети.