На кафе со Мартина и Илија

na-kafe-so-martina-i-ilija

Во пресрет на претстојната обука за анализа на податоци во Python, седнавме на кафе со Мартина и Илија за да споделат дел од своите искуства како консултанти, а воедно основачи и предавачи на оваа обука.

Како предводници на Data Science заедницата во Македонија, тие секојдневно се обидуваат оваа просперитетна кариерна ориентација да ја развијат и приближат до се пошироката публика на нашите простори.

За сите оние кои што не ги знаете досега, Мартина Наумовска е нашиот Head of Data Science во Data Masters, основач и ментор на Data Science Academy која своето искуство секојдневно го пренесува како на вработените така и на нашите студенти на Data Science академијата.

Илија Филиповски е Data Scientist во Data Masters, асистент на Data Science Academy и предавач на обуката за Анализа на податоци во Python.

Мартина, како би се опишала себеси со три збора?

Мартина: Хмм, па ако морам да изберам нешто поконкретно, би кажала дека сум многу амбициозна,многу друштвена и искрена 🙂

Која е твојата најсилна, а која најслаба страна?

Мартина: Дефинитивно мојата најсилна страна е организираноста и комуникативноста бидејќи успевам да го извлечам најдоброто од луѓето и сум тимски играч кој се стреми да изгради квалитетен тим. А за мојата најслаба страна сметам дека е мојата трапавост и грицкање нокти хаха 🙂

Која е твојата главна инспирација во животот?

Mартина: Развојот на нашата држава како Data Science заедница е мојата најголема животна инспирација од професионален аспект. Додека на приватен план сакам да посетам што е можно повеќе земји и да се запознаам со различните култури.

Кои вештини според тебе се најважни за успех како Data Science консултант?

Маритна: Според мене добар Data Science консултант е оној кој размислува брзо и логично, и кој знае да го сослуша клиентот со цел да осмисли решение со кое двете страни би биле задоволни. Исто така, професионалец во секоја област е оној кој си го познава својот тим, има техничко познавање од областа и секако, да биде способен да го разбере бизнисот на својот клиент.

Опиши го твојот leadership style и наброј неколку пречки со кои си се соочила како team leader.

Мартина: Мојата организација и начинот на водење на еден тим се заснова на поставување јасно дефинирани цели, задавање обврски соодветни со степенот на познавање, со цел да се реализираат задачите и ефикасно да се решат проблемите во најкраток можен рок. Притоа се обидувам да внимавам да не им ја ограничам креативноста и слободата на членовите од мојот тим, целите да бидат постигнати, и најважно од се, сите да останеме мотивирани за следните предизвици.

Kако е да се работи во Data Masters?

Мартина: Идеологијата на Data Masters при нејзиното основање беше да обезбеди “дом” за млади таленти кои сакаат да растат и да се развиваат во областите на Business Intelligence & Data Science. Токму поради тоа секојдневно се трудиме компанијата да го задржи младиот дух, дружењето и позитивната енергија. Морам да додадам дека и студентите на Академијата станаа дел од нашето Data Masters семејство.

Илија: Функционираме како заедница без поделби. Покрај тоа што сме колеги, сме и пријатели, во и надвор од канцеларија. Самата фирма се стреми кон тоа да создаде Data Driven Community кое што ќе се дружи и ќе соработува.

Илија, кој си ти надвор од канцеларијата, и што најмногу сакаш да правиш во слободно време?

Илија: Многу сакам спорт, омилени ми се фудбал и фитнес а наскоро планирам да се насочам и кон планинарење. Сакам видео игри, сакам да излегувам со другарите, сакам тестенини… Отприлика овие активности ми го исполнуваат слободното време 🙂

Како започна твојата приказна со Data Masters?

Илија: Приказната започна на една од обуките организирана токму од Филип, кој е CEO на Data Masters и еден од предавачите на обуката за моделирање на податоци и Business Intelligence. Самата обука не беше поврзана со Data Science, но сепак сакав полека да се насочам кон работа со податоци. Подоцна слушнав и за другите можности и без размислување се пријавив на обуката за практична примена на Data Science. Набргу започнав да одам секојдневно во Data Masters како практикант, подоцна се вработив и сега сум дел од тимот на Data Masters 🙂 Сега ја имам можноста да го споделам своето знаење кое што го стекнав на самите обуки и искуството работејќи во оваа компанија со нашите идни студенти кои се заинтересирани за Data Science, и да им помогнам на оние кои што сакаат да работат со податоци, да најдат смисла во своите податоци или едноставно да се спасат од секојдневното работење во Excel.

Дали сметаш дека подобро се снаоѓаш во улога на предавач или Data Scientist?

Илија: Не можам да кажам за себе дека сум класичен предавач или професор. Во Data Masters сум дел од консултантскиот тим посветен на Data Science (или подобро кажано, Data Science тимот) и асистент на академијата за Data Science и сите останати обуки, а сега и предавач на обуката анализа на податоци во Python. За себе би кажал дека сум Data Scientist што сака да го сподели своето знаење и искуство.

Што би им препорачал на сите оние кои се двоумат да го започнат својот кариерен пат во Data Science?

Илија: Да не се двоумат. Самиот факт што Data Science е комбинација од 3 различни домени (IT, Mathematics and Statistics, Business) кажува дека полето е просперитетно и уште повеќе ќе расте и ќе се развива.

Направете го првиот чекор кон вашата иднина.

Од нашиот блог